АНАЛИЗA: Буџетот на ПИОМ за 2025 тежок скоро 2,3 милијарди евра

Фото: portalb.mk

Новиот Буџет за 2025 година на државниот ПИОМ во однос на сегашниот ќе се зголеми за 376 милиони евра. Според поставените буџетски проекции адресирани до Министерството за финансии, ПИОМ догодина предвидува поголеми приходи и трошења во однос на годинава, пишува Порталб.мк. Само за алиментирање на „социјалните бенефиции“ со кои се опфатени и пензиите, во 2025 г. ќе се потрошат 2,2 милијарди евра. ПИОМ на ниво на државата е институција со најголем годишен буџет

Новиот Буџет за 2025 година на државниот ПИОМ во однос на сегашниот ќе се зголеми за 376 милиони евра. Според поставените буџетски проекции адресирани до Министерството за финансии, ПИОМ догодина предвидува поголеми приходи и трошења во однос на годинава, пишува Порталб.мк. Само за алиментирање на „социјалните бенефиции“ со кои се опфатени и пензиите, во 2025 г. ќе се потрошат 2,2 милијарди евра. ПИОМ на ниво на државата е институција со најголем годишен буџет

 

Зголемени пензии, зголемен број на пензионери, повеќе приходи од раст на платите

Трошоци за ново мартовско линеарно зголемување на пензиите и дополнително усогласување од 3 отсто во септември следната година. Бројот на нови пензионери ќе се зголеми за 0,9 отсто.  Државниот ПИОМ го „исцрта“ Буџетот за 2025 година. Во однос на годинава се предвидува раст и на приходите и на расходите.

Во документот на ПИОМ адресиран до Министерството за финансии се наведува дека следната година, за да се финансираат сите планирани расходи, касата на државниот фонд  треба да „тежи“ фантастични 2.278.073.000 евра, што е за 376.331.000 евра повеќе во однос на проектираните трошења за годинава.

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Зголемениот буџет на ПИОМ пред сè е поради најавеното ново линеарно зголемување на пензиите, но раст има кај речиси сите трошковни ставки. Така најголемата ставка „социјални бенефиции“ која ги опфаќа и пензиите се зголемува на 2,2 милијарди евра.

Во 2025 г. расходите за пензии се планираат да се зголемат и тоа по основ на усогласување на пензиите и согласно планираниот пораст на нови пензионери во 2025 г. од 0,9 отсто – се наведува во предлог-буџетскиот документ.

Следната година 78,1 отсто од вкупните расходи на ПИОМ ќе завршат за исплата на пензии.

За „плати и надоместоци“ сумата се зголемува на 6,3 милиони евра како сумата за вкупната администрација која ќе достигне 10 милиони евра.  Ставката „стоки и услуги“ следната година е проектирана да се качи на 2,6 милиони евра при што се предвидуваат зголемени трошоци за комуналии, договорни услуги, за материјали и ситен инвентар,  додека „капиталните расходи“ ( вклучени и капиталните расходи од посебниот буџетски дел) во 2025 г. е предвидено да се зголемат на 2,1 милиони евра. Единствена ставка на расходната страна која се предвидува да се намали е „субвенции и трансфери“ со проектиран износ од 540.000 евра.                              

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Раководството на ПИОМ предвидува зголемени трошења, но и амбициозни проекции за зголемени приходи во фондовската каса. Според контурите на новиот Буџет на ПИОМ, следната година клучните  „даночни приходи“ се очекува да се зголемат на 1,3 милијарди евра, при што износот на наплатените придонеси се очекува да се зголеми по два основа, натамошен раст на бруто-платата и пораст на вработеноста за 3,2 отсто во 2025 г.. Следната година „неданочните приходи“ се проектирани да достигнат износ од  скоро 11,4 милиони евра. Редовната исплата на пензии и натаму останува условена од државната „инјекција“. Следната година државниот ПИОМ преку „трансфери“ (сите нивоа на власт) очекува  939 милиони евра, што е за дури 245 милиони евра повеќе во однос на трансферите предвидени за годинава. 

Во вкупните приходи на ПИОМ најголемо учество имаат изворните приходи кои се застапени со 57,11 отсто, а средствата од Буџетот учествуваат со 41,22 отсто се наведува во  документот.

Годинава, според проценките од ПИОМ, ќе заврши со 340.854 пензионери, а следната ќе има 343.992 корисници на пензија, што е за 0,9 отсто повеќе во однос на годинава додека пак, висината на просечната пензија во декември  2025 г, треба да достигне 26.327 денари.

Овој месец пензионерите добија по 2 500 денари линеарно зголемување кое ја продлабочи дупката во фондовската каса за 80 милиони евра.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција