И Шилегов во својата програма предвидел спас на Водно од автомобили

 

На 07.11.2017 година, поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, реагираше до актуелниот градоначалник, Петре Шилегов, дека презел проект од неговата изборна програма.

Господине Петре Шилегов сакам да ви се заблагодарам што реализирате проект од мојата изборна програма, а кој го нема во вашата. Среќен сум што Водно барем за викендите ќе биде без автомобили.

[Извор: Официјален Фејсбук профил на Коце Трајановски, Датум:07.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Коце Трајановски, дека Шилегов реализира проект од изборната програма на Трајановски, а кој го нема во неговата, ја оценуваме како полувистинита.

Во предизборната програма на Трајановски за локалните избори, кои се одржаа на 15.10.2017 година, „Нова ера за Скопје“ (стр. 7) е наведен проектот „Водно без автомобили“.

ПРОЕКТ: ВОДНО БЕЗ АВТОМОБИЛИ

Опис: Заради заштита на квалитетот на амбиентниот воздух, заштита на Парк шумата Водно и нејзините посетители, Градот Скопје ќе воведе забрана на движење на приватните возила за време на викендите. За реализација на проектот ќе се обезбеди бесплатно паркирање на паркинг-просторот пред „Нова Македонија“ и катната гаража „Македонска фаланга“, а ЈСП ќе обезбеди автобуска линија од паркингот и катната гаража до средно Водно и назад. Рок : 2018 година

Трајановски, под својата изјава на Фејсбук, објави и видео од предизборието, односно од 01.10.2017 година, во кое тој го промовира токму овој проект.

Тука сме, на средно Водно, да промовираме уште еден проект од мојата изборна програма, а тоа е ден без автомобили во викендите за средно Водно. Имено, со оглед на тоа што се создаваат големи гужви од автомобили на средно Водно во текот на викендите, ние ќе предвидиме за овие автомобили во катната гаража да имаат бесплатно паркирање, исто така, и на паркингот пред „Нова Македонија“, а потоа со автобуски превоз да доаѓаат посетителите до средно Водно. На тој начин, сметаме дека ќе ги избегнеме гужвите и воедно ќе овозможиме заштита на парк-шумата Водно со оглед на тоа што таа е една од главните спортско-рекреативни центри во градот Скопје, истакна тогаш Трајановски, а пренесе Курир.

На 06.11.2017 година, дел од медиумите објавија дека Шилегов од 15 ноември ќе го забрани сообраќајот до Средно Водно.

Начелно ќе има два пункта од кои ќе поаѓаат посебни градски линии. Едниот е кај паркингот кај „Нова Македонија“, а другиот е кај катната гаража спроти „Макпетрол“. Поминувањето на автомобилите би се затворило кај новиот пат за Сопиште, кој е пробиен. Граѓаните ќе можат и да ги паркираат своите автомобили на безбедно место и да ги користат услугите кои ги дава ЈСП „Скопје“, како би можеле да стасаат до Водно, рече Шилегов, пренесе Нова Македонија.

По ова реагираше Трајановски, дека Шилегов му го украл проектот, Но, тоа не е целосна вистина. Имено, Шилегов во својата предизборна програма за локалните избори „Живот за сите“ има предвидено заштита на Водно од автомобили.

Во делот на проектот „Заштитени паркови и парк шуми“ (стр.28), меѓудругото се наведува:

Дополнително, за парк-шумата Водно обезбедуваме вонреден сообраќаен режим што ќе ја растовари од моторни возила.

Значи, проектот за заштита на Водно од автомобили го има и Шилегов во својата програма, но не е онака прецизно разработен како кај Трајановски. По изборот за градски татко, Шилегов излезе пред медиумите со детали околу овој проект.

Она што се поклопува со проектот на Трајановски, а што го нагласи Шилегов, се двата пункта од кои ќе тргнуваат автобусите на ЈСП, а тоа се паркинг-просторот кај „Нова Македонија“ и кај катната гаража кај „Макпетрол“ (катна гаража Македонска фаланга). Она што го предвидел Трајановски, а не го нагласи Шилегов, е бесплатен паркинг за автомобилите кај овие два пункта. За разлика од Трајановски, Шилегов најави „безбеден паркинг“ кај овие два пункта.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека изјавата на Коце Трајановски дека Шилегов реализира проект од изборната програма на Трајановски, а кој го нема во неговата, ја оценуваме како полувистинита. До ваквата оценка дојдовме водејќи се од методологијата на „Вистиномер, според која, за полувистинита се смета изјавата која е точна, но фалат важни детали во неа.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *