Зошто тинејџерите во Северна Македонија треба да го научат јазикот на податоците

Во земја во која младите најголем дел од информациите ги добиваат преку ТикТок и групи на Вибер, Future Minds Skopje започна практична програма што им помага на тинејџерите да пронаоѓаат проверени податоци, критички да ги анализираат и врз основа на нив да зборуваат аргументирано за светот во кој живеат

Како проектот „Sparks the Facts“ им помага на младите во Северна Македонија да препознаваат што е вистина и самоуверено да ја споделуваат со другите

Во земја во која младите најголем дел од информациите ги добиваат преку ТикТок и групи на Вибер, Future Minds Skopje започна практична програма што им помага на тинејџерите да пронаоѓаат проверени податоци, критички да ги анализираат и врз основа на нив да зборуваат аргументирано за светот во кој живеат.

Прашајте тинејџер во Скопје од каде дознава што се случува во светот. Одговорот речиси секогаш ќе биде: ТикТок, Инстаграм, групи на Вибер или Јутјуб. Прашајте го како одлучува дали нешто е вистина. Паузата што следува е најважниот показател.

Северна Македонија е млада демократија која се снаоѓа во еден сложен информативен пејзаж. Регионалните истражувања постојано ги вбројуваат земјите од Западен Балкан, меѓу кои се Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово, меѓу населенијата во Европа кои се најизложени на дезинформации, при што младите во исто време се најактивни онлајн, но и најмалку подготвени критички да го проценат она што го гледаат и читаат. Во училиштата учениците учат што да мислат за историјата, математиката и литературата. Сепак, многу малку училишта ги учат како да размислуваат за самите информации: од каде потекнуваат, кој ги создава и како всушност изгледаат проверените податоци од јавен карактер кога знаеш каде да ги најдеш.

Последиците не се само теоретски. Во регион во кој дезинформациите се користат за поттикнување етнички тензии и за искривување на дебатата за интеграцијата во Европската Унија (ЕУ), неможноста критички да се согледувваат податоците не е само недостаток во образованието. Тоа претставува закана за демократијата.

 

Што прави проектот „Sparks the Facts“

Проектот, развиен од Future Minds Skopje, граѓанска организација основана во 2023 година со мисија насочена кон образованието, иновациите и граѓанското учество, посетува три училишта низ Северна Македонија, намерно избрани да ја одразуваат географската и демографската разновидност на земјата: едно урбано, едно мултиетничко и едно рурално училиште. Дезинформациите не се проблем само за жителите на големите градови бидејќи земјата е високо дигитализирана, при што 84 проценти од населението има пристап до интернет и руралното население се среќава со дезинформации.

Во секое училиште, Data Sprint се одвива во текот на два интензивни дена. Првиот ден учениците запознаваат со платформи со отворен пристап, како што се Евростат, базите на податоци на Светската здравствена организација, порталите за податоци на УНИЦЕФ и националните статистички заводи — извори што повеќето од нив никогаш претходно не ги посетиле. Тие избираат прашање од значење за нивната заедница, учат да ги читаат бројките и разбираат разликата меѓу статистички податок избран за да потврди одредена теза и целосната слика. Вториот ден, со помош на MIT App Inventor, ги претвораат своите наоди во мобилна апликација, без потреба од претходно искуство со програмирање.

Највпечатливиот момент во целата програма е преминот меѓу овие два дена: да се види како ученикот од читање на еден наслов преминува кон преиспитување на податоците што стојат зад него. Кога ќе го отворат MIT App Inventor, тие веќе не создаваат само апликација, тие изнесуваат став заснован врз докази што самите ги пронашле и ги разбрале.

Еден од учениците што учествувале во Data Sprint од математичко-информатичката гимназија во Скопје во јуни 2025 година истакна: „Работењето со податоци е лесно кога ќе ти го претстават на овој начин. Сега сите сме подготвени да се справуваме со дезинформациите.“

 

Резултати и што понатаму 

До крајот на проектот, најмалку 90 ученици од три училишта ќе го поминат овој пат, од пасивни корисници на онлајн содржини до активни граѓани со развиена критичка писменост. Наставниците ќе имаат знаење и алатки за самостојно спроведување на слични активности.

Трајното наследство на проектот се прирачникот за учење и дигиталниот пакет со алатки што се развиваат паралелно со работилниците. Двата материјали ќе бидат објавени на веб-страницата на Future Minds Skopje на македонски и англиски јазик и ќе бидат бесплатно достапни за секој ученик на возраст од 14 до 17 години и по завршувањето на проектот. Целта е моделот да може да се применува и на други места, без да зависи од една организација или од еден циклус на финансирање.

Во медиумска средина во која моќни актери вложуваат напори граѓаните да се чувствуваат збунето и пасивно, ваквиот самоуверен начин на комуницирање заснован врз докази е навистина радикален.

Демократијата се поткопува кога граѓаните престануваат да им веруваат на институциите, младите се повлекуваат и престануваат да учествуваат, а информативното опкружување се загадува. Решението не е во уште повеќе кампањи за проверка на факти, туку во практичната способност самоуверено да се снаоѓаме во морето од информации. Токму тоа го гради овој проект — и токму тоа, како организација, научивме дека е и возможно и итно потребно. Тинејџерите што учествуваат на Data Sprint работилниците не учат само дигитални вештини. Тие учат дека вистината може да се пронајде и дека доказите имаат моќ.

 

Овој напис првично беше објавен на веб-страницата DDI Spark (https://ddidigitalspark.org/), создадена во рамките на проектот Регионален механизам за поддршка, што го спроведуваат Фондација Метаморфозис и тимот на Програмата за дигитален активизам на TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамките на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Програмата DDI е кофинансирана од Министерството за надворешни работи на Данска, Европската комисија и Норвешката агенција за развојна соработка.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција