Зошто среде лето се зголеми бројот на деца со ,,зимски” респираторни инфекции во земјава

Фото: pixabay.com

Вирусната инфекција што беше причина педесеттина деца во Гевгелија, но и зголемен број деца на Детската клиника во Козле да бараат помош, всушност, нема врска со ковид-19, туку со таканаречениот „имунитетен долг“ создаден од претходната неизложеност на патогени

Вирусната инфекција што беше причина педесеттина деца во Гевгелија, но и зголемен број деца на Детската клиника во Козле да бараат помош, всушност, нема врска со ковид-19, туку со таканаречениот „имунитетен долг“ создаден од претходната неизложеност на патогени

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Светските медиуми, но и македонските здравствени власти пријавуваат зголемен број на деца со горни и долни респираторни инфекции, неповрзани со ковид-19, но поврзани со фактот што децата подолго време поради ковид-пандемијата не одеа на училиште и имаа ограничени социјални контакти.

Прва алармираше болницата во Гевгелија, каде изминатите три недели дури 50 деца од бебиња до оние на возраст од 5 и 6 години, побарале помош за бронхитис или проблеми со дишните патишта, а дел од нив морало да бидат препратени во Скопје и да бидат на кислородна поддршка.

За овие случаи тим од Детската клиника беше испратен да изврши увид и да ги утврди причините.

Она што ние го направивме како тим е да спроведеме дополнителни испитувања како споредба на веќе преземените мерки и протоколи тука во болницата во Гевгелија. Дополнителните резултати се земени од наша страна. Ќе бидат доелаборирани антителата за евентуална пост-ковид реакција, ќе се направи серологија, ди димери и целокупна палета на респираторен панел и на тој начин ќе направиме дистинкција за што точно станува збор. Од друга страна, лично по нашите искуства, а и светот го пријавува ова, очигледно се случува и кај нас – заспаниот имун систем на децата, укажа дека со раздвижувањето во затворените простори како што се градинките доведоа до тоа нормалната патологија што ја гледаме во март месец да се појави сега во јули, не само во Гевгелија и во другите градови, и на Клиниката во Козле. Децата кои биле лесно кислородно зависни, се стабилни, изјави по посетата на гевгелиската болница доктор Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести.

Утредента, здравствените власти информираа дека во сите 50 случаи била утврдена обична вирусна инфекција, која нема никаква поврзаност со ковид-19.

Станува збор за вирусна инфекција. Тоа што сакавме да го потврдиме, односно исклучиме, е дали има некаква врска со ковид. Затоа кај сите деца се направи серолошка анализа на крвта за да се види дали имаат антитела и дали во изминатава година го поминале ковидот асимптоматски. И тоа не е случај. Ниту едно дете нема антитела за прележан ковид и вториот момент, кој се испитуваше, беше зошто сега, во толкава бројка и во еден регион. Но, по информацијата дека има зголемена бројка на деца и во болницата во Козле, очигледно дека имуниот систем сега на некој начин проработува, поради тоа што подолго време биле изолирани дома и сега децата доаѓаат во контакт со предизивикувачи и на тој начин реагира имуниот систем. Значи, нема никаков простор за паника, битно е дека нема никаква врска со ковидот, со имунитетот, реакцијата, така што станува збор за обична вирусна инфекција, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Бројката е зголемена поради тоа што децата излегуваат од изолација.

Се раздвижуваат децата, во контакт со предизвикувачи и на тој начин реагира имуниот систем. Нема простор за паника. Нема никаква врска со ковид, директна, во смисла на реакција на имунитетот. Така што, се работи за обична вирусна инфекција, посочи министерот.

И во светот е иста сликата. Респираторни инфекции кај најмладите се пријавуваат насекаде. Реномираниот „Гардијан“ објави дека во Нов Зеланд децата зачестено се разболуваат поради „имунолошки долг“ од ковид. Весникот пишува дека децата подолго време, поради карантините, не биле изложени на бактерии и вируси, па сега нивните имунолошки системи страдаат по олабавувањето на рестриктивните мерки. Болниците во Нов Зеланд го плаќаат данокот на имунитетот, кој го создадоа рестрикциите, со одделенија преплавени од бебиња што имаат респираторни вируси.

Во болницата во Велингтон, има 46 хоспитализирани деца со респираторни болести, вклучително и синсицијалниот вирус. На дел од нив им треба кислородна поддршка. Некои педијатри за „Гардијан“ објаснуваат дека овој зголемен број е резултат на тоа што луѓето не развиле имунитет за другите вируси, поради карантините и затворањата од ковид пандемијата, што сега предизвикува експлозија на случаи.

Епидемиологот Мајкл Бејкер го објаснува феноменот, користејќи ја метафората за шумски пожари.

Ако година или две помине без пожар, има повеќе материјал на земјата, за кога ќе дојдат пламените јазици. Кога огнот конечно ќе дојде, тој гори пожестоко. Тоа што го гледаме сега, е, всушност, голем број деца кои пропуштиле да бидат изложени, па ова е нивната реакција во првичен контакт со вируси кои претходно не ги виделе, изјавил Бејкер.

„Гардијан“ објаснува дека мерките за заштита против ковид, не штитат само од ковид, туку го потиснуваат ширењето и на други болести кои се пренесуваат на сличен начин, вклучително грипот и настинката. Во Нов Зеланд минатите зимски локдауни предизвикаа случаите на грип да се намалат за 99.9 проценти.

Професорот на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, доктор Драган Даниловски, за „Вистиномер“ вели дека микроорганизмите што ги предизвикуваат респираторните инфекции се како „ослободени од кафез“ по олабавувањето на рестриктивните мерки. Tој додава дека сите респираторни вируси и бактерии, меѓу кои и грипот, настинката и синцицијалниот вирус, се потиснати благодарение на мерките и состојбата е глобална – се случува во Австралија, Велика Британија, САД и Нов Зеланд, каде има мали епидемии на инфекции.

Кај децата коронавирусот најчесто поминува асимптоматски, што не значи дека компликациите пост ковид не се сериозни. Затоа здравствените власти решија да ја исклучат можноста дека респираторните инфекции карактеристични за зимскиот период, кои се јавуваат среде лето – всушност, не се пост-ковид компликации.

Ваквата можност беше елиминирана, затоа што ниедно од децата немало развиено антитела, што е сигнал дека никогаш не ја имало ковид инфекцијата. Вирусната инфекција што беше причина педесеттина деца во Гевгелија, но и зголемен број деца на Клиниката во Козле да бараат помош, всушност, нема врска со ковид, туку со таканаречениот „имунитетен долг“ создаден од претходната неизложеност на патогени.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција