Ако пазарот ги одредува цените, зошто ограничување од Владата?

Фото: Мицкоски/Влада/веб

Изјавата на премиерот Мицкоски во врска со анализа на цени на училишен материјал и други потреби за основците и средношколците и предлог за ограничување на цените на таквите производи, е недоследна по најмалку два елементи – пазарната економија како фактор и тајмингот кога ќе биде преземена мерката

Изјавата на премиерот Мицкоски во врска со анализата на цени на училиштен материјал и други потреби за основците и средношколците и предлог за ограничување на цените на таквите производи, е недоследна по најмалку два елемента – пазарната економија како фактор и тајмингот кога ќе биде преземена мерката

 

 

Премиерот Христијан Мицкоски даде изјава во која може да се детектира недоследност по два основа:

Се надевам дека во текот на денот таа анализа ќе биде готова и ќе излеземе со предлог-мерки на утрешната владина седница, а веднаш по завршувањето и по успешното усвојување на мерката ќе имаме и прес-конференција за да може да ги соопштиме сите овие податоци. Така што, да, се подготвуваме да го олесниме трошокот на родителите со лимитирање на цените на основните производи кои се најпотребни за успешен старт на учебната година

[Извор: 360 Степени – Х. Мицкоски/изјава; датум – 02.08.2024]

 

Образложение:

Изјавата на премиерот Мицкоски во врска со анализата на цени на училиштен материјал и други потреби за основците и средношколците и предлогот за ограничување на цените на таквите производи, е недоследна по најмалку два елемента – пазарната економија како фактор и тајмингот кога ќе биде преземена мерката.

Да потсетиме, во врска со многу поголема ставка за трошок кај граѓаните, трошокот за храна и пијалаци, премиерот Мицкоски неодамна изрази став дека Владата нема да применува мерки за ограничување на цените на овие производи, нешто што се прави во регионот (Србија, Хрватска, Црна Гора) и нешто што се правеше и во С. Македонија во блиското минато.

Мицкоски пред само неколку дена на оваа тема изјави:

Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика-ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме. Затоа, политиката на оваа Влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа Влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и иста количина на пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол за десетина проценти.

Тој додаде дека инфлацијата се смирувала и упати само апел до трговците максимално да ги намалеле маржите.

Денешната изјава на Мицкоски дека Владата има намера да ги контролира и да влијае на цените на производите наменети за учениците, значи училиштен прибор и друг материјал поврзан со потребите на учениците, е во недоследност со изјавата за пазарот како фактор што ги одредува крајните цени. Зашто, во крајна линија, трошоците на семејствата за своите деца поврзани со училишен прибор се генерално еднократни и најмногу на почетокот на школската година.

Недоследност може да се забележи и поради тајмингот. Додека стапи во сила ограничувањето на цените на наведените производи, потребна е процедура од неколку дена. Од утврдување што и колку, преку одлука, до објавување на Службен весник. Анализата би требало да биде утре, заедно со предлог одлуката вели премиерот. Значи до крај на работната недела најбрзо би требало да стапи во сила одлуката ако биде донесена.

Но, процесот на купување на училиштен материјал и други потреби за основците и средношколците започнува најкасно во последните седум дена од почетокот на училишната година и евентуално во првите неколку дена од почетокот. Оттука, во голем ако не и огромен дел, може да се претпостави дека родителите веќе ги дале парите за децата, па најавената одлука и најавената прес-конференција на Владата, се чинат како мерки кои ќе бидат без поголем реален ефект за буџетот на родителите. Поради горенаведените причини може да се оцени дека изјавата на премиерот има доза на недоследност.

 

Извори:

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција