За една година – 234 претставки за хакирани профили или уцени преку социјални мрежи

Фото: Photo by Austin Distel on Unsplash

Агенцијата за заштита на лични податоци лани примила претставки од граѓани кои се однесуваат на лажни профили, за хакирани профили, неовластено објавување на туѓи фотографии и видео снимки на туѓи профили на социјални медиуми, како и претставки кои што се однесуваат за навреда, клевета и уцени

 

Во 2023 година, Агенцијата за заштита на лични податоци примила 234 претставки од граѓани кои се однесуваат на социјалните мрежи, покажува Годишниот извештај на оваа институција.

Според причината за пријавување, најкарактеристични се претставките од физички лица кои се однесуваат на лажни профили, понатаму за пробиени (хакирани) профили, претставки кои се однесуваат за неовластено објавување на туѓи фотографии и видео снимки на туѓи профили на социјални медиуми, злоупотребени лични податоци, злоупотребена е-маил адреса, откривање на сторител, како и претставки кои што се однесуваат за навреда, клевета и уцена преку интернет.

Според податоците, 115 претставки се однесуваат за лажни профили, додека пак 8 претставки се однесуваат за пробиени (хакирани) профили.

Од вкупниот број претставки 10 се за повреда на правото на заштита на личните податоци на деца на социјалните мрежи.

Според социјалната мрежа на која се однесуваат претставките, најголемиот број се однесуваат на Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram), ТикТок (TikTok) и дополнително одреден број од претставките се однесуваат на Снепчет (Snapchat), Онлифенс (Onlyfans), Јаху (Yahoo) и Гугл (Google).

Меѓу останатото, во текот на 2023 година Агенцијата извршила 36 вонредни супервизии по поднесени барања за прекршувања на Законот за заштита на личните податоци од страна на физички лица. Шест од овие супервизии биле поведени во едно од финансиските друштва за давање на онлајн (брзи) кредити.

„Во сите случаи подносителите се жалеа дека контролорот-финансиското друштво за издавање на брзи кредити одобрило онлајн кредит без притоа истите да поднесат барање за кредит, односно одобрило кредит на други лица кои ги употребиле нивните лични податоци со користење на телефонски броеви кои не се нивни и без притоа да им се утврди идентитетот при поднесување на барањата за кредит“, се вели во Годишниот извештај.

Во два од шест случаи одобрувањето на кредит било направено преку кредитен посредник (онлајн продавница). Во сите случаи супервизорите утврдиле прекршување на Законот за заштита на личните податоци, односно утврдиле дека контролорот незаконито обработува лични податоци за подносителите, бидејќи не прикажува на кој начин ги собрал нивните лични податоци, а кои биле употребени во барањето за кредит, врз основа на кои биле склучени договорот за кредит, со што контролорот постапил спротивно на одредбите од законот.

За четири случаи биле поднесени тужби за поведување на управен спор до Управниот суд на Република Северна Македонија. Во сите случаи Управниот суд донел пресуди со кои ги потврдил решенијата на Агенцијата.

Во Годишниот извештај поднесен до Собранието се вели дека предизвик за Агенцијата останува недостатокот на обучен и стручен кадар кој располага со знаења од областа на заштитата на личните податоци и посебно експерти од областа на информатичките науки кои се клучни за имплементација на легислативата за заштита на личните податоци.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција