Зошто сме етикетирани како ,,рекордери” во смртност од Ковид 19?!

Фото: pixabay.com

 

Смртноста од Ковид – 19 не се калкулира на ист начин во сите земји и поради тоа статистичките податоци укажуваат дека некои земји се ,,рекордери по број на починати”, а други ,,успешно се справуваат со пандемијата”.

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Статистиката е наука со која може да се манипулира, особено ако не постои еден, стандардизиран начин на кој што се пристапува кон броењето на жртвите. ,,Гардијан” извести, дека во Англија, на пример, до крајот на април, во дневните статистики се регистрираа само починатите во болниците, а не и оние кои починале од коронавирусот во вонболнички услови.
Транспарентноста во прикажувањето на смртноста предизвикана од Ковид-19, ја турка Македонија во разни амбиси и обвинувања за несоодветни и лоши политики. Начинот на кој нашиот здравствен систем ги  регистрира починатите од вирусот, несомнено придонесува бројката да е висока, но за тоа постојат многу фактори кои не се вкалкулирани во статистиките на други земји.

 

ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Како Македонија ги регистрира починатите од Ковид-19? Дали во оваа статистика влегуваат и лица кои имале коморбидитети или за чија смрт директно придонеле несреќи, самоубиства, малигно заболување? Кусиот одговор е: ДА.
Барем 30 лица кои починале од други причини, меѓутоа посмртно брисот за коронавирусот им бил позитивен, влегле во базата на починати. Ова го потврди и претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски. Бројката на починати кај нас, несомнено би била пониска, доколку единствената причина за смртта е вирусот. Но, во Македонија често се тестираат и починатите, а таков е случајот на мајката и синот Маноилови од Велес, кои иако беа починати од ненасилна смрт и нивните тела беа пронајдени во фаза на подоцнежно распаѓање, сепак беа тестирани, позитивни и влегоа во статистиката на починати. Во нашата земја, само зашто некој е дијагностициран со Ковид, без разлика на тоа дали Ковид придонел за смртта, се води како случај.

На пример во сообраќајна несреќа загинува некое лице, земен му е брис и тој испаднал позитивен. Ние го водиме дека починал од ковид. Значи, кауза мортис е едно, а кардиак карест е друго. Или, ако лицето починало од малигно заболување, но во периодот од месец или два поради намалениот имунокомпромитиран систем закачило и ковид, ние го водиме како починато од ковид. Дури и при случај на смоубиство лицето се води дека починало од ковид, само затоа што при брисот се покажало дека било позитивно. Со целосна одговорност кажувам дека најмалку триесет се водат како починати од Ковид, иако причината за нивна смрт е сосема друго заболување, објасни доктор Караџовски во интервју за ,,Слободен печат”. 

На 23 јуни годинава, шефицата на Канцеларијата на СЗО во земјава, Џихан Тавила изјави дека Северна Македонија е меѓу земјите кои се најтранспарентни во споделувањето на бројките и статистиката за Ковид 19.

Изјавата дека Северна Македонија има најголема стапка на смртност во регионот, навистина не е точна изјава. Таа е меѓу земјите кои се најтранспарентни во споделувањето на националните бројки и статистиките. Тоа придонесува во регистрирањето и пријавувањето на секој смртен случај заради Ковид 19. Јас знам дека Северна Македонија прави и пост мортем тест за луѓето кај кои треба да се утврди причината за смртта, кога тоа не е јасно. Тоа што можам да го кажам е дека треба да бидеме многу внимателни кога ги споредуваме земјите заради можните разлики во начинот на кој се собираат податоците и тоа што го знаеме е дека податоците можат да бидат ограничување во обидите да се прават споредувања и нема секогаш иста конзистентност на податоците на смртните случаи меѓу земјите, рече Тавила за МИА додавајќи дека секој можен случај е регистриран и се следат правилата за регистрирање.

Директорот на Институтот за јавно здравје, доктор Шабан Мемети, низ примери за неделникот Фокус од 25 јуни објасни како во земјава се регистрира смртноста.

На пример, пациент починува од инфаркт па потоа му се прави тест за Ковид 19 и ако е позитивен, влегува на листата на починати од корона. Исто е и со сообраќајните несреќи. Загинува во сообраќајка и отпосле му се прави тест за Ковид 19 и излегува позитивен и тој завршува на листата на починати од корона. Може истиот да бил без симптоми и да се излекувал од вирусот и воопшто да не умрел. Во земјите од регионот, значи ако имал мозочен удар, инфаркт, карцином и умира а е позитивен, не се смета за починат од Ковид 19. Тоа е една голема причина за зголемената смртност, вели Мемети во изјавата за неделникот Фокус, додавајќи дека сме едни од ретките кои прават и постмортем брисови.

Во Србија, од 19 март до 1 јуни годинава, од коронавирус починале 632 пациенти, што е за 388 повеќе од официјално соопштената бројка за тој период, која изнесува 244. Ова го објави БИРН, врз основа на увид што го имале во податоците кои се дел од официјалниот државен информационен систем за Ковид 19. Властите се правдале дека има разлика меѓу тоа кој починал ,,со коронавирус”, а кој ,,од коронавирус”.

Има и некои чудни бројки. На пример на 1 јули, официјално во Тајван, земја со 24 милиони жители има само 7 починати лица како последица на Ковид-19.

 

ШТО ПРЕПОРАЧУВА СЗО

СЗО има објавено упатство за тоа како земјите да ги регистрираат смртните случаи од Ковид-19. На прашањето дали смртните случаи за пациенти кои починале во сообраќајка, а потоа имале позитивен брис, треба да се регистрираат како од Ковид 19, одговорот во ова упатство е негативен.

Не, не треба да се водат како смртни случаи од Ковид 19. Лица со Ковид 19, може да починат како последица на несреќа и таквите случаи не се сметаат како смрт настаната поради Ковид 19 и не треба така да се класифицираат. Ако Ковид 19 ги влошил последиците од несреќата, може да се пријави тоа во вториот дел од формуларот. Ве молиме да запомните да го наведете начинот на смртта како ,,несреќа” и во првиот дел од формуларот да наведете за каков точно инцидент се работи, или за каков друг надворешен фактор станува збор, упатуваат од СЗО.

Но, во Македонија овие случаи се водат во статистиката. Министерот за здравство Венко Филипче  вели дека причината за ова е превентивна, за да се заштитат семејствата и блиските контакти на лицата, како и да се спречат нови кластери.

Ние имавме пристап со кој правевме постмортем брисови со индикација, со цел да се заштитат семејствата на починатите. Точно е дека има основна причина за смрт и фактот дали пациентот е носител на вирусот или не. Поради тоа што има пациенти што ќе починат поради друга состојба, на пример, на Клиниката за гастроентерохепатологија поради крварење и тоа е основната причина за смртта. Но, во исто време истиот пациент е позитивен на ковид-19. Во нашата евиденција сега се евидентира како ковид, меѓутоа имавме состанок со директорот на Институтот за судска медицина за да ја ревидираме оваа методологија – рече министерот Филипче.

Во препораките на СЗО пишува дека секоја смрт што настанала од Ковид-19, дури и веројатните случаи кои имаат неодреден резултат, или пак, сомнителните случаи кои не можеле да се тестираат, да се водат во статистиката како смртни случаи од Ковид 19. Крајната одлука е на лекарот, но дури и ако тестот е негативен а клиничката слика и историјата на случајот се јасно конзистентни со Ковид 19, случајот треба да се води како Ковид-19.

Според документот објавен на СЗО, а кој го следи нашата земја, дефиницијата за тоа што е смрт настаната поради Ковид-19 гласи:

Како смрт поради Ковид-19 се дефинира смрт што резултирала од клинички компатибилна болест, во веројатен или потврден случај на ковид-19, освен ако не постои јасна поинаква причина за смртта, која не може да се поврзе со Ковид-19. На пример, траума. Смрт што настапила поради ковид-19, не смее да се атрибуира на друга болест, на пример канцер, и треба да се брои независно од околностите за кои постои сомнеж дека го поттикнале агресивниот тек на ковид-19.

Во неодамна објавена анализа, се наведува дека различниот пристап на евидентирање на смртните случаи, придонесува споредбата на смртноста меѓу земјите да биде неповолен чекор кој може да води до непрецизни заклучоци:

Во секоја земја, дефиницијата за тоа што е смртен случај кој се води како Ковид 19 е една од следните две: врз основа на дијагнозата или врз основа на позитивен тест. Ова значи дека навистина не може да се споредува смртноста меѓу различни земји поради различните политики за тестирање и регионалните варијации во практиките, кои дополнително може да го комплицираат мониторингот на морталитетот. Дури и во земјите каде се користи дефиницијата на СЗО за тоа што е смртен Ковид 19 случај,  точноста варира зависно од тоа дали и како тие земји во пракса ги применуваат овие препораки од СЗО.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција