Ѕвездите на Гранд – како гледачот да се претвори во зависник од вештачкиот рај

Импресивното студио на ТВ шоуто - Ѕвездите на Гранд. Фото, скриншот СПФМ
Импресивното студио на ТВ шоуто Ѕвездите на Гранд. Фото: скриншот од видео клип, СПФМ

 

Ѕвездите на Гранд е еманација на „духот на времето“ што го живееме. Манифестација наменета да ја задоволи оваа масовна култура, истовремено со цел и економски да ја експлоатира.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Во грчевитата борба за што поголемо парче од медиумското небо, телевизиските продуценти од поодамна го имаат препознато потенцијалот (профитабилноста) од разновидните алтернативи на шоу програми, а резултатот од нивната проценка е над илјадници серијали на реалити, талент, музички и слични шоуа, кои се прикажуваат низ светот во моментов, издигнувајќи се спонтано и без никакво предупредуваање до степен  на национална опсесија.

Готово и да не постои тема од животот за која не е организирано некакво ТВ шоу. Љубов, готвење, танцување, пеење, таленти, преживување, натпревари, автомобили, реновирање…, се со цел да опфати и разбуди што поширок интерес, а со тоа и  публика пробивајќи се низ сите нејзини возрасти, како и образовни и социјални групи.

Ваквите програми доминираат до таа мера што не можеме да ги апстрахираме од нашиот социо-културен простор, истовремено оставајќи и печат врз современото општество. И додека телевизиите кои ги емитуваат заработуваат огромни профити, граѓаните добиваат „евтина“ забава.

 

КАКО ДО ПРОФИТ

Според социологот Анета Кузевска Поп-Илиоска, најголемиот дел од овие шоуа не ги задоволуваат потребите на елитната култура, која има високо естетско, уметничко и интелектуално ниво,  а, сепак, се пробиваат низ сите слоеви на општествената заедница.

Таа посочува дека само за пример, а судејќи едноставно според бројките, шоуто „Britain’s Got Talent“ претставува културолошки феномен поради гледаноста и на првата епизода од 13 милиони и на финалната со 16 милиони британски гледачи, што претставува четвртина од населението во таа земја.

– Главен фокус во времево што го живееме е стекнување профит. Продуцентите се свесни дека со емисии од областа на квантната физика или читање на дела од Достоевски, кој би го задоволиле малцинството од елитната култура, нема да привлечат гледаност и да направат богатство, па, искористувајќи ја оваа страна од човековиот живот и природа, му пласираат интересни содржини, лесни за восприемање, сензуални и возбудливи аудио и видео склопови, со цел да активираат што е повеќе можно сетила и на тој начин гледачот да го претворат во зависник од вештачкиот рај кој мами низ блескавите екрани, бидејќи утврдивме дека луѓето сакаат кога нештата се едноставни и „шарени“ – вели Поп-Илиоска.

Така,  Simon Cowell (најмногу познат по The X Factor) има направено богатство од талент шоу-бизнисот со проценета вредност од 225 милиони фунти, а John De Mol (Endemol), основачот на познатиот „Големиот Брат“ се смета за еден од 500-те најбогати луѓе на светот.

Анета Кузевска Поп-Илиоска, социолог
Анета Кузевска Поп-Илиоска, социолог. Фото: лична архива, 2014, преземено со дозвола

Најпривлечниот дел кај ваквите шоуа, а поради што гледачите во толку огромни размери ги следат, навиваат и гласаат, е фактот што кон предизвикот се избрани обични, секојдневни луѓе какви што сме и ние гледачите. Следиме и гласаме за обичен аутсајдер да може да стане ѕвезда. Гласаме за лице кое не мора да има славно, богато или моќно потекло.

– Наградите, пак, ја потенцираат универзалната привлечност кон аутсајдерот. Ги сакаме аутсајдерите, бидејќи и ние сме тоа. Живееме обичен живот со очекувања и соништа кои ни се ретко остварени. Ги персонализираме тие соништа, па кога некој ќе ги постигне, тоа е како ние да сме ја освоиле наградата – потенцира Поп-Илиоска.

 

ШТО СО „ЅВЕЗДИТЕ НА ГРАНД“

И Македонецот, во потрага по забава, оддишка и пополнување на слободно време, или во обид да го неутрализира незадоволството од секојдневието, бега од реалноста, посветувајќи значително внимание на ваквите шоуа.

Актуелна во моментов кај нас е познатата фолк музичка манифестација Ѕвездите на Гранд во организација на „Гранд продукција“, каде неколку  познати естрадни уметници во улога на стручно жири, односно судии, а по пат на голем број аудиции одржани низ земјата, одбираат потенцијални финалисти. По концептот на Американски Идол судиите учествуваат  во првиот круг на одлуки, од каде најдобрите би завршиле во телевизиското претставување пред публиката, која понатаму има главна улога во изборот на победникот.

Според социологот Поп-Илиоска, по својата природа ова шоу е совршен пример на презентација наменета да ги задоволи потребите на масовната култура дотолку што дури може да послужи и за нејзино дефинирање.

Имено…

Масовната култура е  производ на модерното време, чии вредности и елементи се ориентирани кон  комерцијализирани сериски производи лесни за конзумирање, а  чија основна цел е забавата, разонодата или здобивање на информации од најоголен, највулгарен вид најчесто преку средствата за масовна комуникација.

Оттука

Ѕвездите на Гранд е концепт на масовна медиумска култура, бидејќи ги унифицира и стандардизира културните вредности на пониско интелектуално и естетско ниво. Ги  преферира материјалното во животот, задоволство и комерцијата и го хомегенизира вкусот на публиката, пробивајќи го кичот до размери на радијација.

Ѕвездите на Гранд е еманација на „духот на времето“ што го живееме. Манифестација наменета да ја задоволи оваа масовна култура, истовремено со цел и економски да ја експлоатира.

 

ЗОШТО СЕ ГЛЕДА?

Колку и да го навредуваат човековиот интелект и вкус, ваквите шоуа, сепак, имаат одличен одзив кај публиката токму поради својата бомбастична блескавост и едноставност.

Без да навлегуваме во „вкусот“ на публиката, бидејќи секој човек го доживува убавото на за себе својствен начин, ќе се обидам да ја оправдаме големата гледаност на оваа и сличните вакви манифестации, претпоставувајќи дека:

  1. Дел од нас го гледа ова шоу  поради тоа што живее едноставен живот, лишен од било каква возбуда.
  2. Дел го гледа поради нискиот животен стандард и оттука поради неможноста да си дозволи  концерт, кино, театар или слична друга разонода.
  3. Дел го гледа кога не сака многу да размислува и бега од сериозните теми на живеачката.
  4. Дел го гледа бидејќи се исполнува…

Ги гледаат дури и оние кои тврдат дека не ги гледаат, бидејќи оваа е од оние програми кои едноставно сакаме да ги мразимевели Поп-Илиоска.

Повеќе од очигледно е дека човекот сака да ужива во гледање на успешното патување на фаворитот кон победата и да гласа со надеж дека неговиот омилен кандидат ќе  ја оствари. Оваа интерактивност преку учество на публиката по пат на гласање и обединувањето на толку многу различни луѓе, во ист термин, во одреден ден од седмицата, да ја гледаат  оваа  содржина, промовира споделена култура, ускладеност и социјална кохезија.

– За мене ваквите шоуа се само една забавна игра спакувана во светкава средина. Игра во која секоја година стотици луѓе ќе си ја испробуваат среќата на аудиции, надевајќи се дека имаат шанса. А, ние гледачите удобно од дома пред екраните ќе ги чекаме. Ќе ги чекаме  добрите за да одбереме фаворит и ќе ги чекаме лошите за да слатко си се насмееме, а YouTube ќе ни понуди можност да ги гледаме повторно и повторно – заклучува социологот Анета Кузевска Поп-Илиоска.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција