Касами прво бара мислење од Владата за стадионот, а потоа го плука

Б. Касами. Фото: Општина Тетово/веб

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами иако прво најави дека ќе бара дополнителни консултации од Владата дали општината некаде потфрлила околу правната процедура за градскиот стадион во Тетово, откако таквото мислење од Владата стигна, тој го отфрла во целост и најавува продолжување на градбата

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами иако прво најави дека ќе бара дополнителни консултации од Владата дали Oпштината некаде потфрлила околу правната процедура за градскиот стадион во Тетово. Oткако таквото мислење од Владата стигна, тој го отфрла во целост и најавува продолжување на градбата

 

Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, во врска со заклучоците од Владата околу Градскиот стадион во Тетово даде изјава која може да се оцени како недоследна:

Изјава: Овој пат носејќи одлука за стопирање на работите на стадионот на град Тетово. Уште еднаш докажавте кој сте, докажавте дека само зло и направивте на оваа држава! Вашите денови се избројани, со вакви одлуки не не спречувате да работиме за нашите граѓани. Стадионот ќе се гради, и да не ви се допаѓа. Тетово и сите градови во државата ќе се градат и развиваат како што заслужуваат.

[Извор: ТВ 21/веб – Касами контра Владата: Стадионот ќе се гради! – датум: 21.05.2024]

 

Образложение:

Градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето Беса Биљал Касами постапува недоследно во врска со рушењето на стадионот во Тетово со цел да се изгради нов, откако претходно истиот е доделен на јавно претпријатие од Општината.

Пред само неколку дена, запрашан за тоа дали има можеби грешка во правната постапка околу целата операција за трансфер на сопственоста на стадионот, Касами изјави дека, според него, тоа не е случај, но дека Општината ќе се обрати до Владата за да види дали „треба уште нешто“ или „нешто посебно“:

Општината нема таква информација. Ние ја слушнавме од јавноста. Ќе треба да се обратиме до Владата дали треба и што процедура треба, ако треба нешто посебно. Според нашиот правен сектор сме ги почитувале сите процедури на тендерирање и јавни процедури за да се изгради тој стадион. Ако требало нешто плус или ако треба нешто посебно сме подготвени тоа до крај, рече Касами, објавува Канал 5.

Оваа изјава на Касами е објавена на 20 мај 2024 г. На 21 мај на 22-та седница на т.н. техничка влада со која претседава премиерот Талат Џафери било расправано за ова прашање, при што, меѓу другото, било заклучено и да се запре со уривањето и со другите активности се до правно расчистување на ситуацијата околу Градскиот стадион во Тетово:

Заклучено е, Генералниот секретаријат на Владата да подготви комплетна информација во врска со статусот на објектот Нов фудбалски стадион – Тетово, КП бр. 11476. Во меѓувреме, да се испрати укажување до Општина Тетово, да се прекине со работите на теренот, додека нема правна разврска на случајот. Исто така, Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај, се наведува во соопштението по седницата на Владата.

Претходно се појаснува дека Владата има поднесено и иницијатива до Уставниот суд, како и дека откако е даден на трајно користење на Општина Тетово во 2015 година, Општината незаконски го трансферирала имотот на јавно претпријатие:

Владата, во разгледувањето, ја имаше предвид иницијативата до Уставниот суд, за оценување на уставноста и законитоста на постапките поврзани со Стадионот, а каде е посочено дека Новиот фудбалски стадион, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење, без надомест на Општина Тетово. Општината, како што е наведено, без законски основ, го дала Стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Дури, градоначалникот на Општина Тетово, Општина Тетово и ЈП „Тетово транспорт“, на јавен настан промовирале проект за рушење и изградба нов градски стадион.

Влада при носењето на заклучоците на денешната седница ги зеде предвид и одредбите на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, според коишто, надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право, има само Владата на Република Северна Македонија – се наведува во соопштението од Владата.

После ваквите заклучоци од владината седница, градоначалникот на Тетово, лидер на Беса и најверојатен иден коалициски партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, дава изјава цитирана на почетокот, со која не само што навестува дека ќе продолжи да се руши и гради стадионот, туку целосно ги отфрла заклучоците од Владата, оценувајќи ги партиски обоени, иако ден претходно рече дека ќе ѝ се обрати на Владата за дополнителна проверка околу правната процедура. Поради погоре искажаните аргументи изјавата на Касами може да се оцени како недоследна.

Стадионот во Тетово, патем, бил предмет на реконструкција и во 2015 година и тоа и на трибините и на теренот за игра, што може да се види од официјалниот веб сајт на Општината

 

Извори:

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција