Методологија

Вистиномер е информативен сервис и јавен ресурс, кој ги анализира:

  • вистинитоста на изјавите дадени во јавноста од страна на избрани и именувани функционери, но и други јавни личности кои имаат влијание врз креирањето врз јавните политики и јавниот дискурс;
  • предизборните програми на политичките партии, со цел проверка на нивната исполнетост во зададениот рок или до крајот на нивниот мандат;

преку кои граѓаните се здобиваат со можност да дојдат до информации за доминантните теми и ставови во јавната дебата за демократските политики, како и за активностите и постигнатите резултати од страна на локалната и централната власт.

Вистиномер е дел од непартиската и невладината организација Фондација Метаморфозис, која, меѓу останатото, има за цел и да ја одржува својата независност и нема да биде поврзувана или припојувана кон било која политичка партија. Вистиномер, како составен дел од Метаморфозис ги застапува истите ставови по ова прашање и во рамките на својата работа ќе цели кон почитување и следење на сите новинарски стандарди на националните и меѓународните организации во кои членува.

Вистиномер ќе се стреми секогаш да биде што е можно пообјективен во своите ставови, а безусловно да ги следи фактите каде и да водат во своите проверки на факти.

При изборот на материјалите за рецензирање Вистиномер секогаш се води од критериуми какви што се:

  • нивната важност во однос на јавниот интерес
  • нивната виралност (на пример, на социјалните мрежи)
  • нивниот капацитет за нанесување штети (на пример врз јавното здравје какви што се ковид дезинформациите)
  • нивниот едукативен капацитет и тоа особено кога станува збор за ранливите категории на граѓани и оние граѓани кои немале можности за сеопфатна едукација и пристап до сеопфатни информации заради што можат да станат цел на дезинформации, теории на заговор, потенцијални жртви на измами, лажни лекови, итн.

Вистиномер никогаш нема да бира материјали за рецензирање врз партиско-политички критериуми, ниту, пак, ќе креира непријатели меѓу политичарите, политичките партии, бизнисите, државните институции и слично, со цел да ги претвори во постојана мета на своите написи, ниту, пак, ќе бира фаворити кои би добивале преференцијален третман.

 

(ПРОВЕРКА НА ФАКТИ) Изјави на избрани и именувани функционери

Вистиномер.мк, преку тим на стручни лица од соодветните области, ги анализира изјавите на политичари, јавни функционери или други носители на одлуки и креатори на јавното мислење и ги презентира во лесно читлива, агрегирана форма.

Основна намена на Вистиномер.мк е да го зголеми познавањето на граѓаните, медиумите, невладините организации, но и на политичките партии и нивното членство, кои преку него имаат прилика да се запознаат и со низа аспекти на политичкиот процес од Македонија.

Оценки

Изјавите од политичари, јавни функционери или други носители на одлуки и креатори на јавното мислење, дадени во медиумите или, пак, на јавни настани се анализираат според истите критериуми и во рокот имплициран во самата изјава, по што се оценуваат со:

  • Невистина: изјавата е невистинита
  • Полувистина: изјавата е точна, но недостигаат важни детали или е извадена од контекст
  • Вистина: изјавата е вистина
  • Недоследно:
    • 1. изјавата е спротивна на претходно дадената за истото прашање
      • а.) без дополнителни аргументи,
      • б.) без да се појават нови релевантни информации што би довеле до промена на ставовите или
      • в.) без други оправдани причини;
    • 2. изјавата е нелогична; и
    • 3. изјавата не може да се провери

 

Критериуми за избор на изјави за проверка

Основните критериуми кои се земаат предвид при избор на изјава за проверка на нејзината вистинитост се следниве:

  • Дали проверката има капацитет да отвори дебата во јавноста на темата за која станува збор;
  • Која е позицијата и влијанието на политичарот чија изјава се разгледува за проверка;
  • Каква е важноста на изјавата во однос на нејзиното влијание и дали засега голем број граѓани;
  • Колку често се проверуваат изјави на конкретниот функционер;
  • Каква е и колкава е покриеноста на изјавата во медиумите (дали е пренесена од поголем број медиуми, дали е претходно анализирана од некој друг и дали анализата допрела до широка публика или не);
  • Колку Вистиномер може да придонесе со нови информации и аргументи со вршењето на проверката;
  • Дали изјавата која треба да се анализира е пренесена во јавноста од повеќе медиуми, дали предизвикала интерес и дали е на тема која има капацитет да стигне до поширока публика;

Оригиналноста на изјавите

Вистиномер секогаш се стреми да анализира оригинални изјави, односно оние кои се достапни во видео формат, додека на второ место е користењето на изјави кои се достапни во аудио формат. Ова помага изјавата која се анализира да биде точна и да не содржи евентуални грешки при нејзината текстуална транскрипција. Доколку изјавата не е достапна во видео или аудио формат, дури тогаш се користат транскрибирани изјави. Ваквите изјави се проверуваат од што повеќе извори со цел да се употреби најточната транскрипцијата. Вистиномер понекогаш анализира и изјави на политичките партии пренесени во партиски соопштенија и во текстуална форма. Во овој случај, таквите партиски соопштенија се преземаат директно од веб сајтот на политичката партија.

Наведување на изворите

Сите извори кои се употребени во проверката секогаш се наведени под секоја наша анализа. Ова им дава можност на читателите брзо да ги осознаат изворите кои се користени и да ги употребат ако сакаат да ги реплицираат нашите проверки. Покрај наведувањето на изворите, вклучен е и датумот на пристап кон секој од овие извори за читателите да знаат кога е пристапено до нив.

Покрај тоа што ги наведуваме изворите на крајот од секој наш текст, исто така вклучуваме и линкови внатре во самиот текст, кои читателите може да ги отворат во текот на самото читање доколку сметаат за потребно.

Сите цитати се различно означени од остатокот од текстот со болдирани букви за да бидат веднаш препознатливи. Ова важи и за изјавите, но и за цитирани документи. Овие делови од нашата проверка се многу важни и затоа нашата намера е тие да бидат лесно забележливи од страна на читателите.

Во случаи кога изворите сакаат да останат неименувани, ние правиме сè што можеме за да дадеме што поблиско појаснување за провиниенцијата на изворот. Но, генерално гледано, многу ретко користиме неименувани извори и никогаш таквите извори не се единствени во анализата. Покрај нив, секогаш мора да има и јасно именувани извори.

Конфликт на интереси

Секој случај на конфликт на интереси е јасно наведен на лице место, во момент кога ќе се наиде на таков.

Начин на пренесување на изјавите

Анализираните изјави, преземени од пишани извори во анализите на Вистиномер, се објавуваат во оригинал, без интервенции во јазикот, граматиката и смислата. Остатокот од написите е, се разбира, лекториран. Изјавите се објавуваат во нивната оригинална форма, заедно со сите можни грешки и специфики за читателите да стекнат вистинска слика за тоа како изгледаат, како звучат, како се објавени и што содржат во нивната оригинална форма.

 

(ПРОВЕРКА НА ФАКТИ) Ветувања

Ветувањата дадени во предизборните програми се издвојуваат како посебни ентитети, кои се поставуваат на сајтот Вистиномер. За да добие ваков статус ветувањето од политичката програма мора да содржи:

  • конкретни цели – резултати кои партијата има намера да ги постигне по доаѓањето/останувањето на власт, како и
  • мерки – активности кои ќе бидат преземени за постигнување на целта.

Конкретни цели имаат ветувањата кај кои со сигурност може да се утврди кој резултат се сака да се постигне и кога тој резултат е постигнат. Тоа подразбира очекуваниот резултат да биде опишан на јасен, прецизен и недвосмислен начин, со јасно одредени параметри, т.е. индикатори врз основа на кои може да се мери исполнетоста на ветувањето. Прецизни параметри се оние елементи на ветувањето со кои поподробно се утврдуваат суштинските својства (квантитет, квалитет и составни елементи) на зададената цел, кои мора да бидат задоволени за таа цел да може да се смета за исполнета. Таквите параметри зависат од природата на ветувањето и може да опфаќаат:

  • Почетни и завршни големини: ако се ветува раст во одредена област – прецизни параметри за посакуваните стапки на раст и развој во однос на тековната состојба; при ветувања од финансиската сфера, параметрите опфаќаат конкретни суми/проценти на средства.
  • Доколку се ветуваат квалитативни подобрувања во одредена област, параметрите мора да го објаснат ветениот напредок во однос на постоечката состојба. Ако ветените промени не се мерливи со бројки (пошироки политики и стратегии, општествена клима, култура, системи на вредности, меѓународна соработка) параметрите вклучуваат детални описи на очекуваните промени со конкретни краткорочни и долгорочни мерки.
  • Институционални параметри – ако ветувањата се однесуваат на законските рамки, треба да содржат прецизирање на законодавните акти од кои може да се види кои области се уредуваат, во кој обем и со кои акти. Во случај на воспоставување институции, параметрите мора да укажат на нивното ниво и надлежности.
  • Наведување механизми за следење и контрола на индикатори на спроведувањето на ветувањата, ако тоа веќе не е покриено во рамки на постоечки институционални механизми.
  • Параметри за одредување на временската рамка за исполнување на ветувањата.

Конкретните мерки претставуваат активности кои носителот на ветувањето ќе ги преземе со цел остварување на дадено ветување, преку конкретни параметри кои покажуваат дека ќе дојде до остварување на поставената цел. Во зависност од самата цел, тие може да вклучуваат:

  • Прецизна правна рамка со која ќе се уреди дадената област или проблем
  • Најава на студии/истражувања, стратегии, планови со кои ќе се обезбеди ветениот резултат
  • Потекло и износ на средствата со кои ќе се обезбеди исполнување на зададената цел
  • Временски рокови за извршување на најавените мерки
  • Идентификување на постоечките или најава на воспоставување нови надлежни институции кои ќе ги спроведат наведените активности
  • Наведување механизми за следење на спроведувањето
  • Други активности кои треба да се обезбедат за остварување на ветувањето.

Ветувањата кои се нелогични или искажани на начин што оневозможува да се проверат се означени како недоследни.

Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето:

  • Неисполнето: доколку за даденото ветување нема никаква активност, односно ништо не е спроведено до дадениот рок.
  • Делумно исполнето: направени се неколку активности за негово исполнување
  • Исполнето: ветувањето е исполнето во целост
  • Во тек: започнато е да се работи на исполнување на ветувањето
  • Недоследно: нелогично ветување и за кое не постои начин да се провери

Анализите и оценките на ветувањата се објавуваат јавно на Интернет и по можност се доставуваат директно до партиите. Носителите на ветувањата, како и целата јавност имаат можност на увид и директен одговор на сите анализи, давање деманти, замерки, сугестии и дополнителни информации и аргументи врз основа на кои може да дојде до промена на степенот на исполнетост за дадено ветување, преку коментари на веб-сајтот или други форми на директна комуникација со аналитичкиот тим.

 

Контраспин

Преку рубриката Контраспин (со поднаслов: „разоткривање на сите спинови“) се анализираат изјави, групи на изјави, но и делови или цели говори на политичарите и јавните личности пошироко, кои не можат да бидат јасно оценети како виситинити или невистинити преку методологијата за оценувањето на вистинитоста на изјавите, туку изискуваат поширока експликација и елаборација за да се опфати контекстот и да се „отплетка“ она што го кажува политичарот во инстанции и ситуации како овие (но и многу други):

  • упорно и постојано користење на невистинити податоци и нивна латентна, односно индиректна, тешко забележлива злоупотреба
  • комплексни манипулации со контекстот
  • проблемот со неможноста изјавата да се провери и да се расчлени нејзината шепкулативна природа
  • комплексни и нејасни зборови кои се поврзани на таков начин што не значат ништо, но личат како да кажуваат нешто многу важно
  • интерна контрадикторност во самата изјава која не е видлива или е тешко сфатлива на прв поглед или при недостаток на дополнителни информации
  • комплетни говори кои мора да се анализираат пасус по пасус, односно посебно дел по дел за да се сфатати содржината, која, пак, се разликува од наметнатиот тон
  • промовирање екстремни ставови со користење на „висока“ (најчесто нејасна) реторика за да се прикажат, односно да се стекне погрешен впечаток како да станува збор за легитимни
  • промовирање на странични и неважни ставови и нивно „поставување на пиедестал“ како суштински со цел да се замагли некој друг многу поважен проблем
  • злоупотреба на семантиката (значењето) на зборовите, при што им се придава друго измислено значење, но и на лексиката на македонскиот јазик преку измислување на непостоечки зборови
  • изјави и говори на странски јазици, но погрешно кажани или погрешно преведени
  • изјави кои со многу прикриен или налице „нормален“ и „здраворазумски“ јазик, сепак, шират дискриминација, навреди или дури и индиректен говор на омраза
  • вешто прикриени измамнички и наведувачки изјави кажани со цел да збунат за потоа преку нив да се извлече политичка или друга корист, но без јасно да се каже за што станува збор
  • и најважно: изјави и говори кои во себе содржат, се засноваат или промовираат спин или повеќе меѓусебно испреплетени спинови и манипулации, кои тешко се распознаваат како такви
  • и друго

Овие написи, со оглед на нивната компексност, ги работат исклучиво професионални новинари со повеќегодишно аналитичко искуство и докажана способност за препознавање на спинови и „отплеткување“ на комплексни манипулации произведени од партиско-политички спин-доктори какви што ги користат политичарите. Ваквиот пристап доведува до тоа да се создаваат сериозни анализи, кои изјавите на политичарите ги третираат од различни агли со цел нивно посеопфатно разобличување. Нивната цел е да ја расчисти сета „магла“, нејаснотии, манипулации, но и целите и позадината на изјавите и тврдењата на политичарите и другите значајни јавни личности, кои се дел од креирањето на политиките и од јавниот дискурс.

Со оглед на фактот што самата рубрика се вика Контраспин, овие текстови немаат посебни оценки. Обработувањето на некоја изјава, изјави, дел од или цел говор во рамките на оваа рубрика по автоматизам подразбира дека редакцијата на Вистиномер смета оти таа во најмала рака изискува серозно дообјаснување или, пак, едноставно претставува спин, односно содржи елементи кои подразбираат постоење на некаков спин, односно манипулација.

Со оглед на тоа како изгледа конечниот производ и неговата очигледна аналитичка новинарска позадина и форма, тие се популарни кај медиумите, кои често ги преземаат за реобјавување, а со тоа и на најширок начин стигнуваат до граѓаните. Покрај ова, со оглед на вклучените бројни цитати и линкови, невладините организации ваквите написи ги користат во своите истражувања и проекти како аргументација во поддршка на своите активности.

 

(ПРОВЕРКА НА ФАКТИ) Соработка со социјалната мрежа Фејсбук

Почнувајќи од август 2020 година, порталот Вистиномер и Фондацијата Метаморфозис, како негов издавач, отстварија соработка со социјалната мрежа Фејсбук на полето на проверката на факти во содржините на оваа социјална мрежа. Повеќе за почетокот на оваа соработка можете да дознаете овде.

За спроведување на оваа соработка, Вистиномер се потпира врз три основни столба:

Првиот столб претставува користење на својата стручна, сеопфатна и стандардизирана методологија за проверка на факти во медиумите, која се употребува и во рамките на целата Фондација „Метамофозис“ при вршење на проверки на факти, а која претходно беше употребена во Сервисот за проверка на факти (2013-17), како и во проектот за проверка на факти од медиумите и медииумска писменост Критинк – Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност (2018-2021). Оваа методологија беше изработена во 2012-13 година и се обновува по потреба. Станува збор за документ во кој е објаснет и систематизиран начинот за собирање информации, нивно систематизирање и селекција, користење на изворите и сите останати новинарски техники за изноаѓање и менаџирање со информации, но ставени во контекст на проверка на факти на претодно објавени содржини од страна на најразличните актери во јавниот дискурс. Правилата, практиките и техниките изнесени во оваа методологија се сеопфатни и можат да се однесуваат на сите видови медиуми, но, особено внимание се обраќа на спецификите кои се однесуваат на проверка на фактите во содржини објавени на интернет. Нашата сеопфатна методологија за проверка на факти можете да ја најдете овде.

Вториот столб се Кодексот на принципи на Меѓунарoдната мрежа за проверка на факти, кои се однесуваат на почитувањето на непартизираноста и фер однесувањето, почитувањето на стандардите и транспарентноста на изворите, почитувањето на транспарентност на изворите на финансирање и организација, почитувањето на стандардите и транспаренстоста на методологијата, почитувањето на отворена и искрена политика на корекции. Вистиномер е член на оваа организација од 2019 година заедно со уште 90 организации за проверка на факти ширум светот.

Третиот солб, пак, се договорените обврски, барањата и упатствата на партнерот – Фејсбук, кои се однесуваат на различни сегменти од проверката на факти и можат да се најдат во секцијата за помош.на социјалната мрежа. Она што е најважно да се знае, тоа е дека редакцијата на Вистиномер нема никаква можност да брише или на било кој начин да отстранува содржини од Фејсбук и единствена обврска договорена со партнерот е проверката на факти кај содржините и доделување на еден од петте од Фексбук дефинирани рејтинзи: дезинформација, делумна дезинформација, недостиг на контекст, сатира и изменета/фалсификувана содржина. Посеопфатни објаснувања за овие рејтинзи можат да се најдат во документите од секацијата за помош на Фејсбук. Исто така, многу важно е да се знае дека доделените рејтинзи од страна на Вистиномер не се неменливи и тие можат да се повлечат ако се корегираат оценетите содржини.