Нема ништо вештачко во „Борис“, резултат е на климатски промени

Фото: скриншот од дел од објавата

Без оглед на сите научни докази, широко се распространети наративите исполнети со теории на заговор кои го отфрлаат постоењето на фактори кои влијаат на климатските промени. Едно неодамнешно меѓународно истражување покажува дека во просек, околу 17 отсто од испитаниците ја сметале за вистинита теоријата на заговор дека климатските промени се измама. Таква теорија на заговор се споделува и во објавата која ја анализираме, која споделува измислици за некакви копчиња кои што креираат поплави. Затоа, оваа објава ја оценуваме како невистина.

Без оглед на сите научни докази, широко се распространети наративите исполнети со теории на заговор кои го отфрлаат постоењето на фактори кои влијаат на климатските промени. Едно неодамнешно меѓународно истражување покажува дека во просек, околу 17 отсто од испитаниците ја сметале за вистинита теоријата на заговор дека климатските промени се измама. Таква теорија на заговор се споделува и во објавата која ја анализираме, која споделува измислици за некакви копчиња кои што креираат поплави. Затоа, оваа објава ја оценуваме како невистина

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека бурата Борис која ја погоди Централна Европа, не била природна, туку била предизвикана со копче.

Каков циклон Борис,какви бакрачи…..Доста го лажете народот, се е на копче ‼️, стои во објавата.

Тврдењето содржано во објавата дека бурата била предизвикана со копче, без притоа да се понудат никакви докази за истото, е несериозно и бесмислено.

Медиумите пренесуваат вести дека најмалку 21 лице загинаа во поплавите што изминатите денови зафатија неколку земји во Европа. Бурата Борис во делови од Австрија, Чешка, Унгарија, Полска, Романија и Словачка потопи цели населби и принуди стотици илјади луѓе да се евакуираат. Седум лица се загинати во Романија, шест во Полска, пет во Австрија и три во Чешка, а неколку се водат како исчезнати. Во некои области врнежите се намалуваат, но во други нивото на водата се очекува да го достигне врвот во наредните денови. Надојдениот Дунав стигна до Словачка, а за поплави се подготвуваат и во Унгарија, особено во Будимпешта, каде што армијата е веќе на терен.

Силните врнежи на дожд кои што ги предизвикаа сегашните, но и претходните поплави се, всушност, резултат на климатските промени кои го зголемуваат испарувањето и на тој начин повеќе водена пареа доаѓа до атмосферата. Ова е причина за поинтензивни врнежи од дожд и поплави во некои области, или поекстремни суши во други. Потоплите температури на океаните ги интензивираат тие климатски обрасци, а генерално повисоките температури доведуваат до почести и подолготрајни топлотни бранови.

Климатските промени, предизвикани од согорувањето на фосилните горива, ја зголемуваат сериозноста на временските настани како поплави. И тоа е така затоа што влагата што ја содржи атмосферата многу силно се зголемува со температурата. објаснува Јоханес Кваас, метеоролог на Универзитетот во Лајпциг во источна Германија.

Екстремната бура по име Борис ја зафати централна Европа за време на викендот со рекордни врнежи од дожд, смртоносни поплави и до 10 метри снег на повисоките планини. Најмалку 12 лица загинаа – шест во Романија, две во Полска, три во Австрија и едно во Чешка – од почетокот на дождовите во петокот, според официјални лица.

Бурата Борис, која за само неколку дена ослободи неколкумесечен дожд, како што пишува Вашингтон пост, беше предизвикана од ретка комбинација на метеоролошки фактори, почнувајќи со невообичаено моќна појава на студен воздух во западна Европа, која се судри со исклучително топлото време на исток. Климатските промени предизвикани од човекот веројатно го интензивираа потопот што следеше со загревање на воздухот и водата со која се нахранила бурата.

Неколку станици во Австрија забележаа рекордно студено време од годината бидејќи температурите останаа под 10 Целзиусови степени три дена, додека Хохфилцен во западна Австрија ја забележа најниската септемвриска висока температура од 0,8 Целзиусови степени. Швајцарија, Италија и Германија исто така забележаа историски студ за овој месец од годината.

Избувнувањето на студениот воздух има поврзаност со вообичаената топлина и невообичаено висок притисок во поларната стратосфера, според Џуда Коен, долгорочен прогнозер во Verisk Atmospheric and Environmental Research.

Додека арктичкиот воздух се движи кон југ низ западна и централна Европа, тој се судри со невообичаено топол, влажен воздух на исток и југ. Во Русија беа поставени бројни топлински рекорди со температури кои се искачија до ниските горни 20-ти Целзиусови степени, според временскиот историчар Максимилијано Херера. Москва постави рекорд за најжешката септемвриска ноќ кога температурата се спушти само на 19,2 Целзиусови степени, додава Вашингтон пост во својата анализа.

 

Средоземно Море со највисока просечна температура за август

Нискиот притисок што се формираше во близина на пресекот на судирите на студените и топлите воздушни маси потоа се отсече од млазниот тек и беше заробен од области со висок притисок на неговиот запад и исток. Тоа предизвика бурата да застане над централна Европа, овозможувајќи ѝ да извлече воздух исполнет со влага од историски топлото Средоземно Море, кое во август ја забележа најтоплата просечна температура на површината на морето за кој било месец досега.

Влагата што растеше на север и запад од Медитеранот – во многу случаи – беше принудена да се искачи на планинските падини. Надојдениот воздух помогна да се исцедат уште повеќе врнежи додека се ладеше и ја кондензираше влагата, интензивирајќи ги врнежите на стрмниот терен и соседните долини.

Научниците велат дека топлиот воздух предизвикан од климатските промени е склон да задржува повеќе влага и да произведува поинтензивни врнежи. Непрофитната организација „Climate Central“ вели дека атмосферата содржи четири проценти повеќе влага за секој степен Фаренхајт на климатското затоплување, што го „суперполни“ циклусот на водата, пренесува Вашингтон пост.

Според Светската здравствена организација, климатските промени претставуваат фундаментална закана за здравјето на луѓето. Тие влијаат на физичката средина, како и на сите аспекти на природните и човечките системи – вклучувајќи ги социјалните и економските услови и функционирањето на здравствените системи. Климатските промени директно придонесуваат за хуманитарни итни случаи од топлотни бранови, шумски пожари, поплави, тропски бури и урагани и тие се зголемуваат по обем, фреквенција и интензитет, информираат од СЗО.

Но и покрај сите научни докази, широко се распространети наративите исполнети со теории на заговор кои го отфрлаат постоењето на фактори кои влијаат на климатските промени. Едно неодамнешно меѓународно истражување покажува дека во просек, околу 17 отсто од испитаниците ја сметале за вистинита теоријата на заговор дека климатските промени се измама.

Таква теорија на заговор се споделува и во објавата која ја анализираме, која споделува измислици за некакви копчиња кои што креираат поплави. Затоа, оваа објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција