Дали „опструкциите“ во Собранието се во ред само кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција?

Н. Мицевски. Фото: скриншот/ВМРО-ДПМНЕ/веб

Законоските измени за линеарно зголемување на пензиите се екстремно важни и со огромно влијание за иднината и на пензионерите и на идните пензионери. Но, освен ова, кога се зборува за опструкции во Собранието, уште поважно е „да се погледне во огледало“ и потоа да се даде оценка за политичка доследност. А ВМРО-ДПМНЕ како опозиција и како власт е сосема различна партија кога станува збор за однесувањето во Собранието, па и не само таму

Законските измени за линеарно зголемување на пензиите се екстремно важни и со огромно влијание врз иднината и на пензионерите и на идните пензионери. Но, освен ова, кога се зборува за опструкции во Собранието, уште поважно е „да се погледне во огледало“ и потоа да се даде оценка за политичка доследност. А, ВМРО-ДПМНЕ како опозиција и како власт е сосема различна партија кога станува збор за однесувањето во Собранието, па и не само таму

 

Шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во врска со процедурата за утврдување на дневниот ред за собраниска седница на која треба да се најдат и законските измени што ги тангираат пензионерите од собраниската говорница изнесе тврдење кое може да се оцени како недоследно:

Да се биде надвор од салата кога во процедура е Предлог-закон за изменување и дополнување на Закон за пензиско и инвалидско осигурување, Закон со кој што се планира на сите пензионери во државава да им се зголеми пензијата за две и пол илјади денари, почнувајќи од септемвриската пензија и дополнително две и пол илјади денари и со мартовската пензија, значи пет илјади денари зголемување, опозицијата да опструира и да бара прекини, односно по еден час пауза на утврдување на дневен ред, е сè само не сериозно“, рече Мицевски.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Мицевски/Собрание/изјавадатум: 11.09.2024]

 

Образложение: Пратеникот Мицевски, своевиден доајен во Собранието како пратеник, веројатно суштински е во право кога зборува за однесувањето на пратениците и пратеничките групи, но само во една, без малку утописка замисла за функционирањето на македонскиот парламентаризам.

Но, бидејќи зборува за навистина многу важен закон не само за пензионерите, туку и за идните пензионери и за целото општество, а притоа „не се гледа во огледало“, т.е. не го интересира како постапувале и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, дел од тврдењето во говорот на Мицевски може да се смета како недоследно.

Без да се навлегува во детали околу однесувањето на опозициската СДСМ, зашто за утврдувањето на дневниот ред на споменатата седница имаше еден куп други важни предлог-точки, вредно е да се потсети дека станува збор за многу важни законски измени, со кои пензискиот Фонд или ќе се најде пред предизвик за неговата финансиска стабилност или, пак, пензионерите малку ќе добијат, а повеќе ќе изгубат. Впрочем, за тоа говорат дебатите во последните неколку недели кои можат да се најдат во анализите што ги прават медиумите, а кои ги имаше и претходно откако ВМРО-ДПМНЕ се обврза за линеарно зголемување на пензиите кога ќе стане власт.

Вториот аспект при оценката за доследност во водењето на политиките на главните партии, во случајот владејачката ВМРО-ДПМНЕ, е оценката за однесувањето кога е на власт и кога биле во опозиција. Тука можат да се најдат безброј примери од кои може да се види дека почитувањето на собраниските процедури, односно опструкција во Собранието не е нешто непознато за ВМРО-ДПМНЕ, иако тоа важи генерално за сите парламентарни партии.

Така било и пред деценија и половина (2006 г.), кога, на пример, пратениците на ВМРО-Народна го напуштиле собранискиот пленум при гласањето за измени во Изборниот законик или во 2012 и 2013 година кога поради „Црниот понеделник“ пратеничката група на СДСМ со месеци не учествуваше во никакви активности во Собранието, или пак, во април 2017 г. кога по 8 дневна расправа за утврдување на членови на собраниска комисија, дел од пратениците на СДСМ ја напуштија расправата, и т.н.

Но, се чини, најбројни се примерите во последните неколку години кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, целосно или делумно, ги напуштале седниците или на собранискиот пленум или на комисиски расправи кога не закажувале или напуштале седници.

На пример, за многу важното прашање за распишување референдум за промена на името во 2018 година, пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, иако поднесоа бројни амандмани, ја напуштија салата и не учествуваа ниту во расправата, иако стануваше збор за едно од најважните прашања во македонскиот политички живот. Потоа, консеквентно, пред референдумот и на денот на референдумот, партијата, иако се изјаснуваше целосно против, ВМРО-ДПМНЕ спроведе „тивок бојкот“, со што ја пропуштија можноста да не се смени името доколку доминантниот дел од граѓаните се изјаснеа со против, наместо со бојкот.

Истото се случи и со усвојувањето на заклучоците по т.н. Француски предлог во 2022 година, кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата пред гласањето. Такви примери имаше многу во последните 6 и кусур години, од неприфаќање да се гласа или да се учествува во законски измени поврзани со ковид кризата или економската криза, па сè до дилемата во 2020 година да гласаат за „Северна“ во Законот за АРМ, а да бидат против во Законот за одбрана.

Еден од поважните примери беше и лани, во 2023 г., кога на важна седница за донесување на 8 законски измени поврзани со изградба на Коридорот 8, целата пратеничка група ја напушти расправата. А, доколку и се прифати нивниот аргумент дека тие се носеле по експресна постапка, како тогаш по истата таа експресна постапка останаа и гласаа за скандалозните измени на КЗ или како сега и самите предлагаат закони по скратена постапка, каков што е законот за задолжување од 500 милиони евра.

Тука можат да се набројуваат и незакажувањата на седници на собраниски комисии поради неприсуство на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ или нивни коалициски партнери во опозиција. Или, пак, примерот кога опозицискиот пратеник Антонијо Милошоски со месеци не закажуваше седници за ратификација на мултилатерални договори или за испраќање на амбасадорите што ги предлагаа СДСМ како влада или Стево Пендаровски како претседател на собраниска комисија за надворешна политика.

Така што, ако се погледнат овие споменати и други неспоменати факти, може да се оцени дека изјавата на пратеникот Мицевски за неодговорно или несериозно однесување на пратениците од СДСМ, пред собраниската седница на која треба да се гласа за владиниот предлог закон за линеарно зголемување на пензиите во вкупен износ од повеќе десетици милиони евра на годишно ниво – е недоследна.

 

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција