Ниту ЕУ е бајка, ниту е НАТО во прокси војна во Украина

Б. Ванковска. Фото: скриншот

Ванковска употреби наратив за ЕУ кој сугерира дека Унијата веќе не постои, т.е. не постојат заедничките вредности за добробит на сите граѓани на земјите членки, туку дека како сијамски близнак на НАТО се подготвувала за војна, што е невистина. Невистина е и дека НАТО е во прокси војна во Украина, што е класично тврдење на руската официјална политика за да го замаскира фактот дека во 2022 година ја нападна оваа земја членка на ООН од копно, море и од воздух

Ванковска употреби наратив за ЕУ кој сугерира дека Унијата веќе не постои, т.е. не постојат заедничките вредности за добробит на сите граѓани на земјите членки, туку дека како сијамски близнак на НАТО се подготвувала за војна, што е невистина. Невистина е и дека НАТО е во прокси војна во Украина, што е класично тврдење на руската официјална политика за да го замаскира фактот дека во 2022 година ја нападна оваа земја членка на ООН од копно, море и од воздух

 

 

Кандидатката за претседател на РСМ Билјана Ванковска во телевизиската дебата на МРТ даде изјава како одговор на прашање, која може да се оцени како невистина:

Главната алтернатива за која овде вечерва разговараме е дека Европската Унија е бајка. Таа е веќе сијамски близнак со НАТО. Европската унија се подготвува за војна. Фактот дека ги отвори портите за Украина, значи дека на извесен начин ја увезовме таа војна. НАТО е во прокси војна во Украина

[Извор: MТВ/Дебата – Б. Ванковска (39.50 мин) – 21.04.2024]

 

Образложение:

Изјавата на професорката Ванковска дадена  во одговор на прашање какви се алтернативите на С. Македонија ако не се поврзани со НАТО и со ЕУ, е невистина.

Првиот дел од изјавата се однесува на Европската Унија. Според кандидатката за претседател Европската Унија е бајка, дека е сијамски близнак на НАТО и дека се подготвува за војна.

Европската Унија, ниту била, ниту е бајка. Таа е асоцијација на 27 држави од Европа која функционира со децении врз база на стандарди и вредности во кои најважни се слободите и правата на луѓето, слободата на пазарот и владеење на правната држава. Сето ова е континуирано градено и надградувано, последен пат со Договорот од Лисабон, а се спроведува низ институциите што се изградени од земјите членки, како што се Европскиот парламент, Европската комисија, Европскиот Совет и Советот на ЕУ, Европскиот суд на правдата, итн., но не занемарувајќи го тука и Советот на Европа, која е најстара европска институција која се занимава со чување и унапредување на европските вредности. Второ, ЕУ е во континуирано проширување и реформирање, со оглед на фактот што започнала како Европска заедница за јаглен и челик, па Европската економска заедница (ЕЕЗ), па ЕУ во 1993, итн., со која Македонија имала посредно и директно односи уште во рамките на социјалистичка Југославија и со која продолжила да има официјални односи и по осамостојувањето. Врз база на едногласно усвоени и поддржани декларации во Собранието и врз база на определба на најголемите политички партии што ги презентирале граѓаните во изминатите 30-тина години.

Тоа што ЕУ многу често е несигурна и недоследна на своите ветувања за проширувањето, ниту значи дека од ЕУ лажат, ниту пак, дека целата вина е секогаш во ЕУ. Понајмалку, дека ЕУ е бајка.

 

ЕУ нема војска – има заедничка одбранбена политика

Европската Унија не се подготвува за војна, таа нема заедничка војска, туку врз рамки на желбите на граѓаните од земјите членки подзасилено работи на заедничка одбранбена политика од 2016-2017 година. ЕУ, по инвазијата на Русија врз Украина во 2022, започна серија санкции врз Русија со цел да ѝ помогне на европската земја Украина, која има од неодамна и покана за преговори за зачленување во Унијата и тие санкции постојано ги преиспитува и ги зголемува. Во рамки на општиот буџет на ЕУ, предвиден е Европски одбранбен фонд од околу 1,5 милијарди евра годишно кои почнале да се одвојуваат од 2020 година. ЕУ ѝ дава и цивилна, економска и воена помош на Украина и досега од почетокот на инвазијата се издвоени околу 99 милијарди евра, од што воена помош од над 30 милијарди евра. Но, тоа воопшто не е подготовка за војна, туку е напор за зголемување на воените капацитети на секоја земја членка на ЕУ, која се соочи со недостиг од воена опрема и оружје, особено муниција, по помошта што замина за Украина.

ЕУ и НАТО не се воопшто сијамски близнаци по своите основни цели на постоење, иако дел од главните институции на ЕУ се во Брисел, каде што е главното седиште на НАТО.

 

НАТО не е во Украина, Русија е

Еден од најстарите руски дезинформациски наративи е за прокси војна што ја води Западот, НАТО или ЕУ….во Украина, против Русија. Таа започна со изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во април 2022 година. Токму такво е тврдењето на Ванковска кое не е базирано на факти.

Она што е факт е дека Русија започна инвазиска војна во Украина во февруари 2022 година од земја, воздух и море, што е втор пат, откако во 2014 година го анектираше полуостровот Крим. Оттогаш НАТО во рамки на заедничка политика на земјите членки, но и на индивидуални одлуки на секоја земја членка, се обидува да ѝ помогне на Украина која има легитимно право на самоодбрана, согласно и Повелбата на ООН. Испраќањето сложени системи за копнено и противвоздушно дејствување не значат прокси војна, туку помош за одбранбената политика на Украина. НАТО нема, ниту ќе испрати војници во Украина, а последенпат тоа го демонстрираше со изјава на генералниот секретар, откако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека можеби ќе дојде момент за испраќање на копнени трупи во Украина.

Овој наратив со прокси војната има своја предисторија, а тоа е наративот за наводно ветување на Западот, поточно на покојниот американски претседател Џорџ Буш постариот дека НАТО нема да се проширува на Исток по падот на Берлинскиот ѕид. Но, и ова е невистина и тоа демантирана е токму од последниот лидер на СССР Михаил Горбачов.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција