Зошто шлицот на Груевски стана вест на денот?

2919393917_0ce2c7d41e_z
Фото: kolix

Колку и да се трудеа паркобраните во Скопје да привлечат медиумско внимание, тие станаа вест на денот дури тогаш кога беа нападнати од полициските специјалци. Да се случеше тој настан истовремено со приказната за шлицот и со таа за Цеца во болница, можеби граѓанскиот активизам ќе однесеше победа во битката со „сензационализмот“. Кратка, еднодневна победа.

 

Пишува: Биљана Илиќ

 

Пред некој ден, приказната за откопчаниот шлиц на премиерот Никола Груевски стана вест на денот. Единствена сериозна конкуренција ѝ беше  веста дека познатата турбофолк ѕвезда Цеца Величковиќ била однесена во болница. Многу луѓе во Македонија, посебно некои што себеси нападно се рубрицираат како „интелектуална елита“, во ова видоа уште една потврда на тезата дека македонското новинарство го допрело „дното“ и дека ги обликува сензационализмот, невкусот и кичот што доминираат во јавниот дискурс. Интересно е дека ова мислење на социјалните мрежи загрижено го бранат и многу млади луѓе, кои и поради својата младост, меѓу другото, не знаат ништо, или речиси ништо, ниту за времињата кои можеби можат да се наречат „дно“ на македонското новинарство, ниту пак за неговите ѕвездени мигови. Но, тоа е веќе друга тема.

 

Критериуми за вест

 

Овде ќе се обидеме да одговориме на прашањето зошто приказната за шлицот на премиерот мора неизбежно да биде вест на денот и зошто публиката буквално голта вакви вести. Наједноставниот одговор на ова прашање е еден мал поглед надвор. Во еден „нормален“ ден, ден без терористички напад, без масовно убиство или несреќа што предизвикала повеќе жртви, веста за гафот на човек-идол, од кого се очекува да биде пример за културно и пристојно поведение, би била вест на денот во водечките медиуми во секоја земја во светот. Исклучок од ова би биле само земјите во кои режимите форсираат „позитивна агенда“ и во кои не може ни да се замисли новинарите да регистрираат еден ваков, банален гаф на водачот на нацијата. Во тие земји „сензационализмот“ во медиумите се поистоветува со субверзивна дејност. Таму само државата има право да го анестезира народот со кич, со сапунски опери, па и со сензационализам во медиумите, но само кога тој е насочен против противниците на режимот (за вниманието што Фидел Кастро го посветувал на анестезирачката моќ на теленовелите, зборува и приказната што ја слушнав од еден пријател, кој се сеќава дека на еден конгрес на партијата, на кој Кастро зборувал цели три дена, единствените паузи биле паузите за обеди и паузата за следење на теленовелата за робинката Исаура).

Иако Македонија сѐ повеќе заличува на таквите тажни земји, во повеќето наши медиуми, надвор од агендата која е строго контролирана и наменски злоупотребена, сепак, се почитуваат основните критериуми за вреднување на вестите, од кои се раководи модерниот журнализам и кои во теоријата се дефинираат со терминот newsworthiness (најсоодветниот превод на овој термин на македонски јазик би бил неологизмот „вествредно“). Овие критериуми се определени во корелација со вредносниот систем на модерниот човек. До промена на сфаќањата во Македонија дојде кога новинарите сфатија дека и на нашиот човек, за кого упорно се веруваше дека не спие од грижа за судбината на партијата, на централниот комитет и на неговите водачи, сепак најважни му се животот, здравјето, сигурноста, благосостојбата и другите „простосмртни“ вредности.

Според тие критериуми, за информацијата да се „квалификува“ да стане вест, таа треба да содржи новост, да има влијание врз луѓето (импакт што може да се одбрани и да се измери – колку повеќе луѓе се засегнати од веста, толку таа повеќе вреди), да се однесува на настан или на состојба која е што поблиску до нас (блискост), да се однесува на познати луѓе (проминенција), да се однесува на некоја конфликтна ситуација и да биде атрактивна, а тоа значи необична и несекојдневна. Вестите коишто во висок степен задоволуваат еден или повеќе од овие критериуми, стануваат вести на денот, вести за насловните страници и за најавите на телевизиите.

 

Познатите личности прават вести

 

Формулата од теоријата има сериозна потврда во праксата и во принцип, таа може да се потврди во секој поединечен случај. Искусните уредници знаат дека спомнувањето на имињата на познатите личности во насловите битно ја зголемува нивната читаност. А ако за некој важи ова правило, тоа е премиерот Никола Груевски. Веста за неговиот откопчан шлиц е атрактивна, бидејќи случката е необична и забавна. Рековме веќе, од премиерот се очекува беспрекорен стајлинг и воздржано однесување. Освен тоа, живееме во конфликтно време, кога една ваква, навидум банална вест, добива една специфична резонанса. Иако степенот на засегнатост на луѓето од оваа вест е релативно низок (кому навистина му е важно што се случува со шлицот на Груевски?), според другите критериуми, кои се подеднакво важни, таа дефинитивно се квалификува како топ вест. Впрочем, нејзината читаност на сите интернет изданија, каде што читаноста е мерлива и видлива во реално време, тоа го потврдува.

Мала анализа и на втората вест. Сакале ние да признаеме или не, турбофолк дивата Цеца Величковиќ, иако е од соседна Србија, е дел од нашиот културен и духовен простор. Имаме право да бидеме несреќни поради тоа, но не смееме да ги обвинуваме медиумите. Дури и кога македонските медиуми би донеле една бесмислена одлука да ги бојкотираат вестите кои се однесуваат на оваа ѕвезда, таа би ги полнела концертните сали и стадионите во Македонија, како што тоа го прави сега. Во таков случај, можеби дури уште и повеќе, бидејќи веста за „цензурата“ во Македонија би ги обиколила регионалните, па и глобалните медиуми, кон кои сите имаме пристап. Тогаш сите би отишле на концерт, за да видат што е тоа што нашите медиуми сакаат да го скријат. Одговорната држава и одговорните медиуми можат да водат културна политика, но не можат да го оспорат фактот дека Цеца е ѕвезда. А тогаш кога ѕвездите завршуваат во болница, тоа за нивните фанови и за публиката станува вест на денот. Зарем веста за трагичната смрт на нашата поп ѕвезда Тоше Проески не беше вест на денот во сите медиуми на Балканот?

 

Сериозни теми и бизарни вести

 

Медиумите треба да се критикуваат кога систематски и смислено ги поттикнуваат кичот, невкусот и сензационализмот, но не поради тоа што неизбежно ја следат агендата и во другите области од животот, што неоправдано ги сметаме за „несериозни“ или помалку вредни. За многумина од нас, на пример, граѓанскиот активизам е една од најважните работи на светот, но новинарите и уредниците мора да се помират со фактот дека така не мисли најголемиот дел од публиката. Така е во Македонија, но и секаде во светот. Затоа, уредниците што сакаат да го промовираат граѓанскиот активизам ќе го сторат тоа амбициозно, но со мерка и со вкус (каква што треба да биде промоцијата и на било што друго, нели?) и нема да дозволат тоа што нивните медиуми објавува и т.н. odd news (бизарни вести), да се смета за непосветување доволно внимание на „сериозните“ нешта, меѓу кои е и нашата граѓанска кауза.

И вестите за граѓанскиот активизам можат да се најдат на насловниците на мејнстрим медиумите, но само тогаш кога ќе ги задоволат критериумите за определување на тоа што е вествредно за најшироката публика. Можно ли е тоа? Се разбира. За среќа или за несреќа, ние ова го искусивме неодамна. Колку и да се трудеа паркобраните во Скопје да привлечат медиумско внимание и поддршка за својата праведна кауза, тие станаа вест на денот дури тогаш кога беа нападнати од полициските специјалци, уапсени и избркани.

Таков е животот. Такви се и вестите. Сѐ уште важи онаа позната мисла дека не е вест кога куче ќе касне човек, туку кога човек ќе касне куче.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција