Принцезата од Велс не пласира никакви лаги за хемотерапијата

Фото: Nick Youngson CC BY-SA 3.0 Pix4free

Принцезата од Велс не зборуваше за никакви ефекти на хемотерапијата, туку само наведе дека и олеснало што завршила со циклусот на хемотерапии откако и беше дијагностициран карцином. Kако што e општо познато, хемотерапијата се користи за третман на карциноми и функционира на начин што ги убива или го забавува растот на брзорастечките канцерогени клетки. Сепак, може да има свои несакани ефекти

Принцезата од Велс не зборуваше за никакви ефекти на хемотерапијата, туку само наведе дека ѝ олеснало што завршила со циклусот на хемотерапии откако ѝ беше дијагностициран карцином. Kако што e општо познато, хемотерапијата се користи за третман на карциноми и функционира на начин што ги убива или го забавува растот на брзорастечките канцерогени клетки. Сепак, може да има свои несакани ефекти

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Хаха, пласирање на дезинформации и лаги за наводната лековитост на ,,хемотерапијата”!!!

Во склоп на објавата се споделува највообичаено професионално медиумско соопштение од вест од светот, односно се споделува видеото на принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, во кое таа откри дека завршила со примањето хемотерапии откако ѝ беше дијагностициран карцином на почетокот на годинава. Станува збор за видео материјал кој што го објави Мидлтон, кое е прилично лично, со сопругот и децата, каде таа споделува лична емоција дека ѝ олеснало што на крајот на летото ги примила сите циклуси на хемотерапии.

Последните девет месеци беа неверојатно тешки за нас како семејство. Животот, каков што знаете, може да се промени за миг и моравме да најдеме начин да се движиме низ бурните води и непознатиот пат. Патувањето низ ракот е сложено, страшно и непредвидливо за сите, особено за оние што ви се најблиски. Понизно ве соочува со сопствените слабости на начин на кој никогаш досега не сте размислувале, а со тоа доаѓа и нова перспектива за сè. Овој пат, пред сè, ме потсети мене и Вилијам да размислуваме и да бидеме благодарни за едноставните, но важни работи во животот, кои многумина од нас често ги земаат здраво за готово. Едноставно да сакаме и да бидеме сакани, се вели во видео пораката меѓу другото.
Во ниеден момент, ниту во текстот од медиумот кој се споделува, ниту, пак, во видео пораката на принцезата од Велс Кејт Мидлтон, не се кажува дека хемотерапијата е лековита, туку дека нејзе ѝ олеснало што го завршила циклусот на примање хемотерапии. Дополнително, не е дезинформација дека хемотерапијата е терапија за третман на карцином. Хемотерапијата делува на начин што го запира или го забавува растот на канцерогените клетки кои растат и се множат брзо. Хемотерапијата, според наведеното на Националниот институт за карцином на САД, се користи поради 2 причини. Првата е за третман на карцином.
Хемотерапијата може да го излекува карциномот, да ја намали шансата тој да се врати или да го сопре растот на карциномот. Хемотерапијата може да ги олесни симптомите на карцномот, да ги намали туморите кои што предизвикуваат болка и други проблеми, се наведува на сајтот на Националниот институт за карцином на САД.
Хемотерапијата се користи за третман на многу видови карцином.
За некои луѓе хемотерапијата може да биде единствениот третман кој ќе го добиете. Но, многу често хемотерапијата се комбинира со други терапии за карцином. Видот на терапијата која што е потребна зависи од видот на карциномот, дали се раширил и каде и дали имате други видови на здравствени проблеми, се додава на сајтот на Националниот институт за карцином на САД.
Се појаснува и дека хемотерапијата не само што ги убива брзорастечките канцерогени клетки, но, исто така, го намалува растот на здравите клетки. Оштетувањето на здравите клетки може да предизвика несакани ефекти, како рани во устата, нагони за повраќање, губење на косата… По завршувањето на хемотерапијата несаканите ефекти може да се намалат или да исчезнат.

На сајтот на Мајо клиниката во САД се наведува дека хемотерапијата е третман кој содржи моќни хемикалии за да се убијат брзорастечките клетки во телото.

Хемотерапијата најчесто се користи за да се третира карцином, бидејќи канцерогените клетки растат и се множат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. Достапни се многу различни видови на хемотерапии. Хемотерапиите може да се користат самостојно или во комбинација за третман на голем број на карциноми. Иако хемотерапијата е ефективен начин да се третираат повеќе видови карциноми, таа, исто така, носи со себе ризици на несакани ефекти. Некои од нив се благи и се третираат, а други може да предизвикаат сериозни компликации, пишува на сајтот на Мајо клиниката.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека хемотерапијата не лекува карцином, но, сепак, таа како и голем број други терапии, може да има несакани ефекти.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција