АНАЛИЗА:„Локални изборни буџети “ – најмногу пари за плати и придонеси

И натаму од општинските буџети најмногу пари се трошат за плати и социјални придонеси. На приходната страна, државните трансфери се „најбогатиот“ извор на финансии, а во некои општини високо котира наплатата по основ на „даноци на специфични услуги“. Во второто продолжение „Порталб“ ги анализира локалните буџети на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и на Град Скопје

И натаму од општинските буџети најмногу пари се трошат за плати и социјални придонеси. На приходната страна, државните трансфери се „најбогатиот“ извор на финансии, а во некои општини високо котира наплатата по основ на „даноци на специфични услуги“. Во второто продолжение „Порталб“ ги анализира локалните буџети на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и на Град Скопје

 

Приходи и расходи во предизборие

Општина Струга во првите три изборни месеци од годинава по основ на данок на доход наплатила скоро 27 отсто од средствата планирани за цела година, додека данокот на имот е реализиран со стапка од 19,3 отсто. По „државните трансфери“ највисока приходна ставка се „даноци на специфични услуги“ во износ од 1 милион евра. По основ на плати за три месеци се потрошени 2,4 милион евра и уште 960.000 евра за придонеси. Повисока трошковна ставка се „други градежни објекти“ со износ од 609.000 евра. По основ на „договорни услуги“ во првите три месеци се исплатени 102.200 евра. Во првото тромесечје реализацијата на приходите изнесува 24,5 отсто, а на расходите 23,9 отсто.

Наплатата на данок на доход во Општина Тетово изнесува дури 53,6 отсто додека на данок на имот  31,2 отсто во однос на годишниот план. И во оваа општина доминантна приходна ставка се „државните трансфери“, а по нив данокот на имот. На буџетската расходна страна највисока сума од 3,8 милиони евра  е потрошена за основни плати и уште 1,5 милиони за социјални придонеси. Ставките „договорни услуги“ и „привремени вработувања“ поединечно го чинеле општинскиот буџет по 318.000 евра. Приходите на оваа општина во првите три месеци се реализирани со стапка од 22,9 отсто, а расходите со 21,4 отсто.    

Скопската Општина Чаир во првите три месеци, според официјалниот податок од Министерството за финансии, имала 0 отсто наплата на данок на доход, додека реализацијата кај данокот на имот изнесува 16,7 отсто. Од наплата на „даноци на специфични услуги“ во општинската каса се слеале скоро 245.000 евра, втор износ по големина по „државните трансфери“. Во првите три месеци за исплата на плати се потрошиле 1,9 милион евра и уште скоро 757.000 евра за социјални придонеси. „Договорните услуги“ во првиот квартал од годинава оваа општина ја чинеле 250.500 евра. Во првиот квартал приходите во Општина Чаир се реализирале со стапка од 20,4 отсто, а расходите со 20,1 отсто.  

Општина Сарај во првиот квартал наплатила 32,6 отсто од годишниот план по основ на данок на доход а од данок на имот, приходите се реализирани со 18,3 отсто. Наплатата на „даноци на специфични услуги“ во однос на планот за целата година, изнесува 13,2 отсто. Од општинскиот буџет во првите три месеци за исплата на плати се потрошиле скоро 1,1 милион евра и уште 424.200 евра за социјални придонеси. Втора по висина расходна ставка во износ од 523.000 евра е „други градежни објекти“.  Буџетските приходи на Општина Сарај се реализирани со стапка од 21,6 отсто а расходите со 20,6 отсто.

 

Град Скопје

Годинава приходите и расходите  на Град Скопје се проектирани во износ од 130 милиони евра. Во првите три месеци реализацијата на приходите во однос на планот изнесува 19,9 отсто а на расходите 17,0 отсто . Како и кај општините, така и во касата на Град Скопје највисок износ од 10,2 милиони евра е слеан по основ на „трансфери од други нивоа на власт“.  Данокот на доход е реализиран со 33,5 отсто, а данокот на имот со стапка од 13,9 отсто. Од наплата на „такси и надоместоци“ наплатени се 816.600 евра.

На расходната страна, за исплата на основни плати се потрошиле 5,9 милиони евра, а за социјални придонеси 2,3 милиони евра. Втора по висина трошковна ставка е „субвенции за јавни претпријатија“, за што во период од три месеци  се потрошиле 3,5 милиони евра. По основ на „други градежни објекти“ се  исплатени скоро 2,4 милиони евра. За исплата на  „договорни услуги“ се одлеале 1,2 милиони евра.

„Порталб“ веќе ги објави буџетските тримесечни биланси на општините Арачиново, Гостивар, Дебар и Кичево. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција