Зошто руралната младина во Херцеговина е новиот фронт во борбата против дезинформациите создадени со ВИ

Дваесет млади луѓе од оддалечените рурални заедници во Херцеговина седнаа пред екран. На прв поглед, тие изгледаа како и сите други млади луѓе кои пораснале со технологијата — брзо прелистувајќи содржини на Инстаграм и ТикТок. Тие се генерација за која дигиталниот свет е дел од секојдневието

Дваесет млади луѓе од оддалечените рурални заедници во Херцеговина седнаа пред екран. На прв поглед, тие изгледаа како и сите други млади луѓе кои пораснале со технологијата — брзо прелистувајќи содржини на Инстаграм и ТикТок. Тие се генерација за која дигиталниот свет е дел од секојдневието.

Сепак, до само неколку часа претходно, ниту еден од нив не знаеше што се крие зад начинот на кој функционираат платформите што ја обликуваат нивната реалност.

Кога ги замолив да го пополнат сеопфатниот почетен прашалник за дигитална писменост, се покажа една загрижувачка реалност. Од овие бистри и енергични млади луѓе, дури 95 отсто рекоа дека никогаш не слушнале за обратно пребарување на слики. Над 90 отсто не можеа да наведат ниту една локална или регионална платформа за проверка на факти.

Со години, нивниот однос кон интернетот се сведувал на пасивно консумирање содржини. Ако некоја објава имала илјадници лајкови, се сметала за веродостојна. Ако на нивниот фид се појавел сензационалистички наслов, единствениот критериум за проценка им била сопствената интуиција.

Ова не се само статистички податоци. Ова е предупредување за тоа колку навистина е запознаена следната генерација во руралните делови на Балканот со дигиталниот свет – и колку е незаштитена.

Во руралните средини, каде што локалните медиуми често се длабоко поларизирани или немаат доволно средства, младите остануваат целосно незаштитени од современиот екосистем на компјутерски генерирана пропаганда, лажни вести и дезинформации создадени со ВИ.

За да одговорам на овој итен проблем, го започнав проектот „Демократија со познавање на ВИ: Зајакнување на гласот на маргинализираните против дезинформациите“, со цел овие ранливи гласови да преминат од пасивно прелистување содржини кон активно и информирано учество во дигиталниот свет.

Човечката цена на дигиталниот јаз

Зад овие бројки се кријат реални, секојдневни проблеми со кои се соочуваат луѓето во изолираните рурални средини, каде што дигиталниот јаз не значи само недостиг од пристап до интернет, туку и недостиг од способност самостојно и критички да се проценуваат информациите. Во помалите, тесно поврзани заедници, општествените врски во голема мера се темелат врз блиски мрежи на пријатели и познаници.

Кога дезинформациите ќе навлезат во вакви средини, тие се шират меѓу луѓето преку доверливи пријателства, поради што последиците можат да бидат многу посериозни.

При првичното теренско истражување, го запознав Никола, 17-годишен учесник од мало село.

Пред неколку месеци, анонимен локален портал објави емотивен, но целосно измислен текст во кој се тврдеше дека блиска земјоделска задруга се затвора поради коруптивни политички договори.

Верувајќи му на насловот без да го провери, бидејќи текстот имал стотици споделувања и лајкови, Никола го препратил во семејните групни разговори. Паниката веднаш се проширила во неговото семејство, предизвикувајќи реална загриженост за финансиската состојба, сè додека, неколку недели подоцна, не се открило дека приказната е измислена.

„Во нашето село, ако некоја објава изгледа професионално и предизвикува гнев, сите ѝ веруваат“, ми кажа Никола за време на нашата средба. „Едноставно не знаевме како да погледнеме подалеку од она што го гледаме на екранот.“

Слично на тоа, 16-годишната Марија раскажа како во групата на нејзината заедница на Вибер, популарна платформа за инстант пораки, вирално се проширила манипулирана слика генерирана со ВИ, наводно прикажувајќи локална поплава.

„Сите беа преплашени, им се јавуваа на роднините и ги блокираа патиштата“, објасни таа. „Никој не знаеше како да провери дали фотографијата е вистинска или пак, е направена во сосема друга земја пред неколку години. Едноставно реагиравме емотивно.“

За време на групните дискусии, самите учесници го срушија стереотипот дека младите не се заинтересирани. Тие не се апатични, тие се исклучени.

Јасно истакнаа дека без дигитална едукација, младите од руралните средини се особено ранливи на измами и политички манипулации што нивните врсници од градските средини можеби полесно би ги препознале.

За нив, дигиталната писменост повеќе не е само корисна техничка вештина – таа е неопходна за нивните заедници да не заостанат во ерата на ВИ.

Отворање на црната кутија и активирање на механизмот за откривање на вистината

Соочена со овие непријатни сознанија, осмислив методологија со практичен пристап за полесно разбирање на технологијата и за градење активна психолошка и техничка заштита. Досега ги реализирав првите две клучни фази од ова теренско истражување.

Првиот чекор беше Работилница 1: „Во црната кутија“.

Тука го отстранив академскиот жаргон за да им покажам на учесниците како навистина функционираат машинското учење и големите јазични модели (LLM), како што е ChatGPT. Организирав практични вежби во живо во кои го поттикнував моделот самоуверено да „халуцинира“ лажни историски податоци и пристрасни одговори поврзани со локалниот контекст и тоа со совршена граматичка точност.

За Никола, Марија и нивните врсници, така се урна верувањето дека технологијата не може да згреши. За да се справат со ова, им ја претставив рамката „Застани–Размисли–Провери“. Ги научив, во моментот кога некоја онлајн објава ќе предизвика шок, револт или страв, прво ментално да застанат и да се запрашаат: „Кој има корист ако јас поверувам во ова?“

На ова се надоврза Работилница 2: „Механизмот за откривање на вистината“.

Од текст преминавме на проверка на визуелните содржини, со што се насочив токму кон онаа техничка празнина со која се соочи Марија. Преку практична форензичка вежба, ги обучив учесниците да го користат Google Lens и работните постапки за дигитална проверка поддржани од TechSoup.

Тие ја анализираа структурата на дипфејковите, користејќи анализа на сенки и геометриски изобличувања за да препознаат медиумски содржини изменети со ВИ.

Атмосферата на работилницата се промени – од лежерно прелистување содржини до внимателно и критичко преиспитување во соработка со другите. Тоа што Никола успеа да открие дека вирална дезинформациска слика потекнува од сосема неповрзан извор во Европа од 2019 година беше исклучително важен момент на зајакнување. Моите учесници повеќе не беа само пасивни корисници, тие почнаа да се претвораат во истражувачи на информации.

Научени лекции и следни чекори

Младите луѓе од маргинализираните средини не се рамнодушни кон демократските вредности, едноставно немаат соодветни алатки за да ги заштитат.

Со тоа што им даде знаења и вештини на овие 20 млади лидери од руралните средини, проектот воспоставува човечки „заштитен ѕид“ за рано откривање на заканите. Тие ги пренесуваат овие технички знаења во своите семејства, училишта и локални центри во заедницата.

Демократијата не може да функционира кога нејзините идни граѓани не можат да ја разликуваат објективната реалност од лагите што алгоритмите им ги пласираат на секого според неговите интереси.

Да престанеме да претпоставуваме што разбираат младите – да им ги дадеме потребните алатки

Ако сте едукатор, активист или креатор на политики: Обрнете внимание на овој дигитален јаз во руралните средини. Престанете да креирате програми на граѓанското општество што се насочени само кон главните градови. Користете ги наодите од проектот за да започнете искрени разговори прилагодени на локалниот контекст и вклучете ги младите од руралните средини не само како пасивни учесници, туку и како активни создавачи на дигиталните промени.

Ако сте млад човек што го чита ова: Вашиот критички глас не е само врева. Тој е сигнал. Во свет полн со алгоритамски манипулации, способноста да се посомневате, да размислите и да проверите е вашата најголема сила. Продолжете да го кревате гласот. Црната кутија е отворена, а иднината на нашата демократија зависи од тоа како ќе се снајдете во џунглата од информации.

Пишува: Славица Гркавац

Овој напис првично беше објавен на веб-страницата DDI Spark (https://ddidigitalspark.org/), создадена во рамките на проектот Регионален механизам за поддршка, што го спроведуваат Фондација Метаморфозис и тимот на Програмата за дигитален активизам на TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамките на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Програмата DDI е кофинансирана од Министерството за надворешни работи на Данска, Европската комисија и Норвешката агенција за развојна соработка.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција