Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Фото: Photo by Christian Lue on Unsplash

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот мандат. Сепак, досега сè уште не е отворено ниту едно поглавје

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот мандат. Сепак, досега сè уште не е отворено ниту едно поглавје

 

Ветување: Почнуваме преговори, ја европеизираме земјата!

До 2024 година ќе отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ.

[Извор: Програма на СДСМ, парламентарни избори 2020, стр. 13, датум – јуни 2022]

 

Образложение:

Во програмата на парламентарните избори од 2020 година, СДСМ вети дека до крајот на нивниот мандат, односно до 2024 година ќе ги отвори 80 отсто (или 25 од вкупно 33) од поглавјата за интеграција со Европската Унија. Ова изборно ветување на социјалдемократите не е исполнето.

Според последниот Извештај на Европската комисија за 2023 година, иако има позитивни оценки за некои од поглавјата (добро ниво на припрема или „good level of preparation“ според сакалта), досега ниту едно поглавје не е отворено за преговори. 

Официјалниот старт на преговорите за влез во Европската Унија се случи на 19 јули 2022 година на меѓувладина конференција. Веднаш потоа започна и процесот на проверка или скриниг, којшто траеше 15 месеци и се затвори на 8 декември 2023 со последениот Билатерален состанок од Поглавјето 31 за Кластерот 6.

Оттогаш, процесот практично  е замрзнат повеќе од четири месеци. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се  спротивстави на уставните измени кои се услов за отпочнување на преговорите со ЕУ,  а со кои во преамбулата треба да се додадат и други малцинства, меѓу кои и Бугарите. Опозициската партија бара јасни гаранции дека Бугарија  нема повторно да ја попречува нашата евроатланска перспектива и дека тоа е нивно последно барање. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски вели дека е за влез во Унијата, но не сака уставните измени да се претставуваат како црно-бела слика, „ или си за ЕУ или си против“.

Но, ниту Мицкоски, ниту неговата партија не кажуваат конкретно како би го „откочиле“ процесот за интеграција во ЕУ.

33 поглавјата за преговори, поделени во 6 кластери Фото: Европска Унија, 2022

 

Без уставни измени нема да чекориме во ЕУ

Во врска со европскиот пат на државата социајлдемократите во соопштение од  01.03.2024 г. повторно истакнаа дека:

СДСМ иднината на Македонија ја гледа во ЕУ, како горда членка. Затоа и досега направивме сè што е можно тоа да се случи. После 17 години чекање започнавме преговори за членство во ЕУ и успешно го завршивме скрининг процесот. Не смееме сега да застанеме кога сме пред целта. Единствена надеж за подобра иднина е полноправно членство во Европската Унија.

Во секој случај,  за да може да продолжи евроинтеграцискиот процес, според заклучоците на Советот на Европската Унија, неопходно е да се  направат уставните промени. Потоа, треба да се одржи втората меѓувладина конференција  на која ќе се договори правецот на преговорите, па дури тогаш ќе може да се отворат првите кластери, односно првите поглавја за преговарање.

Тоа деновиве го потврди и евроамбасадорот Дејвид Гир, напоменувајќи дека очекува да се направат измените на Уставот, за да може земјата да го продолжи патот кон Европската Унија.

Ние сме во среде изборна кампања и не одговорам на прашања за политички прашања. Се разбира, очекуваме спроведување на уставните измени, кои ѝ овозможуваат на земјата да напредува на својот пат кон Европската унија. Сакаме тоа да се случи што е можно поскоро, рече Гир пред почетокот на панел-дискусијата  што се одржа на 15 април во ЕУ-Инфо центарот.

Дали и кога тоа ќе се случи е неизвесно. На прагот сме на претседателските (24 април) и парламентарните избори (8 мај), па оваа горлива тема со познатите наративи на власта и на опозицијата е неизбежна и во нивните политички настапи.

Имајќи го предвид сето ова, ветувањето на социјалдемократите дека „до 2024 година ќе отворат 80 % од поглавјата за интеграција во ЕУ“. го оценуваме како неисполнето.

 

Извори:

  • (06.2020) Програма на СДСМ, парламентарни избори 2020 година, стр. 13 – [проверено на 18.04.2024]
  • (08.11.2023) Извештај за С. Македонија 2023 година, Европската комисија – [проверено на 18.04.2024]
  • (19.07.2024) Меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ во Брисел, Радио Слободна Европа – [проверено на 18.04.2024]
  • (08.12.2023) Заврши скрининг процесот со ЕУ, почетокот од преговорите за членство на земјава, Мета.мк – [проверено на 18.04.2024]
  • (09.11.2023) Дипломатскиот јазик на ЕУ преведен на обичен, „народски“, вели ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата го кочат прогресот, Рацин.мк – [проверено на 18.04.2024]
  • (20.12.2023) EU ‘Creativity’ Over Ukraine Has Left Macedonians Frustrated, BalkanInsight – [проверено на 18.04.2024]
  • (19.08.2023) Мицкоски – Да не се троши ни секунда на уставни измени, решението е избори, Радио Слободна Европа – [проверено на 18.04.2024]
  • (12.12.2023) COUNCIL CONCLUSIONS ON ENLARGEMENT, Совет на ЕУ – [проверено на 18.04.2024]
  • (15.04.2024) Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени, не коментирам политички прашања среде кампања, Радио Слободна Европа
  • (01.03.2024) Европа е единствената надеж за подобра иднина, соопштение на СДСМ – [проверено на 18.04.2024]

 

Оцени: Матеј Тројачанец

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција