Методологија

Сервисот Вистиномер (Вистинометар) врши анализа на предизборните програми на политичките партии, преку која граѓаните имаат можност да дојдат до информации за активностите и резултатите кои се произлезени од партијата за која гласале, откако ќе дојде на власт. Вистиномер врши анализа на исполнетоста на предизборните ветувања и на вистинитоста во изјавите дадени од страна на политичарите.

Ветувања

Ветувањата дадени во предизборните програми се издвојуваат како посебни ентитети, кои се поставуваат на сајтот vistinomer.mk/vistinometar.mk. За да добие ваков статус ветувањето од политичката програма мора да содржи:

  • конкретни цели – резултати кои партијата има намера да ги постигне по доаѓањето/останувањето на власт, како и
  • мерки – активности кои ќе бидат преземени за постигнување на целта.

Конкретни цели имаат ветувањата кај кои со сигурност може да се утврди кој резултат се сака да се постигне и кога тој резултат е постигнат. Тоа подразбира очекуваниот резултат да биде опишан на јасен, прецизен и недвосмислен начин, со јасно одредени параметри, т.е. индикатори врз основа на кои може да се мери исполнетоста на ветувањето. Прецизни параметри се оние елементи на ветувањето со кои поподробно се утврдуваат суштинските својства (квантитет, квалитет и составни елементи) на зададената цел, кои мора да бидат задоволени за таа цел да може да се смета за исполнета. Таквите параметри зависат од природата на ветувањето и може да опфаќаат:

  • Почетни и завршни големини: ако се ветува раст во одредена област – прецизни параметри за посакуваните стапки на раст и развој во однос на тековната состојба; при ветувања од финансиската сфера, параметрите опфаќаат конкретни суми/проценти на средства.
  • Доколку се ветуваат квалитативни подобрувања во одредена област, параметрите мора да го објаснат ветениот напредок во однос на постоечката состојба. Ако ветените промени не се мерливи со бројки (пошироки политики и стратегии, општествена клима, култура, системи на вредности, меѓународна соработка) параметрите вклучуваат детални описи на очекуваните промени со конкретни краткорочни и долгорочни мерки.
  • Институционални параметри – ако ветувањата се однесуваат на законските рамки, треба да содржат прецизирање на законодавните акти од кои може да се види кои области се уредуваат, во кој обем и со кои акти. Во случај на воспоставување институции, параметрите мора да укажат на нивното ниво и надлежности.
  • Наведување механизми за следење и контрола на индикатори на спроведувањето на ветувањата, ако тоа веќе не е покриено во рамки на постоечки институционални механизми.
  • Параметри за одредување на временската рамка за исполнување на ветувањата.

Конкретните мерки претставуваат активности кои носителот на ветувањето ќе ги преземе со цел остварување на дадено ветување, преку конкретни параметри кои покажуваат дека ќе дојде до остварување на поставената цел. Во зависност од самата цел, тие може да вклучуваат:

  • Прецизна правна рамка со која ќе се уреди дадената област или проблем
  • Најава на студии/истражувања, стратегии, планови со кои ќе се обезбеди ветениот резултат
  • Потекло и износ на средствата со кои ќе се обезбеди исполнување на зададената цел
  • Временски рокови за извршување на најавените мерки
  • Идентификување на постоечките или најава на воспоставување нови надлежни институции кои ќе ги спроведат наведените активности
  • Наведување механизми за следење на спроведувањето
  • Други активности кои треба да се обезбедат за остварување на ветувањето.

Ветувањата кои се нелогични или искажани на начин што оневозможува да се проверат се означени како недоследни.

Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето:

  • Неисполнето: доколку за даденото ветување нема никаква активност, односно ништо не е спроведено до дадениот рок.
  • Делумно исполнето: направени се неколку активности за негово исполнување
  • Исполнето: ветувањето е исполнето во целост
  • Во тек:  започнато е да се работи на исполнување на ветувањето
  • Недоследно: нелогично ветување и за кое не постои начин да се провери

Анализите и оценките на ветувањата се објавуваат јавно на Интернет и по можност се доставуваат директно до партиите. Носителите на ветувањата, како и целата јавност имаат можност на увид и директен одговор на сите анализи, давање деманти, замерки, сугестии и дополнителни информации и аргументи врз основа на кои може да дојде до промена на степенот на исполнетост за дадено ветување, преку коментари на веб-сајтот или други форми на директна комуникација со аналитичкиот тим.

Изјави

Изјавите од политичари, јавни функционери или други носители на одлуки и креатори на јавното мислење дадени во медиумите или пак на јавни настани се анализираат според истите критериуми и во рокот имплициран во самата изјава, по што се оценуваат со:

  • Невистина: изјавата е невистинита
  • Полувистина: изјавата е точна, но фалат важни детали или е извадена од контекст
  • Вистина: изјавата е вистина
  • Недоследно: изјавата е нелогична и не може да се провери

Вистиномер.мк, преку тим на стручни лица од соодветните области, ги анализира ветувањата на политичките субјекти и ги презентира во лесно читлива, агрегирана форма, заедно со систематски статистички податоци.

Во моментов Вистиномер.мк содржи оценки за ветувањата дадени на изборите од партиите кои ја освоија власта во 2008 и имаа реална можност и да ги остварат тие ветувања. Вистиномер ќе продолжи да функционира долгорочно и ги следи остварувањето на предизборните ветувања на победниците на изборите 2011, како и изјавите на политичарите кои може да се класифицираат како ветувања меѓу самите избори.

Основна намена на Вистиномер.мк е да го зголеми знаењето на граѓаните, медиумите, невладините организации, но и на партиите и нивните членови кои преку него имаат прилика да се запознаат и со низа аспекти на политичкиот процес од Македонија.

Контраспин

„Контраспин“ (со поднаслов: „разоткривање на сите спинови“) е подрубрика на рубриката „Анализи“. Преку неа се анализираат изјави, групи на изјави, но и делови или цели говори на политичарите и јавните личности пошироко, кои не можат да бидат јасно оценети како виситнити или невистинити преку методологијата за оценувањето на вистинитоста на изјавите, туку изискуваат поширока експликација и елаборација за да се опфати контекстот и да се „отплетка“ она што го кажува политичарот во инстанци и ситуации како овие (но и многу други):

  • упорно и постојано користење на невистинити податоци и нивна латентна, односно индиректна, тешко забележлива злоупотреба
  • комплексни манипулации со контекстот
  • проблемот со неможноста изјавата да се провери и да се расчлени нејзината шепкулативна природа
  • комплексни и нејасни зборови кои поврзани на нашин да не значат ништо, но личат како да кажуваат нешто многу ажно
  • интерна контрадикторност во самата изјава која не е видлива или е тешко сфатлива на прв поглед или при недостаток на дополнителни информации
  • комплетни говори кои мора да се анализираат пасус по пасус, односно посебно изјава по изјава за да се стекне целосен впечаток, кој се разликува од наметнатиот
  • промовирање екстремни ставови со користење на „висока“ (најчесто нејасна) реторика за да се прикажат како легитимни
  • промовирање на странични и неважни ставови и нивно „поставување на пиедестал“ како суштински со цел да се замагли главниот проблем
  • кога се злоупотребува семантиката (значењето) на зборовите и им се придава друго, но и лексиката на македонскиот јазик преку измислување на зборови за да се искаже поента
  • изјави и говори на странски јазици, но погрешно кажани или погрешно преведени
  • изјави кои со многу прикриен или налице „нормален“ и „здраворазумски“ јазик, сепак, шират дискриминација, навреди или дури и индиректен говор на омраза
  • и најважно: изјави и говори кои во себе содржат, се засноваат или промовираат спин или повеќе меѓусебно испреплетени спиновикои тешко се распознаваат како такви
  • и друго

Овие написи, со оглед на нивната компексност, ги работат исклучиво професионални новинари со повеќегодишно аналитичко искуство и докажана способност за препознавање на спинови и „отплеткување“ на комплексни манипулации произведени од партиско-политички спин-доктори какви што ги користат политичарите. Ваквиот пристап доведува до тоа да се создаваат сериозни анализи, кои изјавите на политичарите ги третираат од различни агли со цел нивно посеопфатно разобличување. Нивната цел е да ја расчисти сета „магла“, нејаснотии, манипулации, но и целите и позадината на изјавите и тврдењата на политичарите и другите значајни јавни личности, кои се дел од креирањето на политиките и од јавниот дискурс.

Со оглед на фактот што самата рубрика се вика „Контраспин“, овие текстови немаат посебни оценки. Обработувањето на некоја изјава, изјави, дел од или цел говор во рамките на оваа рубрика по автоматизам подразбира дека редакцијата на „Вистиномер“ смета оти таа во најмала рака изискува серозно дообјаснување или, пак, едноставно претставува спин, односно содржи елементи кои подразбираат постоење на некаков спин.

Со оглед на тоа како изгледа конечниот производ и неговата очигледна аналитичка новинарска позадина и форма, тие се популарни кај медиумите, кои редовно ги преземаат за реобјавување, а со тоа и на најширок начин стигнуваат до граѓаните. Покрај ова, со оглед на вклучените бројни цитати и линкови невладините организации ваквите написи ги користат во своите истражувања и проекти како аргументација во поддршка на своите активности.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *