Заев тврдеше дека референдумот ќе биде задолжителен, па се премисли

Заев во Собранието (13.06.2018) Фото: Принтскрин

Има разлика и во тонот и во содржината на поновите изјави на премирот Зоран Заев, во однос на неговото првично тврдење искажано во Собранието пред еден месец, дека референдумот „ќе биде задолжителен, не консултативен“. Па, поради тоа, оваа изјава ја сметаме за недоследна

 

Премиерот Зоран Заев пред околу еден месец, одговарајќи на прашањето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, од собраниската говорница рече:

Во делот на економијата сакам да зборувам малку повеќе, но претходно не е чесно да се биде за Европската унија и НАТО, а да се даваат валкани провокативни предлози, имајќи предвид дека е убаво да се фати датумот кога Европскиот Совет носи одлука и заради тоа само ќе прашам дали требаше да одат претходно на референдум јас и мнозинството и за договорот со Бугарија, ако се такви тезите. Не, апсолутно не. Се знае што референдумот има како цел, се знае што има ратификацијата како цел и се знае дека волјата на граѓаните е највисока и таа се почитува на крајот и затоа – да, референдумот, ве послушувам за советот, господине Вељаноски, ќе биде задолжителен, не консултативен.

[Извор: ФБ профил на Трајко Вељаноски, датум: 13.06.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на Владата, Зоран Заев, во која тој децидно кажува дека референдумот за промената на името „ќе биде задолжителен, не консултативен“,  ја оценуваме како недоследна.

Премиерот Заев во текот на изминaтиот месец даде неколку изјави во врска со референдумот во кои ретерира во однос на цврстиот став од горната изјава искажана во Собранието на 13 јуни 2018 година.

На 22 јуни 2018 година, на одбележувањето на почетокот од изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, Заев, одговорајќи на новинарско прашање, го рече следново:

Она што се согласувам со опозицијата е дека (референдумот) треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки од проста  причина што сите овие пораки, кои што се испраќаат, некако, кој како сака нека ме разбере, оставаат некој впечаток дека некој сака да ја блокира Македонија кон НАТО и кон ЕУ. Значи, зборуваме за задолжителен референдум. Ако од тие граѓани што ќе излезат, повеќе од 50 отсто плус еден граѓанин се изјаснат за референдумот, апсолутна должност е на секој граѓанин буквално да ја испочитува одлуката, да се поклони и да ја поддржи низ институциите на системот. Секако, не дај Боже, ако биде негативен, а јас ниту верувам дека тоа е возможно заради тоа што амбиентот  е веќе јасен во Македонија, овие  се историски чекори, историски решенија, убеден сум дека Македонија ќе смогне сила, мудрост, и за решенијата коишто следуваа пред нас, но и мудрост и сила за да застанеме заедно по вака важни прашања коишто навистина отвораат блескава перспектива за генерациите денеска и генерациите што доаѓаат после нас. (Заев, од 3:45)

Делот од изјавата, каде што се вели дека референдумот „треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки“ е збунувачки. Се добива впечаток како одлуката од референдумот задолжително да ќе мора да се испочитува, но до неа како да може да се стигне и преку консултативен и преку обврзувачки рефрендум. Но, тоа во Законот не е така. Тој не препознава термин „обврзувачки референдум“ и уште повеќе, зборот „обврзувачки“ не се спомнува никаде во Законот. Едноставно, според членот 8 „референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните,“ при што „одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна,“ а „одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.

На 18.07.2018 година по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците, премиерот Заев рече дека референдумот ќе биде консултативен, а можното прашање на референдумот ќе биде: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ Заев, исто така, се осврна и врз карактерот на референдумот, односно зашто тој требало да биде консултативен:

Разговаравме и за насоката на која нè упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучително важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да се донесе одлуката, а согласно договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени. Во секој случај, волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум ќе биде конечна за сите политички чинители во Собранието на Република Македонија. Заев (од 0,55 до 2,12 минута од видеото)

Повикувајќи се на член 27 од Законот, Заев вели „потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да се донесе одлуката“. Арно ама, во овој член никаде не се вели дека е „потребно референдумот да биде консултативен“, туку се вели дека „може да се распише референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните“, односно „референдум за консултирање“, чии одлуки, како што видовме во член 8, не се задолжителни. Но, Заев во следната реченица повторно вели дека „волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум ќе биде конечна.“

Иако не е јасно зошто се инсистира на референдум за консултирање со задолжителна одлука, наместо референдум за одлучување каде што одлуката е секако задолжителна според Законот, има разлика и во тонот и во содржината на овие две понови изјави на Заев, во однос на неговото првично тврдење искажано во Собранието пред еден месец, дека референдумот „ќе биде задолжителен, не консултативен“. Па, поради тоа, оваа изјава ја сметаме за  недоследна.

*  *  *

 

Следи избор на одредбите од  Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување, кои се спомнати во овој текст. Во член 8  е дефинирано дека:

(1) Референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните.

(2) Одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна.

(3) Одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.

Во членовите од 24 до 27 на овој Закон е определено кога и за кои прашања се распишува државен референдум, но и каков може да биде тој:

Член 24

Референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум) .

Член 25

Референдум на државно ниво може да се распише за прашања што треба да се уредат со закон (претходен референдум) или за преоценување на закон што претходно е донесен (дополнителен референдум).

Член 26

(1)Претходен референдум може да се распише за:

– определено прашање што треба да се уреди со закон и

– уредување на определено прашање што не е уредено со закон.

(2) Дополнителен референдум може да се распише за преоценување на закон што претходно е донесен. 

Член 27

За претходно консултирање на граѓаните за прашања од пошироко значење за Република Македонија може да се распише референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните (референдум за консултирање).

За да биде успешен референдумот, пак, односно да биде донесена референдумска одлука, на гласање треба да излезат  50 отсто  плус еден, од бројот на избирачи запишани во Единствениот избирачкиот список. Поточно, во врска со ова во член 30 (1) се вели:

Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција