Недела стана неработен ден

Фото: pixabay.com

На 2 март 2020 година, во пресрет на предвремените парламентарни избори, премиерот и тогашен претседател на СДСМ, Зоран Заев најави дека „недела ќе биде неработен ден”. Ова негово изборно ветување е исполнето. Законските измени со кои недела станува неработен ден, се изгласани во Собранието на 20 декември оваа година, со 62 гласа  на пратениците.

Ветување: Недела неработен ден

[Извор:Веб-страница на СДСМ: Прес-конференција, Зоран Заев,; од 2 март 2020 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На 2 март 2020 година, во пресрет на предвремените парламентарни избори, премиерот и тогашен претседател на СДСМ, Зоран Заев најави дека еден од приоритетите на новата Влада предводена од него, ќе биде грижата за работниците и унапредувањето на работничките права. Во тој контекст тој кажа дека „недела ќе биде неработен ден”.

Грижата за работниците и владеењето на работничките права продолжува со истиот тренд кој што е денеска веќе видлив. Следува построга, темелна и редовна контрола на работното време и на работничките права. Недела да биде неработен ден за сите кои сакаат да бидат со своите семејства, рече Заев.

Ова негово изборно ветување е исполнето.

Законоските измени со кои од 1 јануари 2022 недела станува неработен ден, односно ден за неделен одмор, се изгласани во Собранието на 20 декември оваа година, со 62 гласа  на пратениците.

Истиот ден (20.12.2021), Заев во објава на Фејсбук напиша:

Со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“, пратениците во Собранието на Северна Македонија ги усвоија измените на Законот за работни односи, со кои недела станува ден на неделен одмор.

Новиот закон предвидува:
👉 50% повисока дневница за работниците ангажирани во дејности кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати;
👉 100% повисока дневница за работа во недела за вработените во трговските центри;
👉 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.
Со ова законско решение се овозможува воспоставување рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот. Оваа рамнотежа придонесува работникот да биде поефикасен и помотивиран на работното место, а од друга страна да има и приватен живот – семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на неговите блиски.

 

 

Повод изгласувањето на новите законски измени министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, порача:

Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92 отсто од работниците.

Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува.  Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена.

Инаку, овие законски измени Владата ги усвои на почетокот на јуни. На 8 јуни Владата го утврди текстот на Предлог-законот за недела – ден на неделен одмор и го испрати на усвојување до Собранието. Претходно, во февруари (05.02.2021) на  седница на економско социјалниот совет беше разгледан драфт текстот за  законското решение за „недела неработен ден”.

Со оглед на тоа што Собранието ги донесе измените на Законот за работни односи, со кои од 1 јануари 2022 година недела станува неработен ден, ветувањето го оценуваме како исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Мирослава Бурнс

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција