Земјата е сепак тркалезна

Фото: By NASA/Apollo 17 crew;

Четири теории на заговор се вметнати на Фејсбук објава во која што се споделуваат и некои лични мислења и убедувања. Но овие четири тврдења, за формата на Земјата, потеклото на човекот и стапнувањето на месечината, се целосно невистинити и за нив постојат голем број на докази

Три теории на заговор се вметнати на Фејсбук објава во која што се споделуваат и некои лични мислења и убедувања. Но овие четири тврдења, за формата на Земјата, потеклото на човекот и стапнувањето на месечината, се целосно невистинити и за нив постојат голем број на докази

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук набројува повеќе тврдења со цел да потенцира дека наводно некој не лаже и дека треба да трагаме по вистината. Иако дел од тврдењата се лични мислења и убедувања, некои се невистинити тврдења за кои што постојат многубројни докази и се предмет на оваа рецензија.

Не лажат дека земјата е топка која се врти околу својата осовина.

Не лажат дека стапнале на месечината и кај да е ќе стапнат и на Марс.

Не лажат дека сме настанале од мајмуни кои се одвоиле од останатите животни по интелегенцијата.

Со помош на факти, тврдење по тврдење, се утврдуваат невистините во објавата.

 

Тврдење: Не лажат дека земјата е топка која се врти околу својата осовина

Тврдењето дека Земјата не е топка, туку рамна плоча е теорија на заговор која што постои десетици години наназад и во која што, и покрај сите докази, веруваат многу луѓе. Мислењата за тоа како точно функционира рамната Земја се различни, а се измислуваат и креативни интерпретации на физиката, астрономијата и посебно на Сончевиот систем за да можат да прикажат дека нивните теории функционираат.

Постојат многу начини да се докаже дека Земјата не е рамна. Една брза опција е да ја проверите библиотеката со слики на НАСА, која е преполна со фотографии од Земјата направени од Меѓународната вселенска станица на кои се гледа обликот на Земјата.

Впрочем, НАСА има и видео во живо на Јутјутб за тоа како изгледа Земјата од вселената. Преносот во живо се врши од Меѓународната вселенска станица додека кружи околу Земјата на 240 милји над планетата, на работ на вселената во ниската земјина орбита. Станицата е екипирана од астронаути на НАСА, како и руски, јапонски, канадски и европски астронаути.

Освен НАСА, и Русија има слики од тркалезната Земја, а такви фотографии кои ја побиваат теоријата дека Земјата е рамна имаат направено и јапонската вселенска агенција и Кина.

Доказ дека земјата не е рамна е и фактот што различни локации на Земјата имаат различни годишни времиња во ист период. Кога во САД е лето, во Австралија е зима. Или кога во Италија е зима, во Аргентина е лето. Тоа е затоа што сончевите зраци, кои се речиси совршено паралелни, удираат на Земјата под различни агли. Кога Земјата би била рамна, сончевите зраци секогаш би биле под ист агол, што значи дека САД, Австралија, Италија и Аргентина би ги имале истите годишни времиња во ист период. Идејата за рамна Земја не може да го објасни ова. Освен тоа, зајдисонцето и изгрејсонцето се случуваат во различни периоди во зависност од вашата географска должина, што потврдува дека Земјата не е рамна.

 

Тврдење: Не лажат дека стапнале на месечината и кај да е ќе стапнат и на Марс

Не е вистина дека човекот не стапнал на Месечината, како што тврди оваа теорија која е, исто така, многу попопуларна помеѓу теоретичарите на заговор. Првото стапување на месечината беше за време на мисијата „Аполо 11“ чија главна цел беше да комплетира национална цел, поставена од претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди на 25 мај 1961 година, односно да изведе слетување на Месечината и враќање на Земјата. Иако претседателот Кенеди не доживеа да го види историскиот настан, нацијата ја исполни својата цел во јули 1969 година кога Аполо 11 ги спушти првите луѓе на Месечината и безбедно ги врати на Земјата.

„Аполо 11“ на 16 јули 1969 година, тргна од Кејп Кенеди (Кејп Канаверал), предводена од командирот Нил Армстронг, пилотот Мајкл Колинс и пилотот Едвин Олдрин. Тие поминаа 21 час и 36 минути на површината на месечината. 

Теоријата на заговор дека човекот не бил на Месечината, или дека не се реализирани мисии за истражување на вселената, се распространети на интернет просторот повеќе години наназад. Истите невистинити наративи се разоткриени во новинарски написи на голем број етаблирани медиуми, дури и на Гардијан.

Според текстот на Гардијан, потребни биле 400 илјади вработени во НАСА и  илјадници контрактори за Нил Армстронг и Баз Олдрин да стапнат на Месечината во 1969 година, но само еден човек за да се рашири идејата дека сето тоа било лага. Името на тој човек, којшто прв ја раширил невистината дека стапнувањето на Месечината не се случило, е Бил Кајсинг.

Постојат голем број на докази, вклучително и 383 килограми камења собрани од Месечината во текот на 6 мисии, потоа потврда од Русија, Јапонија и Кина, како и фотографии од НАСА, кои сведочат за тоа дека има мисии во вселената, поточно на Месечината.

 

Тврдење: Не лажат дека сме настанале од мајмуни кои се одвоиле од останатите животни по интелегенцијата

Човечката еволуција претставува долг процес на промени со кој се докажува дека луѓето потекнуваат од предци слични на мајмуни. Научните докази покажуваат дека физичките и бихејвиоралните особини што ги споделуваат сите луѓе потекнуваат од предци слични на мајмуни и еволуирале во период од приближно шест милиони години.

Луѓето се примати. Физичките и генетските сличности покажуваат дека современиот човечки вид, хомо сапиенс, има многу блиска врска со друга група на видови примати, мајмуните. Луѓето и големите мајмуни од Африка — шимпанзата (вклучувајќи бонобо, или таканаречените „пигмејски шимпанза“) и горилите — имаат заеднички предок кој живеел пред 8 и 6 милиони години. Луѓето првпат еволуирале во Африка, а голем дел од човечката еволуција се случила на тој континент. Фосилите на раните луѓе кои живееле помеѓу 6 и 2 милиони години потекнуваат целосно од Африка.

Оваа објава вметнува неколку дезинформации, веќе познати теории на заговор, помеѓу лични мислење со цел корисниците на социјалните мрежи да дојдат до заклучок  дека „не лажат“, иако не е објаснето кој тоа не лаже и со каква цел. Ова ги прави дел од тврдењата од Фејсбук објавата само уште едни неосновани теории на заговор кои немаат допирна точка со реалноста. Затоа објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција