Црковните ѕвона во Европа се уништувале за нацистите да прават оружје, а не поради нивната лековита моќ

Фото: André - auf Pixabay

Фејсбук објава споделува невистинити информации дека црковните ѕвона низ Европа во 50-тите години биле отстранети поради нивната лековита енергија и вибрации. Но, тие не биле отстранети поради нивната лековита моќ, туку нацистичка Германија ги конфискувала за да прави оружје од нив

Фејсбук објава споделува невистинити информации дека црковните ѕвона низ Европа во 50-тите години биле отстранети поради нивната лековита енергија и вибрации. Но, тие не биле отстранети поради нивната лековита моќ, туку нацистичка Германија ги конфискувала за да прави оружје од нив

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува неточни информации дека во големите европски градови веќе нема црковни ѕвона и дека нивното отстранување во 50-тите години се случило поради тоа што вибрациите и звукот биле тајниот извор на енергија.

Во 50-тите години низ цела Европа, а особено во Германија биле отстранети црковните ѕвона.
Причината ќе ве изненади. Фреквенциите, вибрациите и звукот биле тајниот извор на енергија уште кај античките цивилизации кои удирале во гонг. Самиот Тесла бил елиминиран од Рокфелер и Ротшилди, само поради фреквенцијата и слободната енергија. Луѓето реагираат на одредени фреквенции и вибрации. Тоа е енергија. Црковните ѕвона се позитивна лековита енергија, а утврдено било дека лечеле и рак.
Сега во големите европски градови, а и во САД црковни ѕвона нема, не се слушаат. Можеби само некаде во помалите места, за жал, пишува во постот.

Црковни ѕвона низ Европа навистина биле отстранети, но не во текот на 50-тите години туку во претходните децении. Но, тие не биле остранети поради нивната лековита енергија и вибрации, како што се тврди во објавата, туку биле конфискувани за од нив нацистичка Германија да прави оружје.

Помеѓу 1939 и 1945 година, Национал-социјалистичката германска работничка партија под водство на Адолф Хитлер односно Нацистите, конфискувале над 175.000 ѕвона од кулите низ Европа. Оваа неверојатна бројка е само дел од пустошот и ужасот што го направиле нацистите за време на Втората светска војна.

Ѕвоната се составени од бронза, легура од приближно четири дела бакар и еден дел калај. И двата метали биле клучни за германската индустрија за вооружување. Иако нациите молеле да бидат поштедени нивните ѕвона, барањата им биле игнорирани со очигледна рамнодушност кон Договорот од Хашката конвенција од 1907 година, кој забранувал такво однесување за време на војна. Како пркос, некои заедници се обиделе да ги сокријат своите ѕвона, честопати закопувајќи ги во околната.
Конфискуваните ѕвона од сите освоени територии на Третиот Рајх биле пренесени во Германија за обработка – од Австрија, Белгија, Чехословачка, Франција, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, СССР и Југославија. Ватикан, во предвоениот договор со владата на Мусолини, се обидел да зачува најмалку половина од камбаните во црковните кули. Ова, се разбира, гарантирало дека другата половина ќе биде дадена за воените индустрии.

Кон крајот на војната, ниту германските ѕвона не беа поштедени од конфискација. Ѕвоната ги носеле преку воден пат или железница до местото Глокенфридхофе, каде што биле кршени и стопени во големи бронзени инготи, пред да бидат испратени во рафинериите за понатамошна обработка. Двете најголеми рафинерии се наоѓале веднаш пред пристанишниот град Хамбург во северна Германија.

Од запленетите 175.000 ѕвона, повоените бројки проценуваат дека над 150.000 биле уништени. Со бомбардирања и воздушни напади со кои дополнително биле срушени кули и катедрали во текот на војната, бројот на изгубени ѕвона е уште поголем.

Конфискацијата на ѕвона во окупираните области укажува на различните пристапи на нацистите кон окупацијата во Источна и Западна Европа. Нацистичка Германија конфискувала 5.020 ѕвона од Белгија 6.500 ѕвона од Холандија. Приближно 50 отсто од сите црковни ѕвона во двете земји. На секоја холандска или белгиска парохија ѝ било дозволено да го задржи своето најстаро и најценето ѕвоно, што сугерира дека локалната политика и јавното мислење до одреден степен им биле важни на нацистите во Западна Европа. Меѓутоа, во еден повоен извештај се наведува дека од Полска биле конфискувани 22.500 црковни ѕвона. Ова претставува 68 отсто од вкупниот број на полски ѕвона.

Иако биле цврсти, сепак Германците успеавале да ги уништат ѕвоната, потоа го топеле и рафинирале металот на ѕвоното, раздвојувајќи ги бакарот, калајот и другите метали, вклучувајќи олово, цинк, дури и сребро и злато. Еден тон ѕвончен метал обично дава 760 килограми бакар и 180 од најбараниот калај.

Практиката на конфискување и претворање на црковните ѕвона во воени орудија не е нова. Долгогодишна традиција на европското војување била артилериските команданти да имаат права над камбаните на освоените села и градови. Наполеон, особено го користел ова право и додавал во својата воена каса барајќи од победените градови да ги откупат своите ѕвона. Ако не можеле, генералот имал право да располага со нив како што ќе процени. Половина од приходите би биле негови, другата половина оделе во централната каса. Практиката беше наречена „Rachat des cloches“ или „откуп на ѕвоната“.

Иако биле уништени голем број на ѕвона од огромен број на кули и цркви, сепак тоа не значи дека сега нема ниедно ѕвоно во големите градови, ова тврдење исто така е невистина. Сите големи градови и цркви имаат ѕвона и нивното ѕвонење може да се слушне во различни снимени видеа изминатите години. Кога започна воената инвазија на Русија врз Украина пред две години, во големите европски градови се слушаа црковните ѕвона кои ѕвонеа во солидарност со Украина.

Поради сите набројани факти оценуваме дека објавата е невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција