Зошто Мицкоски би им верувал на маркетите кои се казнети за картелско здружување?

Фото: Скриншот од Јутјуб каналот на Владата на РСМ

Постои аргументиран впечаток за неуверливоста на смирувачките изјави на премиерот дека ќе ги предупреди претставниците на ланците маркети, за да не ја користат ситуацијата за зголемување на цените поради зголемувањето на цените на горивата

Постои аргументиран впечаток за неуверливоста на смирувачките изјави на премиерот дека ќе ги предупреди претставниците на ланците маркети, за да не ја користат ситуацијата за зголемување на цените поради зголемувањето на цените на горивата. А со тоа дополнително се креира простор за дезинформации, манипулации и шпекулации во информативниот простор и на социјалните мрежи

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицкоски  деновиве во одговор на новинарски прашања  (10.03.2026) рече дека како влада оцениле дека нема потреба од воведување на кризна состојба во врска со зголемувањето на цените на горивата, бидејќи добрата вест било тоа што цената нафтата на светските берзи паднала на 80-тина долари по барел. Исто така рече дека антикризните мерки што ги предлагаат од СДСМ се „соцболшевизам“, дека будно ја следат состојбата, но и дека не исклучуваат зголемување на инфлацијата поради екстерни фактори. А во контекст на будноста, ја најави и средбата со претставниците на ланците маркети (11.03.2026) со цел да им укаже да не ја користат состојбата и „веднаш да се зголемат цените“ и со тоа притисокот од очекуваниот инфлаторен бран да падне на товар на граѓаните:

Јас во текот на утрешниот ден (11.03) ќе имам состанок и со ланците супермаркети. Сакам и со нив да поразговарам, да не се користи сега овој притисок за веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошничка врз граѓаните, за да не мораме ние како влада да преземаме друг тип офанзивни мерки. Комисијата за заштита од конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на мало и на големо и врз основа на нивното однесување така и Владата ќе се однесува. Така што очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните, за и ние како Влада да бидеме фер кон нив, односно заеднички да го заштитиме стандардот на граѓаните, кажа Мицкоски( види од 10.30 до 11.17 мин од изјавата).

Целата изјава и контекстот во кој е дадена може да се погледне тука или тука).

Контекст

Изјавата на премиерот, иако на прв поглед делува смирувачка и дека извршната власт ја има во свои раце контролата на тензичната ситуација поради веќе големото зголемување на цените на горивата (бензинот за 5, а дизелот за 14,5 денари), сепак во два дела е проблематична и не толку уверлива или смирувачка. Тоа го покажуваат и реакциите на сите партии од парламентарната опозиција (види тука, тука и тука), но особено може да се види и на социјалните мрежи, а и на дел од дебатните емисии каде гостуваат аналитичари и економисти. Со таквата изјава на премиерот просторот за шпекулации, манипулации и дезинформации е широко отворен за сите заинтересирани за таквите активности.

Аргументи за впечатокот на неуверливост

Првиот дел од впечатокот на неуверливоста на изјавата на премиерот е во однос на севкупната контрола на состојбите од страна на државата преку проценките што ги прават (тука спаѓаат и аналитичките извештаи на надлежните разузнавачки служби, но и проценките на Министерството за финансии, за економија и труд, како и проценките на Народната банка…). Вториот сегмент се однесува на контрола на пазарот преку инструментите на државата, при што се апострофирани  Комисијата за заштита од конкуренцијата (КЗК) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Зошто постои впечатокот, врз база на аргументи, за неуверливоста на изјавата на премиерот?

Очекуваното зголемување на цените на суровата нафта и нафтените деривати беше најавувана од крајот на февруари, кога САД и Израел извршија масовен напад врз Иран од превентивни причини. Цените на берзите веднаш пораснаа и од стабилните 60-70 долари по барел и во неделата и понеделникот (на 8-9.03.2026) достигнаа речиси 120 долари по барел. Ова значи дека скокот на берзанските цени беше предвидлив околу десетина дена пред да се достигне рекордот. Во тој период мерки од Владата не беа направени, иако беа најавени како можни за завчерашната (10.03.2026) седница на Владата. Да не го заборавиме и Советот за безбедност при претседателката на државата одржан два дена по почетокот на конфликтот, по кој пораката беше дека состојбата будно се следи и дека „ние не сме во моментов изложени на нестабилност, ниту има опасност по безбедноста внатре и во регионот“(види тука).

Единствено што Владата презеде како прв чекор е состанок на премиерот со претставниците на увозниците и дистрибутерите на нафта и нафтени деривати, од кој исто така произлезе смирувачка порака дека овие енергенси ги има во доволни количини.

Регулаторната комисија за енергетика во меѓувреме итно го менува правилникот за работа во текот на минатата недела ( 4.03.2026 г.) и наместо најмалку двапати неделно воведува метод за проценка на состојбата еднаш неделно, секој понеделник, при што ќе се нивелира цената на горивата на пазарот. За ефектите дел од медиумите пишуваа со критички тон.

Граѓаните за новата многу поголема цена на горивата стануваат свесни преку викендот и особено во понеделникот пред и по состанокот на РКЕ, а состојбата на терен покажа дека во многу голем број на случаи дизелот по пумпите или го немаше или беше ограничуван, додека бензините се продаваа релативно без проблем. За тоа сведочат огромен број извештаи на медиумите и огромен број постови на социјалните мрежи (за медиумите види тука). Се разбира, од страна на властите преку разни официјални и неофицијални канали вината беше префрлена врз граѓаните кои побрзале да ги наполнат резервоарите без потреба, зашто заштедата ќе била мала. Притоа се заборави на фактот дека на 50 литри гориво (дизел) разликата достигнува близу 15 евра по резервоар и дека за многу голем број граѓани таа сума е значајна во нивните домашни буџети.

Во овој период Владата реагира со контроли на ДПИ по бензинските пумпи при што биле направени околу 300 контроли, при што не било забележано шпекулативно работење на компаниите од нафтената индустрија, со исклучок на 30-тина пумпи кои сè уште ќе биле под надзор.

Фото: Мета.мк/архива

Секој малку поинформиран граѓанин, а не пак економски аналитичар, знае дека компаниите од нафтената индустрија не ги склучуваат договорите за увоз на гориво од денес за утре, т.е. на неделно ниво, туку ги склучуваат на неколку неделно, на месечно, а понекогаш и на подолготраен временски рок, кога состојбата во геополитиката е мирна и кога берзите се релативно стабилни (Може да се види и од овој линк за движењето на цените на нафтата од типот Брент, каде што се зборува за договорите за април).

Оттука, сосема е јасно дека особено големите играчи од нафтената индустрија во С. Македонија (а тоа се три – четири најголеми), дериватите ги имаат купено и складирано по многу пониски цени од пресекот на берзанските врз кои РКЕ ја донесе одлуката за зголемување на бензините за 5, а на дизелот за 14,5 денари. Впрочем, за тоа како профитираат нафтените компании и во услови на светски кризи говори овој текст на медиумот Пари од 2023 година.

И повторно тргнувајќи од овие аргументи, има голем простор за сомнеж во кажувањата на ДПИ и на самите нафтени компании, дека немало шпекулативни и картелски поврзани дејства во текот на неколку дена, со цел поевтино купениот производ да го продадат по значително повисока цена. Од СДСМ уверуваат дека разликата се движи околу 3 милиона евра поскапо за седум дена, податок кој до објавување на овој текст не беше суштински демантиран.

Зошто Мицкоски би им верувал на ланците маркети?

Вторта причина за неуверливоста на завчерашната изјава на Мицкоски дека состојбите се под контрола, е изјавата за средба со претставниците на ланците маркети на која кои ќе ги предупредува да се воздржат од зголемување на цените веднаш, за да не паднел товарот врз граѓаните. Премиерот добро знае дека зголемување на цените на горивата ќе има одраз врз цените на транспортот, а со тоа и врз цените на производите. Затоа делот од реченицата да нема со зголемување на цените веднаш, всушност укажува дека ќе има одредено зголемување. Амортизерот што треба да ја смири јавноста е предупредувањето дека државата може „да презема офанзивни мерки“ кон маркетите.

Но, посуштински гледано, зошто премиерот, а преку неговата изјава и граѓаните, да им веруваат на ланците марките кога веќе постојат факти дека тие во блиското и подалечното минато не се доверливи од аспект на шпекулативно играње на пазарот, дури и картелско здружување, коешто е регулирано со посебни закони (Законот за заштита на конкуренцијата, чии последни измени се во јануари 2025 г., како и Законот за забрана на нефер трговски практики).

Самата држава преку КЗК и со помош на ДПИ, има изречено повеќе санкции врз ланците маркети, а она за картелско договарање на цените беше многу скоро во ноември лани. На него потсети и министерот за економија Бесар Дурмиши на 04.03.2026 кога изјави дека 30 казни се изречени на четири компании за картелско здружување, односно дека компаниите, во соработка со една стопанска комора, вештачки ги покачувале цените, влијаејќи врз целиот пазар. Дурмиши рече дека се чекаат одлуки од судот за овие трговци“(извор тука). Казните изречени лани во ноември за кои зборува Дурмиши, се однесуваат на 4 ланци маркети, плус за Сојузот на стопански комори(ССК) кој посредувал, и се во висина од по 50 илјади евра, плус околу 16 илјади за ССК (извор тука).

Кон овие податоци треба да се има предвид дека поединечни казни за трговците на големо и мало со прехранбени производи изрекува и ДПИ, но и Агенцијата за храна и ветеринарство, која во јануари 2026 г. изрекла казни во вкупна вредност од околу 40 илјади евра преку 22 казни „на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава“ (извор тука).

Па затоа, кога премиерот ги уверува граѓаните да бидат спокојни и дека за она што зависи од државата Владата презема мерки, вклучувајќи ја и средбата со ланците маркети и контролите на инспекциите и другите институции, постои аргументиран впечаток на неуверливост на ваквите изјави. Конечно, зошто премиерот би им верувал на ланците супермаркети кога самиот тој изјави уште лани на почеток на 2025 г., дека некои од нив водат војна со Владата (види тука).

А кога постои неуверливост на смирувачките изјави од првиот човек на извршната власт, просторот за шпекулации и дезинформации во информативниот простор и преку социјалните мрежи е широко отворен за сите заинтересирани за тоа.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција