Тенденциозни, непоткрепени напади за дискредитација на шефот на СЗО, доктор Тедрос

Фото: who.int

Не постојат никакви докази дека Тедрос „има минато на корупција, киднапирања, тортури, криминал и убиства во Етиопија, ниту злосторства против човештвото“, како што обвинува објавата. Неговите здравствени акредитиви исто така се неспорни, а за времето во кое бил министер за здравство на Етиопија направил бројни здравствени подобрувања. Исто така, доктор Тедрос негираше дека како министер прикривал епидемии на колера во Етиопија

Не постојат никакви докази дека Тедрос „има минато на корупција, киднапирања, тортури, криминал и убиства во Етиопија, ниту злосторства против човештвото“, како што обвинува објавата. Неговите здравствени акредитиви, исто така, се неспорни, а за времето во кое бил министер за здравство на Етиопија направил бројни здравствени подобрувања. Исто така, доктор Тедрос негираше дека како министер прикривал епидемии на колера во Етиопија 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ПРОКЛЕТИЛАКОТ НА СЗО И ВАКЦИНИ
КОЈ е Тедрос Гебрејесус?
Тедрос Гебрејесус е генерален директор на СЗО, но можеби ќе бидете шокирани кога ќе дознаете за неговото минато, корупција, киднапирања, тортури, криминал, убиства во Етиопија – злосторство против човештвото + неговиот целосен недостаток на здравствени акредитиви.
Соединувајќи ги сите делови – корупцијата, насилството, сојузите – овој документарец, филм за CHD Африка насловен „Глобалното зграпчување на моќта на СЗО“ – ги изнесува на виделина проклетите информации за СЗО што ја турка вакцината.
Потоа се споделува видеоматеријал во кој се вели:
Тедрос Гебрејесус е првиот шеф на СЗО кој не е медицински доктор.
Се додава дека неговото поставување за прв човек на СЗО било контроверзно поради неговата претходна улога што ја имал, министер за здравство на Етиопија.
Тедрос беше обвинет дека прикрил 3 големи епидемии. Како поранешен министер за здравство на Етиопија тој е обвинет за прикривање на 3 можни епидемии на колера. Пред да биде назначен беше високопозициониран член на Tigray People`s Liberation Front, брутална и корумпирана политичка група одговорна за злосторства против човештвото, како бомбардирања, киднапирања, мачење и убивање. Како човек со такво контроверзно минато го зазеде највисокото место на СЗО?

Наспроти изнесеното, доктор Тедрос Аданом Гебрејесус, кој беше министер за здравство на Етиопија од 2005 до 2012 година и негираше дека прикривал епидемии на колера во Етиопија. Ваквото обвинување за него, дојде од соработник на негов ривал, кој, исто така, се бореше да стане претседател на Светската здравствена организација.

Епидемиите што се случија во 2006, 2009 и 2011 година беа „акутна водена дијареа“ во оддалечените области каде лабораториското тестирање е тешко, изјави Тедрос.

За време на неговото министерување во Етиопија, како министер за здравство тој е поддржан од официјални лица кои нудат здравствена помош, од поранешниот претседател на САД Џорџ Буш и неговата работа како министер за здравство е широко почитувана, пишува Њујорк Тајмс. Според Њујорк Тајмс, тој како министер за здравство на Етиопија тренирал 40 илјади жени здравствени работнички, ги подобрил лабораториите, формирал амбулантни тимови и го зголемил бројот на дипломиран здравствен кадар за 10 пати. Смртните случаи од СИДА, маларија, како и смртта на деца и жени на породување, наведува Њујорк Тајмс, во негово време се намалила за 50 проценти.

Тедрос е израснат во регионот Тигреј во Етиопија кој жестоко беше нападнат од граѓанска војна во неговата младост, а болестите како маларија и сипаници биле широко распространети Тедрос студирал биологија на Универзитетот Асмара каде дипломирал во 1986, потоа кратко бил службеник во Министерството за здравство на Етиопија пред да се запише на Универзитетот Лондон каде студирал имунологија на инфективни заболувања и во 1992 завршил мастер студии. Во 2002 година докторирал со докторат за општествено здравје на Универзитетот Нотингем, пишува Британика.

Постојат медиуми кои што наведуваат дека самата влада на Етиопија, водела кампања за оцрнување против Тедрос.

Министерството за надворешни работи на Етиопија побара СЗО да го истражи Тедрос, за наводно „поддржување на бунтовничките сили кои се борат против етиопската влада“. Ова дојде откако Тедрос изјави дека „помошта за регионот Тигреј (од каде потекнува тој самиот и каде се наоѓаат негови роднини) е блокирана, а во овој регион бунтовниците се борат против централната влада на Етиопија. Но, СЗО продолжи да бара етиопската влада да дозволи хуманитарна помош да пристигне во регионот Тигреј во Етиопија, каде им беше потребна на седум милиони луѓе.

Луѓето во Тигреј Етиопија живеат де-факто под блокада повеќе од една година и умираат поради недостиг на лекови и храна и постојани напади од дронови. СЗО и партнерите повикуваат на безбедно и непречено обезбедување на пристап до хуманитарна помош за милионите луѓе на кои им е неопходна, напиша Тедрос.

Официјални лица од војската на Етиопија претходно пак, без никакви докази, го обвинуваа Тедрос дека „се обидел да прошверцува оружје и дека лобирал за дипломатска поддршка за бунтовниците“. Тедрос секогаш го негирал ова и изјавувал дека стои на страната на мирот, односно дека не зазема страна во конфликтот, туку се залага за примирје во Тигреј.

Имаше извештаи во кои се сугерира дека сум заземал страна во оваа ситуација. Ова не е вистина и сакам да кажам дека сум само на една страна, а тоа е страната на мирот, рече Тедрос, а пренесе Ројтерс.

Западните дипломати во Женева останаа на ставот дека во недостиг на какви било докази за несовесно работење, нема осуда за Тедрос или пак, иницијатива тој да биде отстранет од позицијата во Светската здравствена организација.

Не постојат никакви докази дека Тедрос „има минато на корупција, киднапирања, тортури, криминал и убиства во Етиопија ниту злосторства против човештвото“, како што обвинува објавата. Неговите здравствени акредитиви исто така се неспорни, а за времето во кое бил министер за здравство на Етиопија направил бројни здравствени подобрувања.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција