МЗ направило „грижлива анализа на фактите“ за тендерот за помалку од 24 часа!?

Д-р Венко Филипче. Фото: Веб страна на МЗ

Недоследноста во изјавата на д-р Филипче е во тоа што во првата изјава вели дека Министерството сè уште не ја евалуирало понудата (изјавата е дадена во недела, неработен ден), додека во втората изјава (понеделник, претпладне), Филипче вели дека „Интензивно работевме на евалуација на понудата од моментот на нејзиното отворање“ и дека „првичната евалузација укажува на недостатоци“… Сосема е јасно дека ако интензивно работеле на проценката на понудата од нејзиното отворање, д-р Филипче уште во неделата при првичната изјава ќе ги знаел недостатоците и ќе и ги соопштел на јавноста

 

Министерот за здравство во Владата на РМ, д-р Венко Филипче, даде две изјави за јавност во последните два дена во врска со крупен тендер за јавни набавки во кои има елементи на недоследност:

Министерството за здравство по објавениот тендер сеуште не ја евалуирало понудата, а доколку по грижливата анализа на фактите и доказите постојат недостатоци во целокупната поднесена документација со понудата, согласно одредбите од Законот за јавни набавки истиот ќе претставува основ за поништување на тендерот и постапката без предизвикување на дополнителни и вонредни штети за ниедна страна.

[Извор: МЗ – веб страна, изјава на д-р Венко Филипче, датум: 22.07.2018 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерoт д-р Венко Филипче за прв пат излезе со реакција за тендерот за јавна набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи, по дводневна јавна жестока дебата/критика по социјалните мрежи и критика од опозицијата, настаната од објавениот текст во НОВА, во кој се наведува дека на тендерот се јавила само една фирма и дека понудените цени биле превисоки.

На спомената прес конференција одржана на 22.07.2018 година, Филипче се задржа на поентите дека целокупната тендерска постапка била транспарентна, дека Законот за јавни набавки дозволува набавка и во случај кога на тендерот се јавува само една фирма и дека никаква штета не е нанесена зашто внимателно ќе се прави проценка на понудата, односно дека ќе го поништи тендерот „доколку по грижлива анализа на фактите и доказите“ се покажат недостатоци во понудата.

Помалку од 24 часа од оваа изјава, д-р Филипче повтоорно закажува прес конференција на истата тема и го вели следното:

Интензивно работевме на евалуација на понудата од моментот на нејзиното отварање. Првичната евалуација укажува на недостатоци во поднесените документи од страна на економскиот оператор. Токму затоа, Министерството за здравство донесе одлука дека тендерот треба да се поништи. Истовремено сметаме дека во овој случај и за овој тендер е некоректно да се склучи договор, иако Законот за јавни набавки дозволува да се склучи договор со една фирма понудувач.

Недоследноста во изјавата на д-р Филипче е во тоа што во првата изјава вели дека Министерството сè уште не ја евалуирало понудата (изјавата е дадена во недела, неработен ден), додека во втората изјава (понеделник, претпладне), Филипче вели дека „Интензивно работевме на евалуација на понудата од моментот на нејзиното отворање“ и дека „првичната евалузација укажува на недостатоци“

Сосема е јасно дека ако интензивно работеле на проценката на понудата од нејзиното отворање, д-р Филипче уште во неделата при првичната изјава ќе ги знаел недостатоците и ќе и ги соопштел на јавноста.

Многу поверојатно е дека министерот за здравство се решил да ја прекине тендерската постапка по големата доза на јавни критики и дури тогаш донел(е) заклучок дека навистина „за овој тендер (35-мил евра – н.з.) е некоректно да се склучи договор, иако Законот за јавни набавки дозволува да се склучи договор со една фирма понудувач.

Поради погоре наведеното појаснување оценуваме дека изјавите на министерот за здравство, Венко Филипче, дадени во рок од два дена се спротивни една на друга во однос на евалуацијата на постапката по отворањето на тендерот и поради тоа станува збор за недоследност

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски