Со изменето видео се тврди дека Бајден се обидел да седне на невидливо столче

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Американскиот претседател не се обидел да седне на невидливо столче, туку станува збор за манипулирано видео, кое е скратено и изменето за да делува како Бајден да се обидел да седне во празно. Снимките од церемонијата го покажуваат спротивното. Бајден седнал во исто време со останатите кои го придружувале на бината

Американскиот претседател не се обидел да седне на невидливо столче, туку станува збор за манипулирано видео, кое е скратено и изменето за да делува како Бајден да се обидел да седне во празно. Снимките од церемонијата го покажуваат спротивното. Бајден седнал во исто време со останатите кои го придружувале на бината

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која сака да го прикаже американскиот претседател Џо Бајден како неспособен и сенилен, тврдејќи дека за време на церемонијата во Нормандија, Франција, на комеморацијата на 80-годишнината од Денот Д, Бајден се обидел да седне на невидливо столче.

Американскиот претседател Џо Бајден направи уште еден во низата гафови за време на церемониите по повод 80-годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија во Втората светска војна, познат како Денот Д, стои во објавата.

Додека ветераните од Втората светска војна и светските лидери се собраа за да оддадат почит на славната сојузничка инвазија на Франција окупирана од нацистите, корисниците на социјалните мрежи споделуваа кратко видео со цел да го продолжат тековниот наратив дека Бајден е немоќен, пишуваат во своите анализи АФП и АП.

Во видеото, Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон се ракуваат додека стојат меѓу своите сопруги, првите дами Џил Бајден и Брижит Макрон. Претседателот потоа накратко погледнува преку левото рамо, се наведнува и останува во таа положба додека американскиот министер за одбрана Лојд Остин е најавен како следен говорник на настанот.

Но, видеото што се шири на социјалните мрежи, а кое го споделува и објавата која ја анализираме, се прекинува веднаш пред Бајден да седне. На снимката од церемонијата објавена во целост на Јутјуб, може да се забележи како Бајден гледа во своето столче, се наведнува, застанува додека започнува најавата на Остин и потоа седнува во исто време со Макрон, нивните сопруги и луѓето што седат зад нив. Столот на Бајден е видлив низ видеото, пишува АП.

Истото го потврдува и АФП во својата проверка на фактите.

Целосната снимка од церемонијата во живо објавена од британскиот весник The Times, покажува дека Бајден почнал да седи додека музиката запрела, а потоа паузирал за да го почека најавувањето на Остин

Тој целосно седна како што беше прочитано името на Остин, заедно со првата дама и францускиот претседател. Клипот споделен на интернет е монтиран за да се изостави делот каде Бајден на крајот седна на своето место, посочува АФП.

Од сето ова можеме да заклучиме дека американскиот претседател не се обидел да седне на невидливо столче, туку станува збор за манипулирано видео, кое е скратено и изменето за да делува како Бајден да се обидел да седне во празно. Снимките од церемонијата го покажуваат спротивното. Бајден седнал во исто време и со останатите кои го придружувале на бината. Очигледно е дека објавата има за цел да собере кликови така што ќе го прикаже американскиот претседател како сенилен и немоќен, без притоа да ги провери фактите. Поради тоа објавата ја оценуваме како погрешна.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција