Контраспин: Стотиците милиони евра прво треба да стигнат, па да се бројат

Фото: Влада на РСМ/вебсајт

Во набројувањето на успесите од првите 100 дена Влада, избројани се 600 милиони евра инвестиции од 4 компании, од кои само онаа од „Алказар енерџи“ вреди 500 милиони долари. Сепак, сè уште станува збор само за намера/најава за инвестирање со пари кои инвестицискиот фонд треба да ги собере до крајот на 2025 година, па оттука, има елементи за спин во информацијата на Владата во делот на странските инвестиции

Во набројувањето на успесите од првите 100 дена Влада, избројани се 600 милиони евра инвестиции од 4 компании, од кои само онаа од „Алказар енерџи“ вреди 500 милиони долари. Сепак, сè уште станува збор само за намера/најава за инвестирање со пари кои инвестицискиот фонд треба да ги собере до крајот на 2025 година, па оттука, има елементи за спин во информацијата на Владата во делот на странските инвестиции

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По прес-конференцијата за првите 100 дена и постигнатите резултати, Владата издаде и соопштение со прецизно набројани постигнувања, при што во делот на странските инвестиции има елементи на спин:

Спин: За 100 дена 4 СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ во износ од 600 МИЛИОНИ ЕВРА за нови над 1.500 вработувања!

Странска инвестиција за изградба на ветерници во државата со капацитет до 400MW на „Aлказар Енерџи“ во вредност од 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ. Оваа инвестиција ќе се реализира во општините Радовиш, Штип и Карбинци, а ќе бидат инсталирани 55 ветерници и 630 нови вработувања, со што 100.000 граѓани ќе се снабдат со електрична енергија…

[Извор: Влада на РСМ-Соопштение – датум: 02.10.2024]

Контраспин: Убаво е влада да се пофали со успесите од сопствената работа во првите 100 дена од владеењето, како што тоа го стори Владата на Христијан Мицкоски, но притоа треба да се прави разлика од искажаните намери и од степенот на реализацијата, како што тоа е сторено во соопштението на Владата во делот за странски инвестиции.

Конкретно, од Владата велат дека за 100 дена обезбедиле 4 странски инвестиции во износ од 600 милиони евра и нови над 1.500 вработувања. Потоа, како инвестиција се набројани „Алказар енерџи“, со изградба на ветерници од кои ќе се произведува респективно количество електрична енергија од инсталираните 400 MW во вредност од 500 милиони долари, a потоа се наредени другите три:

Германско-белгиска на „Епсотех Аим“ инвестира во развојно истражувачки центар, алерти центар во индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец. Вредноста на инвестицијата е 20 милиони евра и нови 110 ВРАБОТУВАЊА.

НОВА ИНВЕСТИЦИЈА за производство на сопирачки за шински возила на американскиот „Вебтек“ во вредност од 35 милиони евра и нови над 100 вработувања!

ИНВЕСТИЦИЈА на германската компанија „BMZ Group“ за производство на литиум јонски батерии во вредност од 65 милиони евра и отворање нови 700 вработувања!

Како што може да се види во структурата од нови 600 милиони евра за првите 100 дена од Владата, најголемиот колач го зазема „Алказар енерџи“ со 500 милиони долари. Настрана од другите три, кои се многу поконкретни и во можеби понапредна фаза, како онаа на „Вабетек“, оваа инвестиција од 500 милиони евра засега е само најава/намера. Убава намера за македонската држава и за граѓаните, убава намера од Владата која има стратешка определба да ја направи државата независна од увоз на електрична енергија и трансформација во што поголемо користење на зелена енергија….но сепак, е само НАМЕРА. Тоа го покажуваат фактите што може да се најдат во јавноста.

Најпрво, новата планирана инвестиција беше најавена од самиот премиер уште во кампањата без да ја именува компанијата, а потоа уште во првиот месец од составот на новата Влада во Скопје беше организирана промоција на најавата за инвестицијата. Притоа имаше детално соопштение од Владата, а имаше и детални извештаи низ медиумите, вклучително и реакциите од претставници на претходната влада, како што е онаа реакција на поранешниот вицепремиер и денешен пратеник Фатмир Битиќи:

Вистината е дека ниту се почнати ниту се завршени преговорите, ова е најава на инвестиција, која сè уште институционално ќе треба да се води, да се одговори на сите отворени прашања, рече тогаш Битиќи.

Фактите околу оваа намера за инвестиција може да се потврдат и од соопштението на „Алказар енерџи“ издадено на денот на промоцијата во Скопје.

Имајќи предвид дека првичните размислувања за оваа инвестиција потекнувале уште од 2008 година (види ја изјавата на Д. Калдерон), имајќи предвид дека компанијата има инвестиција и во Црна Гора, развивањето на големи сомнежи дали инвестицијата ќе се реализира, не е опција.

Но, имајќи предвид дека е сè уште само најава/намера и имајќи предвид дека станува збор за инвестициски фонд од Луксембург кој допрва ќе собира средства за инвестицијата, најавата е до крајот на 2025 година и имајќи предвид дека во јавниот простор не успеавме да најдеме вест за  документ (договор, меморандум за разбирање, писмо на намери, итн.), потпишан помеѓу Владата на РСМ и „Алказар енерџи“, сепак треба да се остави простор за сомнеж дали инвестицијата ќе се реализира. Барем во најавениот рок и во најавениот обем во пари и во моќност на инсталираните капацитети. Без оглед што Мицкоски на вчерашната прес-конференција најави дека на 25.06.2025 очекува да биде означен камен темелникот на инвестицијата и да отпочне физичката изградба. За разлика од тоа на пример, инвестицијата во нов погон за производство на батерии на БМЗ груп веќе е физички започната.

Оттука, бидејќи тоа е само најава/намера за инвестиција, која треба да се реализира од крајот на 2025 г. и во годините потоа од 2026 година, броењето на еврата и доларите (500 милиони), во вкупно реализираните успеси од 4 нови инвестиции со вкупна вредност од 600 милиони, содржи елементи на извртување на вистината, т.е. спин. Нема сомневање дека Владата имала сериозни разговори и состаноци со новите инвеститори, вклучително и со „Алказар енерџи’, но стотиците милиони евра прво треба да пристигнат, па да се бројат како успех.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција