Контраспин: Одговорноста допира само до обезбедувањето, на Гаши не смее „влакно“ да му фали

Фото: sobranie.mk - vlada.mk

Целата вина за инцидентот поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи е на обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши и на никој друг! Но, што е со одговорноста на собранискиот спикер, нема ли Гаши баш никаква одговорност за настанот? Обезбедувањето не отишло на своја рака, јасно е дека до инцидентот немало ни да дојде, ако Гаши не го испрател. Тоа што сега ВМРО-ДПМНЕ во целата приказна не гледа вина во Гаши, или не сака да ја види, е друга работа. Партијата на Гаши е партнер во Владата, па веројатно, проценката е дека во име на „коалициската љубов“, попрагматично и помудро е да се „амнестира“ спикерот. И, наспроти уверувањата од Мицкоски, извесно е дека, сепак, тој нема да биде допрен од законот

 

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во соопштение за инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром ја спинуваше вистината:

Спин: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не смета дека е потребна смена на собранискиот спикер, одговорноста е лоцирана, институциите како никогаш до сега превземаа итни и неодлoжни мерки. Сега има кривични пријави а во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих.

Да потсетиме имаше времиња кога пајаци од градски паркинг удираа полициски работници и никој со прст не мрдаше и десеттици случаи од ваков тип на непостапување и безредие во владата на ДУИ и СДС.

Ние докажавме дека држава има и дека законите мора да важат за секого.
Обидите на СДС, ДУИ и Левица да ќарат политички поени на оваа тема не не изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изнесе јасна порака дека никој не е над законот.

ВМРО-ДПМНЕ осудува и ќе осудува секогаш било какви дејствија надвор од законот и кои го нарушуваат редот, допрва ќе се уверуваат сите дека законите ќе важат подеднакво за сите.

[Извор: Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, Тајм.мк,24 инфо.мк; датум: 06.08.2024]

Контраспин: Во ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ се препознава спин. Од партијата, поточно од пратеничката група, сметаат дека е лоцирана одговорноста за инцидентот, поднесена е кривична пријава за обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши, а сето тоа благодарение на брзата реакција на институциите. И, со тоа случајот е демек затворен – целата вина е на обезбедувањето на Гаши и на никој друг! Барем таков впечаток се добива од соопштението на владејачката партија.

Но, што е со одговорноста за собранискиот спиекр? Нема ли Гаши баш никаква одговорност за инцидентот (01.08.2024), поврзан со проверката на багажот на косовската претседателка Вјоса Османи на Меѓународниот аеродром „Скопје“? Иако тој го испратил неговото обезбедување на аеродромот, како што кажа, да ја смири ситуацијата.

Јас само интервенирав во делот да се смири ситуацијата, да не се направи дипломатски скандал, и мислам дека сето тоа се заврши како што треба…

Моето обезбедување замина да се смири ситуацијата. И ако сака некој од ова да направи инцидент, тоа е до тие луѓе. Мојата заложба и денеска и вчера и секогаш била и ќе биде да смирувам да зближувам и да работиме за сите граѓани, а не да делиме и да правиме инциденти, изјави Гаши на 02.08.2024 г., ден по инцидентот. (02.08.2024).

Значи, обезбедувањето не отишло на своја рака, самиот Гаши вели дека тој го повикал да интервенира за да се спречи дипломатски скандал. Така што, јасно е дека не може целата вина за настанот да се фрли на обезбедувањето. Конечно до инцидентот немало ни да дојде, ако Гаши не го испрател своето обезбедување на аеродромот.

Тоа што сега ВМРО-ДПМНЕ, но и министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски, во целата приказна не гледаат вина во Гаши, или не сакаат да ја видат, е друга работа.

Тошковски сега вели дека Гаши не е виновен за инцидентот со косовската претседателка, туку само полицаецо:.

Кривично правна одговорност кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, не е утврдена согласно доставените докази.

Според министерот Тошковски, единствена кривична одговорност согласно доказите има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши. Тој го оцени неговото однесување како недозволиво.

Согласно внатрешните правила и процедури на МВР, немал право да го напушти вип објектот кој што го обезбедувал и не е негова одлуката, ниту пак надлежност да смирува, или да разгорува, или да прави што било што не е поврзано со описот на неговите работни задачи. Одговорност во однос на целиот кривично правен настан е на полицискиот службеник, изјави министерот во синоќешното гостување на Канал 5 (06.05.202).

Ваквото објаснување на министерот делува неуверливо, дотолку повеќе што МВР во соопштението од 5 август јасно кажува дека шефот на обезбедувањето на Гаши, кој постапил надвор од своите овластувања, на аеродромот бил испратен токму од Гаши. Информирајќи дека е поднесена кривична пријава против С. С., началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „Загрозување на сигурноста“ по член 144 од КЗ и кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 од КЗ, МВР тогаш соопшти:

Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија.

Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.

Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработени на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, воедно барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.

Истиот ден (05.08.2024) и премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара одговорност од собранискиот спикер Гаши за испраќање на обезбедување на скопскиот аеродром, тврдеше дека никој нема да биде над законот додека е тој премиер.

Нема никој да биде над законот во оваа земја, не постојат такви луѓе кои ќе бидат над законот додека сум јас премиер. Кога јас нема да сум премиер тогаш може да има такви. Но, додека сум јас не постојат луѓе што ќе бидат над законот…, изјави Мицкоски.

Убаво прозвучуваат овие зборови на премиерот, арно ама партијата на Гаши е партнер во Владата, па веројатно, проценката е дека во име на „коалициската љубов“, попрагматично и помудро е да се „амнестира“ спикерот. И, наспроти уверувањата од Мицкоски, извесно е дека, сепак, тој нема да биде допрен од законот.

Во меѓувреме не стивнуваат ниту барањата од опозицијата за смена Гаши. СДСМ инсистира на политичка одговорност за спикерот и го повика Мицкоски да се одважи и да го смени, а Левица, пак, му поднесе интерпелација.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција