Недоследна изјава на Шилегов за радиоактивен отпад на Дрисла
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во интервју за ТВ 24, зборувајќи за проблемот со загадувањето во главниот град, се осврна и на депонијата „Дрисла“, притоа изјавувајќи го следното:
Постојат шпекулации дека има радиоактивен отпад и тоа е предмет на анализа на повеќе институции. Проблемот со „Дрисла“ ќе биде решен многу брзо.
[Извор: Фокус, Датум: 24.11.2017 година]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изјавата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека „постојат шпекулации дека во „Дрисла“ се гори радиоактивен отпад“, ја сметаме за недоследна, од причина што, неговата изјава, прво, предизвика огромно внимание во јавноста, имајќи ја предвид тежината на самиот збор „радиоактивен отпад“, а самото тврдење е шпекулација. И второ, затоа што ваквото негово тврдење, експресно беше демантирано од премиерот Зоран Заев, како и од директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност на Македонија и од раководството на самата депонија.
Изјавата на Шилегов дека во „Дрисла“ e можно да се гори радиоактивен отпад ја вознемири јавноста, а веста во медиумите одекна како бомба. Но, Шилегов експресно беше демантиран од премиерот Зоран Заев, кој само еден ден подоцна изјави дека „апсолутно не е вистина дека во Дрисла има радиоактивен отпад“.
Верувајте ми, не. Ако има такви работи, веднаш ќе интервенираме. Јас знам дека градоначалникот на Скопје прави анализи, заедно со правните тимови, на договорот, правно – формалниот дел на договорот и се должни да ме информираат, заради тоа што се работи за странска инвестиција во Република Македонија. Ние досега сме имале само информации, повеќе преку медиумите, заради тоа што немавме увид во архивите на Градот Скопје. После таа анализа, ние ќе го соопштиме на граѓаните правно – формалниот дел. Апсолутно не станува збор за никаква радиоактивност или недозволиви, штетни работи, кои што се однесуваат на штета на граѓаните. Апсолутно не – рече Заев, пренесе Фокус.
Реагираше и директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност на Македонија, Светислав Ѓорѓевиќ, кој во изјава за порталот Сдк.мк рече дека радиоактивен отпад на депонијата „Дрисла“ не може да се уништува и да се гори.
Радиоактивен отпад не може да се уништи или да се гори, бидејќи за да се распадне со горење потребно е да се гори на многу високи температури. Кај нас нема услови за тоа и секое тврдење дека на Дрисла се гори радиоактивен отпад е шпекулација. Овој отпад може да се складира и да се чува додека самиот не се распадне, во зависност од периодот на полураспаѓање. Еден вид радиоактивен отпад се распаѓа за еден час, други пак за триесет години“, вели Ѓорѓевиќ.
Демант стигна и од самата депонија „Дрисла“. Оттаму велат дека од самото отворање до денес кај нив не се складирал и обработувал радиоактивен отпад, ниту пак има можности за такво нешто. Во одговор на прашања од Радио Слободна Европа, од Дрисла велат дека работат согласно сите законски регулативи во Македонија, а тоа го потврдуваат и инспекциските контроли.
Имајќи предвид дека тврдењата за горење радиоактивен отпад, засега се само шпекулации, како што кажа и самиот Шилегов, сметаме дека неговата изјава дека во Дрисла се гори радиоактивен отпад е недоследна. Особено што таквата изјава нема никаква поткрепа и што премиерот Зоран Заев го отфрли ваквото тврдење како апсолутна невистина.
ИЗВОРИ:
- Фокус (24.11.2017) – Шилегов: Постои сомнеж дека на „Дрисла“ се горел радиоактивен отпад [Пристапено: 29.11.2017]
- Фокус (25.11.2017) – Заев: Апсолутно нема радиоактивен отпад на Дрисла [Пристапено: 29.11.2017]
- Сдк.мк (25.11.2017) – Радиоактивен отпад на Дрисла не може да се гори, тврди Дирекцијата за радијациона сигурност [Пристапено: 29.11.2017]
- Радио Слободна Европа (28.11.2017) – Дрисла – Никогаш не сме складирале и обработувале радиоактивен отпад [Пристапено: 29.11.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар