Американските ХИМАРС ја распламтија руската пропаганда за употреба на нуклеарки

Лансирање на проектил од М142 HIMARS. Фото: Википедија/Пентагон

Станува збор за верижни реакции на руски високи функционери по доставувањето и ставањето во оперативна употреба на долгострелните западни ракетни системи што ги користат САД  и Германија. На почетокот на месецот, украински пратеник потврди за Си-Ен-Ен дека украинската војска почна да ги користи ракетните системи HIMARS, испорачани од САД, за да гаѓаат руски системи за противвоздушна одбрана, складишта за оружје и други цели на руска територија. Американскиот претседател Бајден малку ја релативизираше веста со огранчување за употребата од страна на Украинците, но фактот дека огнената моќ е во ниви раце го крена официјален Кремљ да испрати лавина реакции со застрашување за западните земји

Станува збор за верижни реакции на руски високи функционери по доставувањето и ставањето во оперативна употреба на долгострелните западни ракетни системи што ги користат САД  и Германија. На почетокот на месецот, украински пратеник потврди за Си-Ен-Ен дека украинската војска почна да ги користи ракетните системи HIMARS, испорачани од САД, за да гаѓаат руски системи за противвоздушна одбрана, складишта за оружје и други цели на руска територија. Американскиот претседател Бајден малку ја релативизираше веста со ограничување на употребата од страна на Украинците, но фактот дека огнената моќ е во нивни раце го крена официјален Кремљ да испрати лавина реакции со застрашување за Западот

 

Рускиот претседател Владимир Путин повторно му се закани на Западот и на НАТО земјите дека е можен конфликт од пошироки размери, бидејќи ја вооружуваат Украина со оружје со кое се гаѓаат цели на територијата на Русија – пишуваа речиси сите медиуми на македонски јазик.

На средба со странски новинари во Санкт Петерсбург за време на одржување на традиционален меѓународен економски форум, заканата на Путин беше во две насоки. Вооружување со долгострелно оружје на некои од земјите соседи на Западните земји или членките на НАТО и во насока на реална употреба на тактичко нуклеарно оружје доколку е загрозен рускиот суверенитет и територијален интегритет.

Ако некој мисли дека е можно да се достави такво оружје во воена зона за да ја нападне нашата територија и да ни создаде проблеми, зошто немаме право да ги снабдуваме другите со нашето оружје, рече Путин на прес-конференција во Санкт Петербург, пренесе еден од медиумите.

Нападите врз Руската Федерација со учество на западните земји значи нивна директна војна против неа, на што Москва ќе реагира и со одмазднички удари врз објекти кои ја снабдуваат Украина со такво оружје, изјави меѓу другото Путин, пренесува друг медиум.

Владимир Путин на пленарното обраќање во Санкт Петербург. Фото: Sergei Bobylev, RIA Novost/вебсајт на Претседател на РФ В. Путин

Пред уредниците на странските медиуми Путин рече дека руската нуклеарна доктрина дозволува такво оружје да се користи како одговор на одредени закани.

Поради некоја причина, Западот верува дека Русија никогаш нема да го искористи… Ние имаме нуклеарна доктрина, погледнете што пишува таму. Ако нечии дејствија го загрозуваат нашиот суверенитет и територијален интегритет, сметаме дека е можно да ги искористиме сите средства што ни се на располагање. Ова не треба да се сфаќа лесно, површно, посочи Путин, пренесува медиумот.

Друг медиум, пренесувајќи го Си-Ен-Ен, го појаснува контекстот и дава акцент дека Путин покрај САД особено ја прозвал и Германија.

Појавата на германски тенкови во Украина резултираше со етички шок во Русија, каде односот кон Германија претходно беше многу добар, рече Путин. Сега, кога велат дека ќе достават проектили кои ќе гаѓаат цели на руска територија, ова, се разбира, на крајот ги уништува руско-германските односи, додаде Путин, пренесува медиумот на македонски јазик.

Путин и ден потоа ја продолжи тактиката на пропагандно сеење страв, но овој пат прецизирајќи дека доктрината сè уште не била променета и дека не станувало збор за „ѕвецкање со оружје“, пренесуваат медиумите на македонски јазик:

Употребата (на нуклеарно оружје) е можна во исклучителен случај – во случај на закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Мислам дека тоа не е случи. Нема потреба, кажа Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петерсбург.

Но, доктрината е жива алатка и внимателно следиме што се случува во светот околу нас, па не исклучуваме нејзини измени. Тоа се однесува и на тестирањето нуклеарно оружје, кажа рускиот лидер, пренесоа медиуми на македонски јазик.

 

Песков и Медведев – засилувачи на пропагандните пораки

Ден по изјавата на Путин се јави и портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, кој ја потенцираше важноста на изјавата на Путин.

Ова е многу важна изјава, во која јасно се кажува дека снабдувањето со оружје кое ќе нѐ гаѓа нас не може да остане без последици и тие последици секако ќе се случат, изјавил Песков, пренесуваат медиуми на македонски јазик.

Тој одби да ги именува регионите или конкретните земји на кои Москва може да испрати такво оружје, истакнувајќи дека „претседателот (Путин) го кажа тоа што сакаше да го каже“.

Дмитриј Медведев, поранешниот претседател на Русија и еден од најгласните пропагандисти се јави најпрво на својот канал на Телеграм со порака до неименуваните непријатели на Западот да бидат безмилосни кога ќе го употребуваат руското оружје против нивните непријатели.

Дмитриј Медведев. Фото: Duma.gov.ru

САД и нивните сојузници нека ја почувствуваат директната примена на руското оружје кое против нив би го користеле трети држави“, порача Медведев.

Регионите во кои Русија би можела да испорачува свое оружје не се наведени, но тоа би можела да биде секоја држава која „Америка и нејзините ортаци ги смета за свои непријатели“, наведе Медведев, на Телеграм.

Без оглед на политичките убедувања и меѓународното признавање. Сите на кои САД им се непријател – нам ни се пријатели, додаде тој.

Нека сè уште неименуваните „региони“ применуваат руско оружје што подеструктивно за нивните и наши противници. И нека „чувствителните објекти на државите кои го снабдуваат Киев со оружје“ горат во пеколен пламен. Нека горат заедно со оние кои ги контролираат“, порача поранешниот руски претседател.

Медведев и неколку дена подоцна продолжи да упатува серија пропагандни пораки насочени против целата западна хемисфера, почнувајќи од пораките до германскиот и францускиот лидер Олаф Шолц и Емануел Макрон дека им е време за пензија, завршувајќи со објавување на картата на Русија која ги опфаќа и денешните граници на Украина и со пораката дека Русија треба да го направи животот на Запад во пекол.

Реакцијата на САД и за контекстот на заканите

Веднаш по ваквите реакции се јави и американскиот претседател Џо Бајден. Тој рече дека Украина нема дозвола со американско оружје да таргетира цели во Москва или претседателскиот уред во Кремљ.

Нема да дадеме дозвола за напади врз цели лоцирани на 200 милји (околу 322 километри) длабоко во Русија – рече Бајден, објаснувајќи дека Американците, од друга страна, му дозволуваат на Киев да користи американско оружје на конкретни цели во близина на украинската граница, пренесува медиум на македонски јазик.

Станува збор за верижни реакции на руски високи функционери по доставувањето и ставањето во оперативна употреба на долгострелните западни ракетни системи што ги користат САД  и Германија. На почетокот на месецот украински пратеник потврди за Си-Ен-Ен дека украинската војска почна да ги користи ракетните системи HIMARS, испорачани од САД, за да гаѓаат руски системи за против-воздушна одбрана, складишта за оружје и други цели на руска територија. Ова е особено важно ако се има предвид дека системите HIMARS имаат дострел до 499 км, според јавно достапните податоци.

Јехор Черниев, заменик-претседател на Комитетот за национална безбедност, одбрана и разузнавање на украинскиот парламент, рече дека американското оружје овозможило „значително да се намали гранатирањето на Харков со руски ракети С-300“.

Ден пред реакцијата на Путин, предупредувачка закана упати и рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, кој ги предупреди САД дека може да се соочат со фатални последици доколку лошо ја разберат ситуацијата во односот на Украина, јавија повеќето медиуми на македонски јазик.

Би сакал да ги предупредам американските лидери за погрешните пресметки кои би можеле да имаат фатални последици. Од непознати причини, тие ја потценуваат сериозноста на одговорот што може да го добијат, рекол Рјабков за РИА Новости, пренесуваат овдешните медиуми.

Руските новински агенции го цитираа Рјабков дека обидите на Киев да ги нападне руските радарски системи за рано предупредување ќе бидат спречени и Москва може да одговори асиметрично на таквите чекори.

Униште еден од руските ПВО ракетни системи. Фото: скриншот од X

Изјавата на Рјабков се случи откако украинско беспилотно летало целело на руски радар со голем дострел, дел од системот за рано предупредување. Но, ден по изјавата на Рјабков уследи уште една драматична вест за ракетиран руски ПВО систем од типот С300 или можеби и С400, вест што ја потврди со видео и фотографии и украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

Русија истиот ден врати со ракетен напад врз Доњецк, при што загинале седум лица. Ова се совпадна со новиот извештај на набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина, која ги верификуваше податоците за смртта на 10.810 цивили во Украина и ранетите 20.556 цивили од почетокот на инвазијата. Организацијата сепак тврди дека реалниот број на цивилни жртви е многу поголем, пренесуваат медиуми на македонски јазик.

 

„Миротворецот“ Путин со невозможна понуда за Украина

На два дена пред мировната конференција во Швајцарија Путин излезе со нов предлог за прекин на огнот и почнување на мировни преговори, пренесоа најголемиот дел од македонските медиуми:

„Условите се многу едноставни“, рече Путин, наведувајќи го целосното повлекување на украинските сили од целата територија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во источна и јужна Украина.

Штом Киев изјави дека е подготвен за таква одлука и го започне вистинското повлекување на силите од овие региони, а исто така официјално објави дека се откажуваат од плановите за влез во НАТО, од наша страна, веднаш, буквално во истата минута, ќе следи наредба за прекин на огнот и почеток на преговори, рече тој.

Повторувам, ќе го направиме тоа веднаш. Се разбира, во исто време ќе гарантираме непречено и безбедно повлекување на украинските единици и формации.

Украина веднаш ја отфрли невозможната мировна понуда.

Украина нема да ги прифати условите за почеток на преговорите за завршување на војната што ги претстави рускиот претседател Владимир Путин, изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак.

Тој го отфрли предлогот на Путин, оценувајќи дека тоа не е сериозен обид за постигнување мировен договор и дека не е релевантен за никакви преговори. Подољак додаде за Ројтерс дека „нема можност да се најде компромис“ меѓу изјавите на Путин и условите за крај на војната што ги претстави Украина.

 

С.Македонија и 77 други земји ја потпишаа Декларацијата за мир во Украина

Во ваква атмосфера во Швајцарија кон средината на месецот се одржа дводневна мировна конференција за Украина без учество на Русија. Самитот, на кој сепак не учествуваше американскиот претседател Џо Бајден, заврши со усвојување Декларација поддржана од 78 земји од присутните 92 држави од светот и со повикот на следната мировна конференција Русија да учествува откако ќе ги исполни заложбите во декларацијата, но и со оценка на Шолц, дека без Русија нема мир, пренесоа дел од домашните медиуми.

Заедничка фотографија на учесниците. Фото: Швајцарско МНР

Во завршниот документ, Декларацијата, како прв услов се наведува дека Русија мора да го почитува територијалниот интегритет на Украина, да престане со заканите за употреба на нуклеарно оружје, да се обезбеди сигурност на најголемата нуклеарна централа во Европа во Запорожје и да престане таргетирањето на транспортните инфраструктурни проекти и бродовите што пренесуваат жито и друга храна од Украина кон целиот свет, преку Црно Море.

Ја потврдуваме нашата посветеност да се воздржиме од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава, кон принципите на суверенитет, независност и територијален интегритет на сите држави, вклучително и Украина, во рамките на нивните меѓународно признати граници, вклучувајќи ги територијалните води и да се решаваат споровите со мирни средства како принципи на меѓународните права, се наведува во декларацијата.

Земјите кои не ја поддржуваат декларацијата се 6 членки на групата Г20 – Бразил, Мексико, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Индија и Индонезија, како и Ерменија, Бахреин, Тајланд, Либија, Обединетите Арапски Емирати, Колумбија и Ватикан, нагласуваат дел од македонските медиуми.

Самитот што се одржа во луксузно одморалиште близу Луцерн имаше за цел да создаде најширока можна поддршка за процес кој би помогнал да се стави крај на војната и учествуваа повеќе од 90 држави и организации. Русија не беше поканета, додека Кина одби да присуствува, поради што некои фрлија сомнеж врз ефективноста на самитот.

Дел од Самитот во Швајцарија при обраќањето на Г. Сиљанова Давкова. Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Патем, медиумите во земјава масовно го следеа самитот во Швајцарија, меѓу другото затоа што на него активно учествуваше и РС Македонија, претставувана од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која беше еден од потписниците на Декларацијата и имаше свое обраќање.

 

Северна Кореја и Виетнам нови лансирни рампи за руската пропаганда

Официјалните посети на Владимир Путин на Северна Кореја и Виетнам во втората половина на јуни послужија како место од каде Русија ја продолжи својата непријателска пропаганда против Западот, а дел од медиумите на македонски јазик ги пренесуваа вестите, но главно од западни извори.

Од пречекот на Путин во Пјонгјанг. Фото: Кабинет на претседател на РФ/вебсајт

„Весели толпи и раскошни церемонии го пречекаа Владимир Путин на неговата прва посета на Северна Кореја од 2000, на која двете земји најавија дека ќе го зацврстат своето партнерство среде западните санкции и притисоци. Руските државни медиуми покажаа голем број војници и цивили собрани на плоштадот во Пјонгјанг, по што двајцата лидери се упатија на разговори во палатата Кумсусан.

Путин веднаш го нападна Западот и кажа дека Русија се бори против хегемонистичката, империјалистичка политика на САД и ѝ се заблагодари на Северна Кореја за постојаната голема поддршка за руските политики, вклучувајќи ја и Украина. Ким возврати дека руско-севернокорејските односи влегуваат во период на нов просперитет“.

Во авторски текст објавен во севернокорејските државни медиуми на ден пред посетата, Путин недвосмислено подвлекува дека двете земји ќе продолжат „одлучно да се спротивставуваат“ на, како што рече, западните амбиции „да го попречат воспоставувањето мултиполарен светски поредок заснован на правда, взаемно почитување на суверенитетот, земајќи ги предвид меѓусебните интереси. Тој истакнал и дека е подготвен нов документ кој „ќе биде основа на односите меѓу двете земји уште многу години“.

За време на посетата на Виетнам, Путин повторно се врати на заканите за употреба на нуклеарното оружје, преку промената на руската воена доктрина.

„Постоечката доктрина предвидува Русија да може да употреби нуклеарно оружје ако биде нападната со нуклеарно оружје или во случај на конвенционален напад кој би бил егзистенцијална закана за државата“.

Од почетокот на војната во Украина, дел од руските воени аналитичари предлагаат Русија да го спушти прагот за користење на нуклеарното оружје. Путин неколку пати кажа дека нема потреба Русија да изведе превентивен нуклеарен напад.

В.Путин и виетнамскиот претседател То Лам, здравица при гала приемот во Ханој. Фото: Кабинет на претседател на РФ/вебсајт

Путин ја даде изјавата во Виетнам, ден по посетата на Северна Кореја, каде со лидерот Ким Џонг Ун потпиша договор за заемна воена помош во случај на оружена агресија на која било од двете земји“, пренесуваат дел од медиумите.

Патем, медиумите на македонски јазик обемно ја следеа турнејата на Путин, повеќе на Северна Кореја, но и на Виетнам, пренесувајќи ги главно, како што е веќе нагласено, делови од извештаите на западните медиуми, а многу помалку директно од руски извори.

 

На социјалните медиуми не стивнуваат проруските лаги

Вистиномер и во јуни бележи засилена активност на социјалните мрежи, пред се на Фејсбук, поврзани со проруски невистини поврзани и со Украина и со други состојби во западните општества или организации. Од оние поврзани со Украина продолжува трендот на дезинформациите поврзани со наводни нуклеарни закани врз Русија или пак, за наводното испраќањето на француските трупи во Украина. Притоа, не беше исклучена ни Полска, која наводно се подготвувала за напад врз Русија, но и Германија, која наводно испраќала 90 илјади свои војници. Продолжуваат и дезинформациите дека Русија наводно се бори против нацисти во Украина и дека самата држава наводно е нацистичка држава, повторно со манипулациите околу грбот со тризабецот.

Продолжува и трендот дезинформации поврзани со наводната масовна и принудна мобилизација во Украина, при што во еден случај беше искористена снимка од криминално апсење, додека во друг масовна тепачака.

Компјутерски рендерирана илустрација од руски воени бродови. Фото: Tank50us on DeviantArt, 2011

И повторно беше регистрирана дезинформација со цел уништување на угледот на украинските функционери, овој пат, покрај на Зеленски и неговото наводно казино на Кипар, сега и на министерот за здравство, а со цел да се засили корупсот дезинформации за трговија со човекови органи.

За прв пат се регистрирани дезинформации за наводна руска директна закана кон САД и тоа преку маневрите на кои учествуваа Русија и Куба во Карипското море. Во едниот случај за наводен руски воен брод на Куба, како и за тоа дека медиумите наводно молчеле за маневрите во Карипско море. Кулминацијата на трендот дезинформации поврзани со руската воена моќ веројатно беше и лажната вест дека руски борбени авиони ја прелетале Флорида.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција