Љубљанскиот универзитет не е втор по број на македонски студенти после УКИМ

Фото: Мета.мк и официјална ФБ страна на Димитар Апасиев

Тврдењето на Апасиев дека Љубљанскиот универзитет прима повеќе студенти од С. Македонија, отколку кој било од нашите државни универзитети е неточно. Според страницата на Универзитетот во Љубљана, вкупната бројка на странски студенти изнесува 3.640. Нема јавно достапни информации за тоа како се распределува оваа бројка според земјата на потекло на студентите, сепак, невозможно е сите странски студенти да се од нашата држава. Дури и ако претпоставиме дека половина од странските студенти (1.820) доаѓаат од С.Македонија, статистичките податоци од ДЗС покажуваат дека сите поголеми државни универзитети, вклучувајќи го и „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) имаат повеќе запишани студенти на прв циклус студии од 1.820 студенти

Тврдењето на Апасиев дека Љубљанскиот универзитет прима повеќе студенти од С. Македонија, отколку кој било од нашите државни универзитети е неточно. Според страницата на Универзитетот во Љубљана, вкупната бројка на странски студенти изнесува 3.640. Нема јавно достапни информации за тоа како се распределува оваа бројка според земјата на потекло на студентите, сепак, невозможно е сите странски студенти да се од нашата држава. Дури и ако претпоставиме дека половина од странските студенти (1.820) доаѓаат од С.Македонија, статистичките податоци од ДЗС покажуваат дека сите поголеми државни универзитети, вклучувајќи го и „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) имаат повеќе запишани студенти на прв циклус студии од 1.820 студенти

 

 

Во гостувањето на емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24, пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, изнесе тврдење кое го оценуваме како невистинито:

Страшно е тоа што се прави. Тоа е егзодус на студентите што им се прави. Видете го УКИМ кој ги креваат трошоците за уписи на 100 евра. И потоа се чудиме зошто, наместо некојси втор државен универзитет, наместо УГД на пример од кадешто јас доаѓам, да биде вториот по број на запишани. Кај нас, по број на запишани студенти вториот е Љубљанскиот универзитет.

 

[Извор: Телевизија 24 Вести Аргумент плус (15:25) — датум: 01.10.2024]


Образложение:

Тврдењето на Димитар Апасиев, искажано во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24, дека Универзитетот во Љубљана е на второ место по бројност на запишани студенти од С.Македонија по Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, е неточно. Сакајќи да потенцира дека има т.н. егзодус на млади луѓе од државата, пратеникот и претседателот на партијата Левица непотребно ги преувеличува бројките на запишани студенти. 

Со оглед на тоа што сега започна новата студентска година, ќе ги разгледаме јавно достапните податоци за учебната година 2023/2024. Според страницата на Универзитетот во Љубљана, вкупната бројка на странски студенти изнесува 3.640. Нема јавно достапни информации за тоа како се распределува оваа бројка според земјата на потекло на студентите, сепак, невозможно е сите странски студенти на Љубљанскиот универзитет да се од нашата држава.(Го контактиравме Универзитетот во Љубљана за точната бројка на студенти од С. Македонија, но, до моментот на објавување на овој текст оттаму не добивме одговор).

Ама дури и ако претпоставиме дека половина од странските студенти доаѓаат од нашата држава (или 1.820), статистичките податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека сите поголеми државни универзитети бројат повеќе запишани студенти на прв циклус (додипломски) студии од 1.820 студенти. Поточно, во учебната година 2023/2024 на Универзитет во Тетово се запишаа 7.785 студенти, матичниот универзитет на Апасиев, „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) запиша 6.385  студенти, на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) имаше 3.114 студенти, а на Универзитет „Мајка Тереза“  1.833.

Број на запишани студенти во учебната година 2023/2024     

 

Од државните универзитети, само Универзитетот за Информатичка технологија – Охрид брои помалку студенти од Љубљанскиот, со 314 запишани студенти за минатата учебна 2023/2024 година. Дополнително, иако драстично помалку студенти се имаат запишано на вториот циклус студии, сепак се бројат 143 студенти на Тетовскиот, 38 на УГД, 68 на УКЛО и 1 студент на „Мајка Тереза“. 

Статусот на високото образование во С. Македонија е далеку од идеален. Се запишуваат сè помалку студенти, а оние што се запишуваат на УКИМ најмногу се концентрираат на медицинските факултети, информатика и економија. А, факултетот што брои најмногу студенти – ФИНКИ,  со години чека да му се доизгради зградата. Исто така, сè помалку буџетски средства се одвојуваат за наука, а оваа како и претходните години, ниту еден македонски универзитет не се наоѓа на Шангајската листа. Наспроти тоа пак, административните трошоци за студирање се покачуваат

Несомнено дека проблемите во високото образование се многубројни и има простор за критика. Многумина од младите заминуваат на студии во странство, но тврдењето што ги изнесе Апасиев дека „кај нас по број на запишани студенти втор е Љубљанскиот универзитет“ , е неточно.

 

Извори:

 

Оцени: Матеј Тројачанец

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција