Треба ли власта да му се лути на Бујар Османи?

Османи и Генчова, 2022 г. Фото: Мета.мк/МНР/веб

Бујар Османи секако не преговарал сам ниту за Преговарачката рамка со ЕУ, ниту за содржината на вториот Протокол од Меѓувладината комисија меѓу Скопје и Софија. За и околу создавањето на овие документи суштински, процедурално и легално учествуваа, беа информирани и ги одобрија сите надлежни институции во државата

Бујар Османи секако не преговарал сам ниту за Преговарачката рамка со ЕУ, ниту за содржината на вториот Протокол од Меѓувладината комисија меѓу Скопје и Софија. За и околу создавањето на овие документи суштински, процедурално и легално учествуваа, беа информирани и ги одобрија сите надлежни институции во државата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Писмото упатено од поранешниот претседателски кандидат на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи до актуелниот премиер Христијан Мицкоски ја реактуелизираше темата за македонските евроинтеграции, донесе некои нови признанија и заклучоци, но и го отвори прашањето за тоа дали Османи додека бил министер заткулиснo преговарал (и со Софија) околу обврските што треба да ги исполни С. Македонија за ефективно започнување на преговорите за пристапување во Унијата. Бидејќи оваа тема е предмет и на бројни дезинформации и по социјалните мрежи, упатно е да се потсети јавноста како течеа некои процеси, особено во јули 2022 година.

Османи во писмото има главно тврдење во поглед на ова – сè што правев, правев со знаење и дозвола од надлежните. ВМРО-ДПМНЕ на ова му одговори во соопштение дека со писмото признал дека водел заткулисни преговори за етнички прашања за Македонците со дозвола од СДСМ. По ова, во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ следува реченица која е можеби прва директна оценка од оваа партија дека Брисел не само што ни е далеку, туку дека ни е уште подалеку од претходно:

А што имаме ние од признанието на Бујар Османи денес? Македонија понижена, а европските интеграции никогаш подалеку.

Вака коментира ВМРО-ДПМНЕ, од каде потоа го напаѓаат Османи и за корупција заедно со ДУИ во текот на изминатите две децении, итн.

 

Главниот „кабает“ не е кај Османи

Доколку се направи мала ретроспектива на односите меѓу Софија и Скопје како услов за европските интеграции, треба да се споменат три моменти – потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, ветото од Бугарија во 2020 година и преговарачката рамка по т.н. француски предлог,  во која (и) Бугарија „избоксува“ како општи задолжителни услови да влезат почитувањето на договорите со Атина и Софија, вклучувајќи ги и протоколите, т.е. одобрените записници од двете влади за постигнатиот напредок во односите меѓу С. Македонија и Р. Бугарија (член 5 став 4 од Преговарачката рамка).

Протоколите, т.е. записниците за напредокот во односите за кои се договараат владите во Скопје и Софија произлегуваат директно од Договорот за пријателство, (чл. 12), a меѓу оние нешта за коишто треба да се констатира напредок, се и резултатите од Mешовитата комисија за историски и образовни прашања.

Токму напредокот и затворањето на прашањата за Светите Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум, како и за цар Самоил, согласноста на С. Македонија да ги внесе во Устав Бугарите како малцинство, како и некои други преземени обврски, го овозможија вториот Протокол меѓу Скопје и Софија што беше потпишан во Софија на 17.07.2022 година, по што беше одржана првата меѓувладина седница меѓу РСМ и ЕУ со којашто беше потврдена Преговарачката рамка.

Ако се задржиме на вториот Протокол и ако тој добро се разгледа, ќе стане појасно зошто и денес се крева огромна прашина за заглавените евроинтеграции на земјава и се употребуваат жестоки зборови во меѓупартиските комуникации со јавноста.

Важните точки од Протоколот содржат повеќе услови за Северна Македонија, а Бугарија прифаќа две работи  – потпишување без резерва на договорот меѓу Скопје и ЕУ за ФРОНТЕКС и согласност на Софија да го крене ветото и да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ за започнување преговори(стр.20 од Протоколот).

Она што треба да го спроведе РСМ како обврска е промена на Уставот и внесување на Бугарите во него за да започнат и де факто преговорите со ЕУ, потоа серија мерки за сузбивање на говорот на омраза (стр.21 и 22), серија мерки посветени на елиминација на дискриминација (стр.24), заштита на културата и идентитетот на бугарското малцинство во С. Македонија, потоа во рок од една година законски измени за отворање на архивите на тајните служби од 1945 до 1991 година со цел рехабилитација на жртвите на репресија во комунистичкиот период (стр.21 и 23), урнек за измени на учебник по историја за седмо одделение во делот на лекцијата за Самоиловата држава, како и средношколски учебник за географија (стр. 22), охрабрување на Комисијата во рок од една година да го реши и Средниот век (стр.24), да предложи заеднички личности и датуми за одбележување, итн.

Овој протокол или записник или согласност на двете влади дека се напредувало и што треба да се направи за понатаму за да се напредува во односите меѓу Скопје и Софија, го потпишаа тогашниот министер Бујар Османи и неговата бугарска колешка Теодора Генчова.

 

Кој преговараше за Преговарачката рамка?

Францускиот предлог, односно ваква Преговарачка рамка каква што имаме денеска ја прифатија тогашната Влада предводена од Димитар Ковачевски, а во преговорите и убедувањето на Ковачевски да се прифати, по сопствено признание дадено подоцна бил инволвиран и тогашниот претседателот на државата Стево Пендаровски, кој на 3 јули 2022 г. и јавно го поддржа предлогот (целосно видео). Понудата за Преговарачката рамка беше поддржана во Собранието, иако со многу отпор и во јавноста и меѓу тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Сето ова – и Протоколот и Преговарачката рамка се одвиваше во текот на ист период од неколку недели во јули 2022 година, а прифаќањата и потпишувањата во период од неколку денови (16, 17, 19 јули). Претходниот месец и пред тоа и премиерот и претседателот на државата и шефот на дипломатијата и други личности учествуваа на разни конференции, билатерални средби или други форми на состаноци каде што преговараа, лобираа и на крај се стигна до францускиот предлог на Преговарачка рамка која и сега е важечка.

Впрочем, самиот Османи вели дека преговорите, (вклучително и за Протоколот) ги водел зашто тој бил министер, но со знаење и одобрување од Владата и Собранието: Преговарав во име на Република Северна Македонија, со полн мандат од Собранието, и со неприкосновена поддршка од институциите на државата – од премиерот, вицепремиерот за европски прашања, претседателот на државата.

Споменатите не се јавија со демант или негација, така што останува заклучокот дека и за Преговарачката рамка и за преземените обврски кон Софија согласно вториот Протокол, вината не може да се фрли (само) врз Османи.

Она за што неспорно проблем, тоа е тајноста на договарањата со Брисел и со Софија за тоа што да содржат Преговарачката рамка и Протоколот, односно преземените обврски на државата при градењето пријателство со Бугарија, а кои беа соопштени дури откако целата работа беше завршена.

Таквата нетранспарентна постапка и околу Протоколот и за Преговарачката рамка, на крајот доведе до невозможност за спроведување на обврските, бидејќи сегашната власт уште во опозиција беше против таквите решенија, кои денеска ги нарекува уцена за идентитетски прашања и билатерализација на преговарачкиот процес за приклучување кон ЕУ.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција