За Вистиномер
Преку објавување на Вистиномер.мк (www.vistinomer.mk), Фондацијата „Метаморфозис“ става на располагање на јавноста уште една алатка за зголемување на отчетноста и одговорноста на партиите пред граѓаните.
Вистиномер.мк, преку тим на стручни лица од соодветните области, ги анализира ветувањата на политичките субјекти и ги презентира во лесно читлива, агрегирана форма, заедно со систематски статистички податоци. Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето. Ветувањата кои се нелогични или искажани на начин што оневозможува да се проверат се означени како недоследни.
Преку запознавање со ветувањата и со аргументите од објасненијата, граѓаните се едуцираат како да ги читаат и интерпретираат изборните програми и платформи, како и самите да следат и да оценуваат колку од тоа што е напишано и ветено се исполнува.
Вистиномер.мк ќе продолжи да функционира долгорочно и ќе го следи остварувањето на предизборните ветувања на победниците, како и изјавите на политичарите кои може да се класифицираат како ветувања.
Основна намена на Вистиномер.мк е да го зголеми знаењето на граѓаните, медиумите, невладините организации, но и на партиите и нивните членови кои преку него имаат прилика да се запознаат и со низа аспекти на политичкиот процес од Македонија.
Работата на Вистиномер е поддржана од следните донатори кои работат на развој на демократијата:
2022/23
- НЕД – Национална фондација за демократија (National Endowment for Democracy – ned.org), финансирана од Конгресот на САД, во периодот од април 2011 г. до октомври 2023 г. Од 1 ноември 2021 година, Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер започнаа да го имплементираат проектот „Промовирање на пристап до веродостојни вести за справување со дезинформации“ (Promoting Access to Reliable News to Counter Disinformation), исто така, поддржан од НЕД.
- Холандска Амбасада во Скопје, Северна Македонија – од 1 ноември 2021 година, Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер започнаа да го имплементираат проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“ (Western Balkans Anti-Disinformation Hub: Exposing Malign Influences through Data-Driven Watchdog Journalism). Проектот се имплементира во соработка со партнерски организации од Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија и неговата имплементација продолжува во периодот 2022/23 година
- Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер во 2022 г. ја продолжија соработката со социјалната мрежа Фејсбук во рамките на партнерството во глобалната програма за проверка на факти од трети страни на оваа социјална мрежа на територијата на С. Македонија. Ваква соработка социјалната мрежа Фејсбук има остварено и со уште десетици други организации за проверка на факти ширум светот и таа ќе продолжи и во 2023 г.
2021/22
- НЕД – Национална фондација за демократија (National Endowment for Democracy – ned.org), финансирана од Конгресот на САД, во периодот од април 2011 г. до јуни 2020 г. Од 1 јули 2021 година, Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер започнаа да го имплементираат проектот „Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ“ (Fact Checking the Progress of North Мacedonia Towards the EU), кој е, исто така, поддржан од НЕД.
- БТД – Бaлкански фонд за демократија на Германскиот Маршалов фонд на САД (Balkan Trust for Democracy of the German Marshall Fund of the United States – gmfus.org), во периодот од јули 2017 г. до јуни 2018 г. Од 1 јуни 2021 година, Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер започнаа да го имплементираат проектот „Рапиден одговор на вакциналните дезинформации“ (Rapid Response to Vaccine Disinformation), кој е, исто така, поддржан од БТД.
- Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер во 2021 г. ја продолжија соработката со социјалната мрежа Фејсбук во рамките на партнерството во глобалната програма за проверка на факти од трети страни на оваа социјална мрежа на територијата на С. Македонија, заедно со уште десетици други организации за проверка на факти ширум светот.
2020/21
- ЈуТјуб/ИФЦН – на 21 август 2020 година, доби грант за имплементација на проектот „Контраспин ТВ“, кој траеше во период од 6 месеци (октомври 2020 – март 2021). Проектот беше поддржан од социјалната мрежа за споделување на видео содржини, ЈуТјуб, а активностите за доделување на грантовите беа спроведени од страна на Меѓународната мрежа за проверка на факти (ИФЦН)
- ФООМ – Фондација отворено општество – Македонија (fosm.mk) во периодот од јули до декември 2018 г.
- Покрај ова, Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер од август 2020 година започнаа соработка со социјалната мрежа Фејсбук, со што порталот Вистиномер стана партнер во глобалната програма за проверка на факти од трети страни на оваа социјална мрежа на територијата на С. Македонија, заедно со уште десетици други организации за проверка на факти ширум светот.
Со создавањето на Вистиномер во 2011 г., како и со претходната веб-апликација Гласомер.мк (glasomer.mk), Фондацијата „Метаморфозис“ jа продолжи долгогодишната регионална соработка со граѓанските здруженија „Зашто не“ од Босна и Херцеговина и ЛиНет од Србија за примена на нови технологии за поголема транспарентност, поддржана од НЕД, како дел од напорите за развој на демократијата во регионот. Метаморфозис ја продолжува соработката со организациите кои работат во оваа област преку регионалната мрежа ACTION SEE и глобалната мрежа International Fact-Checking Network.