Субвенциите за земјоделието не се 160, ама не се ни 136 милиони евра

 

 

Претставник на ВМРО-ДПМНЕ даде изјава во јавноста во име на партијата, а во врска со земјоделските субвенции, за која сметаме дека е полувистина:

Ова е фактот, земјоделците се излажани и изманипулирани. Зоран Заев во кампањата кажа: цитирам, 160 милиони евра годишно ќе даваме субвенции, субвенциите ќе бидат наменети да стигнат кај вистинските земјоделци. Еве помина буџетот за 2018 година, а од 160-те милиони евра  ветени од Заев испаднаа само 136 милиони.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – прес конференција, датум: 03.03.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ромео Тренов, на прес конференција одржана на 03.03.2018 година тврди дека СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев ги излажале земјоделците и наместо ветените 160 милиони евра за субвенции за 2018 година, обезбедиле 24 милиони помалку, што е на граница помеѓу вистина и невистина и зато цениме дека е полувистина.

Тренов се повикува на основниот документ на Владата, Буџетот. Ако се погледнат повнимателно бројките, Тренов е делумно во право. Имено во Буџетот за 2018 година во ставката на расположливите пари за Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој, предвидени се и обезбедени над 8 милијрди и 635 милиони денари или околу 140 милиони и 416 илјади евра. Кога ќе се спореди со буџетот за истата Агенција која е главна за субвенциите, се гледа дека во 2017 година, парите за оваа Агенција биле помали за околу половина милион евра, односно дека Владата ги зголемила овие средства за оваа година за толку.

Така гледано, изјавата на Тренов е вистина, нема 160 милиони евра. Но, тој од друга страна тврди дека парите биле помали од ветенето за 24 милиони евра, што пак е невистина, зашто не станува збор за 136 милиони евра, туку за над 140 милиони евра за 2018 година, освен ако не се мисли на директното плаќање на земјоделците, но и тука бројките од буџетот какжуваат дека станува збор за над 137 милиони евра.

Точно е дека СДСМ и во програмата Живот за сите во Македонија и во Програмата на Владата за 2017-2020 година има децидно наведено дека ќе обезбеди 160 милиони евра годишна финансиска поддршка за земјоделството. Но, во владината програма не е наведено дека таа годишна ќе важи и од 2018 година, бидејќи може да важи и од 2019 година или, пак, од втората половина на 2018, со очекуваниот ребаланс во јуни или, пак, да се зголемува постепено, како што, впрочем, е проектирано и во Буџетот на РМ.

Но, исто така, треба да се земе предвид и она што го наведува и СДСМ во својот одговор на изјавата на ВМРО-ДПМНЕ, дека земјоделскиот буџет е значително поголем и дека во тоа може да се сметаат и  ослободената јапонска помош од шест милиони евра, пет милиони евра европски пари за мали системи за наводнување, како и 20 милиони евра за продолжување на проектот Јужновардарска долина, од што директна корист ќе имаат и земјоделците.

Кога ќе се споредат аргументите од двете страни и кога ќе се погледнат фактите што ги наведуваме, а и уште многу што не се наведени, кои ја покажуваат сложеноста на темата и на тоа што се може да се смета како субвенција (на пример, зелената нафта), изјавата на Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ, цениме дека може да се оцени како полувстина.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Теофил Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *