Контраспин: „Стариот оркестар“ ги погребува вистината и фактите

Фото: колаж во Канва Официјален профил на Страшо Ангеловски

Колумна за онлајн медиумот Денешен Весник на претседателот на партијата МААК, Страшо Ангеловски, изобилува со погрешни факти, теории на заговор и тврдења замаскирани како факти. Главниот антагонист за сите случувања во регионот и светот, според него, е американскиот претседател Џо Бајден. Некои од тврдењата искажани и од други лица ги имаме рецензирано во минатото како невистини, а со тактичко изоставување на мали, но клучни детали може да се тврди дека Ангеловски во дадениот случај својот став што го пласира во јавноста го гради врз извртување на вистината, односно спинови

Колумна за онлајн медиумот Денешен Весник на претседателот на партијата МААК, Страшо Ангеловски, изобилува со погрешни факти, теории на заговор и тврдења замаскирани како факти. Главниот антагонист за сите случувања во регионот и светот, според него, е американскиот претседател Џо Бајден. Некои од тврдењата искажани и од други лица ги имаме рецензирано во минатото како невистини, а со тактичко изоставување на мали, но клучни детали може да се тврди дека Ангеловски во дадениот случај својот став што го пласира во јавноста го гради врз извртување на вистината, односно спинови

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Претседателот на партијата Македонска Акција (МААК), Страшо Ангеловски, во својата редовна колумна за Денешен.мк со наслов „„Диригентот“ го прибира „стариот оркестар“ за погреби“ ја извртува вистината во повеќе наврати, при што, еден од примерите е и следниот:

Спин: Потписот на американскиот претседател Бајден се наоѓа на наредбата со која Борис Џонсон беше испратен во Киев за да го спречи веќе потпишаниот мир меѓу Москва и Киев, на самиот почеток на Специјалната воена операција, со што ќе беа избегнати веќе речиси илјададневните страдања на украинскиот и рускиот народ.

[Извор: Денешен.мк – Колумна на С.Ангеловскидатум: 26.08.2024]

 


Контраспин
: Во скоро сите делови од колумната на Ангеловски може да се препознаат спин, погрешни факти и полуфакти. На кратко, според авторот, претседателот на САД, Џо Бајден, е виновен за сè — oд саботирање на преговорите меѓу Украина и Русија до уништување на македонската и украинската православна црква.

Уште во првиот параграф има спорен факт. Прво, не може да се тврди дека бившиот премиер на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, ги саботирал преговорите меѓу Москва и Киев, затоа што, како што пишува во англискиот угледен весник Гардијан во рубриката „Мислења“, „[…] навистина, немаше подготвен договор за потпишување меѓу Русија и Украина. Двете страни не се договорија за територијални прашања или за нивоата на воено вооружување дозволени по војната.“ Тоа значи дека не ни имал што да саботира Џонсон. Второ, нема никакви докази дека Џо Бајден му вршел притисок британскиот премиер за да го направи истото. Во текстот, авторката Ема Ешворд (Emma Ashford) која важи за сериозен познавач и експерт во областа на надворешно-политичките прашања, изнесува уште еден куп бројни аргументи со кои уште во насловот се потврдува дека „Реалноста е многу покомплицирана“ 

Натаму, во истражувачки документ за британскиот парламент што ги прикажува клучните настани во оваа војна, може да се увиди колку пати двете страни седнале на преговарачката маса, при што се укажува на бројните прилики за било каква спогодба, но до тоа не дошло, пред сè, затоа што ниту една страна не сака да отстапи од своите услови.

Следно, за овомесечниот напад во областа Курск, Ангеловски пишува:

Потписот на американскиот претседател Бајден се наоѓа на тенковите Абрамс со кои украинската војска навлезе на руската територија кај Курск, со единствена цел да ги спречи можните преговори за мир, кои стануваа се’ поизвесни, а за кои веќе се залагаа сите засегнати во светот.

Не постои ниту еден факт кој потврдува дека упадот на украинската армија на руска територија е испланиран и подготвен однадвор или уште поконкретно од САД. Тоа беше изненадување на светско ниво и САД, исто така, повеќепати демантираа дека имаат поврзаност со таа операција на Украина.

Во исказот – тврдење има и друга фактографска невистина, затоа што нема ниту една потврда за употреба на тенковите Абрамс на руска територија. Она што до сега го знаеме е дека украинските сили најверојатно имаат употребено само М2 Brаdley борбено возило, помош од САД. Треба да се напомене дека ова тврдење се темели на снимки коишто руското Министерство за одбрана ги има објавено и нема официјална или независна потврда за истото, без разлика што повеќе светски медиуми ја имаат пренесено оваа вест. За користење на Абрамс тенковите во Курск, да повториме, нема никакви вести.

Понатаму, се споменува американската разузнавачка агенција ЦИА:

Потписот на американскиот претседател Бајден се наоѓа на наредбата доставена до соработникот на ЦИА, грчкиот патријарх од Цариград, Вартоломеј, кој интензивно работи на уништување на Македонската и Украинската Православна Црква, а со тоа, на уништување на “најголемиот непријател на западната демократија – православието“, како што рече Карл Билд во 2014-та.

Тврдењето дека конкретно Бајден дал наредба Вартоломеј (кој наводно е соработник на ЦИА), за токму македонската и украинска православна црква да биде уништена е небулоза. А, како доказ за ова се нуди извртување на цитатот на бившиот премиер и министер за надворешни работи на Шведска Карл Билд. Вистиномер веќе пишуваше за овој цитат дека е погрешно интерпретиран зборот „ортодоксно“ како православно, наместо како догматско држење до правилата на некоја идеологија или религија.

Грчкиот екуменски патријарх Вартоломеј не само што се сретна со украинскиот претседател Володомир Зеленски ова лето, туку и даде, како и претходно, даде подршка за автокефален статус на Украинската православна црква и за време на Самитот за мир во Украина. Тоа што Ангеловски не наведува дека во Украина од поодамна има поделба меѓу верниците и меѓу Црквите и дека онаа што тој ја смета за легална припаѓа на православниот свет под капата на Московската Патријаршија, додека автокефалната Украинска црква е прифатена од Вселенската патријаршија.

Што се однесува до МПЦ-ОА, таа иако доби „Томос“ од Српската православна црква и иако тоа признавање го поддржа и Руската православна црква, вистинскиот Томос го очекува од Вселенската патријаршија, а за тоа да се случи останува прашањето со епархиите во дијаспорота, името на црквата и односот со автокефалната УПЦ. Но, најважно, МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија е призната како канонска црква, откако за автокефалијата договор постигнаа СПЦ и МПЦ-ОА.

Од друга страна, пак, знаеме дека Путин ја користи Руската православна црква за вршење на притисок врз останатите цркви и го спречува доделувањето на Томосот за МПЦ од страна на Вселенската патријаршија и преку разузнавачки активности. Руските свештеници се активни во контактите со многу црковни лица низ балкански цркви. Но, не само за црковни прашања. Дотолку беа видливи активностите на овие свештеници, што истите беа протерани од С. Македонија и Бугарија. Со тоа, нужно се поставува прашањето за какво уништување станува збор и кој сака да го изврши тоа уништување?

Следно, за тензиите во регионот, Ангеловски пишува:

Истовремено, со потписот на американскиот претседател Бајден, во посета на таканаречениот Западен Балкан се наоѓа директорот на ЦИА, Вилијам Барнс. Нормално, според него, “во мисија на спречување на дестабилизација на регионот, бидејќи во извештајот на ЦИА стоело дека “Западен Балкан најверојатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година.

Според него, настанот што ги „потбутна“ овие тензии се Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. По предлог на Германија и Руанда, вели Ангеловски, се „гласа за Резолуцијата за Сребреница, во обид Република Српска, единствениот вистински чувар на Дејтонскиот договор, да биде прикажана како геноцидна творба и да се пристапи кон нејзино дефинитивно укинување“.

Прво, со оваа Резолуција ниту Србија или српскиот народ, ниту Република Српска не се прогласуваат за геноцидни држави или геноциден народ. Со резолуцијата се осудува негирањето на геноцидот и величењето на воените злосторници и се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. 

Второ, пишува Ангеловски, дека по гласањето на резолуцијата: „следуваа “самоиницијативните“ потези на Албин Курти за целосно заострување на односите меѓу Косово и Србија“. Тензиите во регионот немаа никаква врска со, ниту, пак, настанаа по гласањето на Резолуцијата. Уште пред повеќе од една година токму западните лидери беа тие што ги критикуваа потезите на Курти и Приштина кога го забранија користењето на други валути во Косово освен еврото, кога извршија спорна експропријација во северот односно во спрските региони. Кога назначија етнички Албанци како градоначалници во регионите со српско мнозинство со излезност помала од 4 отсто. По овие избори имаше и насилни протести во кои повеќе лица беа повредени, вклучувајќи ги и мировните сили на КФОР. А, зад насилните протести од КФОР кажаа дека стојат српски криминални групи. 

Заради сево ова, сите овие „детали“ што не ги споменува Ангеловски, не може да се тврди дека „потписот на Бајден“ стои зад овие тензии затоа што Курти и Приштина направија автономни потези што децидно не им се допаднаа на западните лидери и се доведени до работ на пошироки санкции. А, за најавата на премиерот Мицковски за можна дестабилизација сè уште никакви докази, па дури ни претседателката Сиљановска-Давкова не смета има кредибилна закана.

Последно, Ангеловски (погрешно) цитира извадок од документ на Националниот совет за безбедност на САД (од таму и потекнува кратенката NSC = National Security Council), не од ЦИА. Извадокот (архивиран тука) може да се најде во книгата Containment: Documents on American Policy and Strategy 1945-1950 во книгата уредувана од Томас Ецолд и Џон Гадис.

Фото: скриншот од книгата Containment: Documents on American Policy and Strategy,
1945-1950

Ние мора да имаме автоматски гаранции кои обезбедуваат дека дури и некомунистички и, номинално пријателски режими кон Русија, во иднина нема да располагаат со никаква воена моќ, во економските односи целосно да зависат од надворешниот свет, да немаат сериозна власт над главните национални малцинства… Во случај, таквиот режим да воспоставува непријателство кон комунистите (Русија), а пријателство кон нас, ние мораме да се погрижиме, и покрај тоа, овие услови да му бидат наметнати. Ние мораме, ако не милум, тогаш со сила да ги придобиеме заради заштита на нашите интереси…

Целиот овој пасус е дел од помалку познатата теорија на заговор позаната како „Доктрина на Дулес“, именувата по поранешниот директорот на ЦИА, Ален Дулес. Оваа теорија доби замав во книгата „ЦИА против СССР“ на Николај Николаевич Јаковлев, во која се тврди дека американските сили сакаат да издвојат победа преку тајно корумпирање на културното наследство и моралните вредности на Советскиот Сојуз. А, често, како централен доказ се користат неколку делови извадени од контекст од документот од Националниот совет за безбедност што, повторно, немаат никаква врска ниту со Дулес, ниту со ЦИА. Исто така, никаде не се споменува православието, православната црква или уништувањето на нивното наследство.

Дополнително, Ангеловски изоставува клучни делови од пасусот. Пример, во оригиналот пишува со здебелни букви: „во случај на таков режим, кој исповеда непријателство кон комунистите и пријателство кон нас, несомнено треба да сакаме да се грижиме, односно да ги наметнеме овие услови на начин што не би бил навредлив или понижувачки“ како и „Но, ќе треба да се погрижиме тие на еден или друг начин да бидат наметнати, доколку се заштитат нашите интереси и интересите на светскиот мир.“ Изоставените делови се битни дека и покрај тоа што се кажани во контекст по завршувањето на Втората светска војна и почетокот на Студената војна меѓу САД и СССР, сепак, според документот се напишни така што имаат за цел (барем номинално) обезбедување на светски мир и одбивност кон понижување на непријателот.

Во еден од последните параграфи од колумната, Ангеловски повторно се навраќа на прашањето за православието и оценува дека Украинската црква била укината со методи непознати дури и за нацизмот, нешто што погоре во текстот е разјаснето како шпекулација а не факт, за да заклучи според негово мислење се спремало „конечно решение за Балканот“ кое опфаќало решение за православните цркви, преку што ќе се уништат „чуварите на традиционалните вредности“  и „во кое решение Македонија повторно би била „колатералната штета“

Да резимираме, голем дел од тврдењата на Ангеловски се адаптирана и локализирана верзија на долгорочните наративи на Кремљ — буцкање за божемски нацизам и нацистички дејстувања, наводно уништување на традиционалните (односно православните) вредности и православието, изгубен суверенитет, бидејќи исклучиво големите сили ги придвижуваат работите во регионот, а овој пат највиновни се САД и Бајден. На страна од тоа, слабоста на скоро сите тврдењата е тоа што не се поткрепени со никакви докази. А, онаму каде што има, или се погрешно интерпретирани, извртени или се дел од позната теорија на заговор.

Според тоа, може да се заклучи дека ставот на Ангеловски изразен во цитираната колумна, во најголем дел се базира врз извртување на вистината, односно спинови.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција