Варијантата „Му“ уште не е пристигната во земјава, во ЕУ „Делта“ останува најзагрижувачка варијанта

Trinity Care Foundation on Fickr, CC BY-NC-ND 2.0.

Најновата варијанта на коронавирусот, позната како „Му“  СЗO ја смета за „варијанта од интерес”. Светската Здравствена Организација вака ги класифицира само варијантите со сериозен потенцијал за опасност. За Порталб.мк од Министерството за здравство потврдија дека оваа варијанта уште не е пристигната во Северна Македонија, но дека е потврдена во неколку соседни земји. Меѓутоа, до сега, најзагрижувачка останува варијантата „Делта“ која е многу поинфективна, пишува Порталб.мк.

Иако од Министерството за здравство не одговорија дали ги вршат потребните тестови за да видат дали оваа варијанта на корона вирусот е присутна во Северна Македонија, само кратко изјавија дека варијантата „Му“ не е детектирана во РСМ.

До денес во РСМ не е детектирана варијантата „Му“ на Сарс КоВ 2 вирусот” потврдија од Министерството за здравство за Порталб.мк.

Што е варијантата „Му“ и дали има причина за загриженост?

Од Светската Здравствена Организација изјавија дека внимателно ја следат новата варијанта на коронавирусот, сега позната како варијанта „Му“. Оваа варијанта за првпат беше идентификувана во јануари во Колумбија. Варијантата со научно име Б1.621, од експертите на СЗО е класифицирана како варијанта од истражувачки интерес поради нејзините специфичности. Меѓутоа, сеуште нема детални студии за оваа варијанта, и од СЗО изјавија дека за да се зборува за нејзината потенцијална опасност потребни се повеќе студии.

Во моментов, здравствените власти ширум светот се загрижени од појавата на нови варијанти на коронавирусот, а најмногу ги плаши појавата на варијанта која би била отпорна на актуелните вакцини и зголемувањето на позитивните случаи како резултат на „Делта“варијантата која во моментов е доминантна во некои земји на ЕУ и пошироко.

Сепак, бројот на заразени, како и хоспитализирани главно се состои од невакцинирани лица, кои се изложени на многу поголем ризик од зараза со коронавирус. До денес, СЗО има идентификувано четири вознемирувачки варијанти на Ковид-19 меѓу кои варијантите Алфа и Делта, додека пак 5 други варијанти вклучувајќи ја и варијантата Му сеуште се истражуваат.

Делта” останува најзагрижувачката  варијанта до сега

Иако во светот почна да се шири друга варијанта позната како „Му“, „Делта“ варијантата на корона вирусот останува една од најзагрижувачките варијанти, изјавиле од Светската Здравствена Организација.

Варијантата „Му“, која пред неколку дена беше ставена на листата на СЗО на варијанти „од интерес“, има мутации за кои се вели дека може да ја надминат заштитата стекната преку природна инфекција или вакцинација, рече Марија Ван Керкхова, технички директор на агенцијата за Ковид -19, на една прес конференција.

Меѓутоа, новата варијанта – која првично беше откриена во Колумбија, сега веќе потврдена во многу земји, нема иста распространетост како „Делта“ варијантата, додаде таа.

Делта варијантата за мене е една од најзагрижувачките поради високата преносливост“, рече Keркхова.

Варијантата „Му“ позната како Б.1.621, веќе се шири во неколку земји во светот, додаде Keркховa.

Секоја нова варијанта што ќе се појави треба да биде подготвена да се „натпреварува“ со една од најсилните, а во моментов тоа е Делта варијантата, рече лекарот Мајл Рајан од Светската Здравствена Организација, алудирајќи дека во моментов „Делта“ варијантата е најзагрижувачка.

Ние очекуваме да видиме и многу други варијанти како Делта“, рече тој.

„Нова варијанта не значи дека е крај на светот. Секоја варијанта треба да се истражува во однос на нејзините карактеристики и нејзиниот потенцијал да предизвика повисок морбидитет или побрза инфекција, како и нејзиниот потенцијал да ја надмине заштитата што ја нудат вакцините“.

Во моментов се следат четири вознемирувачки варијанти: Алфа, која за првпат беше откриена во Обединетото Кралство, Бета, која првпат беше откриена во Африка, Гама, првично откриена во Бразил и Делта. Како „вознемирувачи“ главно се карактеризираат варијантите со мутации кои се повеќе заразни, поопасни и отпорни на вакцините.

Фото: Порталб.мк/Арбнора Мемети

Фаучи: „Mу” има различни мутации на коронавирусот

Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и инфективни болести рече дека варијантата „Mу” има мутации за кои има сомневања дека можат да ги избегнат антителата, вклучувајќи ги тука и антителата од вакцините.

Но, уште нема клинички докази кои го потврдуваат тоа. Податоците воглавно се лабораториски и „ин витро“, додаде тој, потенцирајќи дека САД засега оваа варијанта нема да ја сметаат за закана.

Оваа варијанта за првпат беше откриена во Колумбија.

Министерот за здравство во оваа држава: „Му“ беше причина за третиот бран, во кој имавме 700 смртни случаи на ден

Колумбиската министерка за здравство, Марсела Меркадо, за една локална телевизија изјави дека варијантата „Му“ е причина за третиот бран на коронавирусот во таа држава од месец април до јуни. Таа рече дека во тоа време имало приближно 700 смртни случаи дневно, а две третини од тестовите кај починатите биле позитивни со варијантата „Му“.

До сега, актуелните податоци не се многу вознемирувачки

До сега, варијантата „Mу” не се шири со голема брзина: оваа варијанта опфаќа помалку од 1% од случаите со Ковид-19 во целиот свет. Во Колумбија оваа варијанта може да биде одговорна за околу 39% од случаите. Многу држави се позагрижени од поинфективната варијанта „Делта“, затоа што таа варијанта е доминантна во вкупно 174 земји во светот.

Властите ја мониторираат состојбата со варијантата „Му“ која е веќе детектирана во неколку земји. Министерот за здравство во Франција пред неколку дена изјави дека „нема зголемување на бројот на инфицирани лица со варијантата Му” во Европа.

Во меѓувреме едно истражување на  Aгенцијата за јавно здравје во Велика Британија покажала дека варијантата „Му“ може да биде исто толку резистентна колку и варијантата „Бета“ која првенствено беше детектирана во Африка, но од таму додадоа дека им се потребни уште податоци.

Од СЗО тврдат дека варијантата „Му“ се шири во неколку земји од Јужна Америка, но дека варијантата „Делта“ е поинфективна.

Варијантата „Му“ е класифицирана како „варијанта од интерес за истражување“ поради комбинацијата на мутации кои ги има, рече Марија Ван Керкхова од СЗО.

Во соседна Грција потврдено е присуството на варијантата „Му“

Според податоците на Националната агенција за јавно здравје во Грција (EODY) во Грција се регистрирани 6 случаи со варијанта „Му“ за која Светската Здравствена Организација (СЗО) информираше дека претрпела повеќе мутации отпорни на вакцините, но дека има потреба од повеќе истражувања за ова прашање.

Два случаи се потврдени на тестовите извршени при влез на аеродромот „Елефтерос Венизелос“ во грчката престолнина Атина, додека останатите 4 случаи во Арголида, Атики и Ахаја.

Во меѓувреме, Делта продолжува да биде доминантната варијанта на КОВИД-19 во Грција.

Инаку, во моментов и во Европската унија и кај нас, „Делта“ варијантата останува доминантна по бројот на заразени, и според сите студии објавени на официјалната веб -страна на Министерството за здравство, најголемиот број на смртни случаи од вирусот корона е меѓу невакцинираните лица.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција