Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија. Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка. Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Судот во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови
Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија. Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка. Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Судот во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови
Претседателот Стево Пендаровски и кандидат на СДСМ за втор претседателски мандат, во синоќешниот дуел на ТВ Телма со неговата противкандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, меѓу другото изјави:
Амнестијата на хашките случаи или таканареченото автентично толкување се случи во време кога партијата која ја поддржува госпоѓата беше на власт.
Хаг ни ги врати тие случаи и потоа ВМРО-ДПМНЕ заедно со својот коалиционен партнер донесе автентично толкување.
[Извор: Претседателски дуел на ТВ Телма; Бриф: датум – 01.05.2024]
Образложение:
Оваа изјави на Пендаровски, дадена во ТВ дебатата со Сиљановска-Давкова, во кој вели дека „Хашките случаи“ се амнестирани со автентично толкување од времето на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е вистинита.
Станува збор за четири судски предмети кои во 2008 година беа вратени од Хашкиот, за да бидат процесирани во македонските судови. Тоа се случаите за командна одговорност на водството на ОНА, затворањето на Липковската брана, киднапирањето цивили од страна на ОНА (Непроштено) и малтретирањето на мавровските работници. Сите овие дела се сторени за време на воениот конфликт во 2001 година.
На 19 јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“ за воени злосторства од припадниците на поранешна ОНА. Парламентот тогаш со 63 гласа „за“ го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија. Против гласаа 29 пратеници од опозицијата, уверени дека со ваквото автентично толкување се урива правната држава и дека хашките предмети кои ни беа вратени од Меѓународниот суд во Хаг не смеат да бидат предмет на Законот за амнестија. Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка.
Потоа следеа две иницијативи за оценување на уставноста, и на Законот за амнестија донесен во 2002 година и на автентичното толкување од 2011 година, но во октомври 2012 година Уставниот суд ги отфрли и двете. Судиите тогаш едногласно ја отфрлија иницијативата за оценување на уставноста на Законот за амнестија, додека иницијативата за оценување на уставноста на автентичното толкување на Законот за амнестија, беше отфрлена со мнозинство гласови.
Четирите трагични настани од 2001 година беа спомнати и во вчерашната предизборна претседателска дебата. Тие повторно се актуелизираа пред околу три месеци, кога на 9 февруари беше објавено дека комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, со допис до македонската Влада побарала да се поништи амнестијата за „Хашките случаи“ и да се истражат досиејата кои беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови. Во писмото, Мијатовиќ нагласува дека „без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество“.
Сепак, според техничкиот премиер Талат Џафери хашките предмети се веќе затворено прашање.
Тоа е прашање регулирано со закон и потврдено со одлуки на Уставниот суд, кусо им одговори Џафери на новинарите, додавајќи дека: меѓународните трибунали не се поврзани со македонското судство (13.02.2024).
Така што, прилично неизвесно е дали “Хашките случаи” ќе го пробијат патот до правдата, имајќи ги предвид политичките импликации и поделеноста на македонско општество.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар