ХААРП не влијае на воздухот, ниту на човековото расположение и мисли

Фото: Кула за 5Г мрежа. Извор: Ivan Radic, flickr, 2021

ХААРП не може да влијае на човековиот мисловен процес, ниту пак движење и не може да го контролира човековото движење. Забележливо е дека Кју Анон теоријата на заговор има тенденција да манипулира со различни мрежи, како на пример 5 Г мрежата, и да дезинформира дека некако таа мрежа, како и во случајов ХААРП, можат да ги натераат луѓето да прават работи што инаку своеволно не би ги направиле, или пак да биде контролирано нивното расположение, фреквенција на енергијата и слични бесмислености. 

ХААРП не може да влијае на човековиот мисловен процес, ниту, пак, движење и не може да го контролира човековото движење. Забележливо е дека Кју Анон теоријата на заговор има тенденција да дезинформира дека 5Г мрежата и ХААРП можат да ги натераат луѓето да прават работи што, инаку, своеволно не би ги направиле, или, пак, да биде контролирано нивното расположение, фреквенција на енергијата и слични бесмислености

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

19.09.2024 Денес пуштени се ХААРП системите за вештачка контрола на времето. Нерасположение, воздухот врие итн.
Не е вистина дека ХААРП има моќ да влијае врз тропосферата или стратосферата каде што летаат авионите и каде што се формираат метеоролошките процеси. ХААРП наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, нема моќ да влијае врз расположението на луѓето, односно да ги прави нерасположени.
Тоа е теорија на заговор која што е пласирана од поодамна и се протега на бројни климатски промени, земјотреси, природни катастрофи. Било која временска промена или природна непогода, се злоупотребува од теоретичарите на заговори за да се дезинформира дека ХААРП е виновникот за тоа.
Истражувањето на „Институт за демократија“ од ноември 2021 година покажа дека 46 отсто од граѓаните веруваат дека климата се контролира со сателити и радари (ХААРП), а 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица. Наспроти тоа, научните докази покажуваат дека човечките активности (првенствено согорувањето на фосилни горива) ја загреале површината на Земјата и нејзините океански басени, што, пак, продолжува да влијае врз климата на Земјата.
Во случајот на објавата што ја рецензираме, станува збор за базично неразбирање на тоа што оваа програма може, а што не може да направи.

ХААРП е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радио бранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.

Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на САД на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс, на 11 август 2015 г., дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.

Поради вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Но, не е точно тврдењето дека овие антени можат да влијаат врз промените на климата.

На официјалната веб-страница на проектот се вели дека „ги проучува својствата и однесувањето на јоносферата“:

Јоносферата се протега на околу 50 до 400 милји над површината на Земјата, точно на работ на вселената. Заедно со неутралната горна атмосфера, јоносферата ја формира границата помеѓу долната атмосфера на Земјата – каде што живееме и дишеме – и вакуумот во вселената.

Радио преносите од ХААРП предизвикуваат само мали ефекти во јоносферата кои траат краткотрајно, неколку секунди. Нема докази дека ХААРП може да предизвика природни катастрофи или да влијае врз човековите движења и мисли.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, на страницата на Универзитетот Алјаска, во делот со прашања и одговори односно факти и митови, на прашањето дали ХААРП може да го контролира или манипулира времето – временските прилики, одговорот е негативен.

Не. Радиобрановите во фреквенцискиот опсег кој го трансмитира ХААРП не се апсорбираат ниту во тропосферата, ниту во стратосферата, а тоа се двете нивоа на атмосферата одговорни за временските прилики на Земјата. Бидејќи нема интеракција, нема можност ХААРП да го контролира времето. ХААРП системот е голем радиотрансмитер. Радиобрановите имаат интеракција со електричните полнења и струи и немаат значајна интеракција со тропосферата. Понатаму, ако јоносферските бури предизвикани од Сонцето немаат ефект врз временските прилики, тогаш нема шанса ниту ХААРП да го прави тоа. Електромагнетните интеракции се случуваат само во блискиот вакуум на редок, но електрично наполнет регион на атмосферата, на околу 60 до 80 километри, познат како јоносфера. Јоносферата се создава и постојано се надополнува, додека сончевото зрачење е во интеракција со највисоките нивоа на атмосферата на Земјатапишува на сајтот каде се објаснува за ХААРП.

Според истата страница, нема ниту долгорочни ефекти од јоносферското загревање.

Инаку, теоријата на заговор дека ,,ХААРП може да влијае на расположението на луѓето на начин што може да ги напаѓа луѓето и нивните мисли да ги носи на високи и ниски фреквенции и вибрации” веќе е дебанкирана од Сајнс Фидбек.

 

ХААРП не трансмитира нискофреквентни вибрации, туку ги анализира физичките феномени во јоносферата. Не може да влијае на човековиот мисловен процес ниту пак движење и не може да го контролира човековото движење. Забележливо е дека Кју Анон теоријата на заговор има тенденција да манипулира со различни мрежи, како на пример 5 Г мрежата, и да дезинформира дека таа мрежа, како и во случајов ХААРП, некако можат да ги натераат луѓето да прават работи што инаку своеволно не би ги направиле, или пак да биде контролирано нивното расположение, фреквенција на енергијата и слични бесмислености.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција