Не е избран член на Советот на јавни обвинители
Според Планот „3-6-9“, што го објави премиерот Зоран Заев на 5. јули 2017 година, заедно со планираната временска рамка за реформи, во првите три месеци, односно до локалните избори, требаше да биде избран член на Советот на јавни обвинители. Локалните избори завршија, но тоа, сепак, досега не се случи, така што ова ветување дадено во акцискиот план на Владата, го сметаме за неисполнето
Избор на член на Советот на јавни обвинители, кој се бира по предлог на Собранието.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Според Планот „3-6-9“, што го објави премиерот Зоран Заев на 5. јули 2017 година, заедно со планираната временска рамка за реформи, во првите три месеци, односно до локалните избори (15.10.2017), требаше да биде избран член на Советот на јавни обвинители (обврска предвидена во делот за соработка (кохабитација) со претседателот на државата. стр.3). Локалните избори завршија, но тоа, сепак, досега (14.11.2017) не се случи, така што ова ветување дадено во акцискиот план на Владата, го сметаме за неисполнето.
Последната информација околу изборот на член на Советот на јавни обвинители е од август оваа година, кога медиумите информираа дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, распиша оглас за избор на член на Советот на јавни обвинители. Како што стои во објавата, станува збор за избор на член на Советот од „редовите на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници“, кој го избира Собранието на Република Македонија.
Според Законот за Совет на јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 – стр.29) од денот на распишувањето на огласот до денот на гласањето за избор на член мора да поминат најмалку 30 дена. Овие рокови се веќе изминати (огласот беше распишан во август), меѓутоа изборот на член на Советот за јавни обвинители во Собранието не е направен. Иако, според членот 32 од Законот за Советот за јавни обвинители, собраниската седница на која се избираат овие членови на Советот е итна.
Минатата недела (06.11.2017) на прашањето на „Вистиномер“ до каде е спроведувањето на предложените мерки од првата група содржани во „Планот 3-6-9“, кои требаше да се реализираат до локалните избори (15.10.2017), од Владата одговорија дека од вкупно 73 мерки целосно се реализирани 59 мерки, а имплементацијата на 14 мерки е во тек. Притоа е невадено дека некои од овие мерки, иако се дел од Планот за првите три месеци, немаат рок, а како таква е посочена и оваа точка:
- Избор на член на Советот на јавни обвинители, кој се бира по предлог на Собранието.
Ваквото тврдење на Владата го сметаме за недоследно, бидејќи во воведот од Планот „3-6-9“ објавен на сајтот на Владата е децидно наведено дека мерките кои се споменуваат во Планот се однесуваат на првата група и треба да се спроведат до локалните избори.
Предложените мерки од првата група, содржани во овој План, треба да се реализираат до локалните избори. Останатите мерки кои подетално ќе се разработат од страна на надлежните институции, ќе влезат во втората и третата група мерки кои треба да се реализираат до ноември/декември или пред одржувањето на Советот на ЕУ во декември, како и оние кои ќе треба да се реализираат до март наредната година, или до објавувањето на следниот редовен Извештај на Европската комисија за Македонија.
ИЗВОРИ:
- Веб-страница на Влада на РМ : „План 3-6-9“ (стр.3) [Пристапено: 14.11.2017]
- Тајм.мк (19.08.2017):Џафери распиша оглас за избор на член на Советот на јавни обвинители [Пристапено: 14.11.12017]
- Мета (19.08.2017): Џафери распиша оглас за избор на член на Советот на јавни обвинители [Пристапено: 14. 11. 2017]
- Службен Весник на РМ: Закон за Совет на јавни обвинители [Пристапено: 14.11.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар