„АстраЗенека“ не ја повлекува вакцината заради реткиот несакан ефект, туку поради економски причини

Фото: Paul McManus auf Pixabay

Повлекувањето на вакцината против ковид на „АстраЗенека“ нема никаква врска со исклучително реткиот несакан ефект на згрутчување на крвта, туку со тоа што се појавија понови вакцини и оваа повеќе не е толку барана, поради што производителот реши да ја повлече. Дополнително, во објавата најпознатиот производител на ковид вакцини – „Фајзер“, е ставен во контекст дека „решава случаи на карцином со спогодба”, но тоа не е за ковид вакцини, туку за стар лек кој е повлечен од употреба со години. Поранешен водител на СИ ЕН ЕН, пак, навистина зема Ивермектин за да ги ублажи последиците од долг ковид, но тоа не го прави овој лек одобрен во САД за употреба за ковид, додека во С. Македонија тој е одобрен и во пандемијата матичните лекари добија протокол за негово користење

Повлекувањето на ковид вакцината на „АстраЗенека“ нема никаква врска со исклучително реткиот несакан ефект на згрутчување на крвта, туку со тоа што се појавија понови вакцини и оваа повеќе не е толку барана, поради што производителот реши да ја повлече. Дополнително, во објавата најпознатиот производител на ковид вакцини – „Фајзер“, е ставен во контекст дека „решава случаи на карцином со спогодба”, но тоа не е за ковид вакцини, туку за стар лек кој е повлечен од употреба со години. Поранешен водител на СИ ЕН ЕН, пак, навистина зема Ивермектин за да ги ублажи последиците од долг ковид, но тоа не го прави овој лек одобрен во САД за употреба за ковид, додека во С. Македонија тој е одобрен и во пандемијата, а матичните лекари добија протокол за негово користење

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ова се’ се случува последниов период.
Кој не верува, барајте си линкови.
За оние кои не веруваа, џабе беа сите линкови кои ги постирав и онака…
Во рамките на објавата е споделена е фотографија на која пишува:
Астра Зенека ја повлекува вакцината од цел свет откако призна дека ја згрутчува крвта. Фајзер вонсудски средува случаи на рак. Екс водители на Си Ен Ен земаат Ивермектин. Каде ви е сега теоријата на заговор?
Расел Бренд.

Во објавата се пропушта контекстот, бидејќи настани кои не се поврзани со ковид и вакцините против ковид се доведуваат во корелација со пандемијата за да се „докаже” дека оние што веруваат во теориите на заговор, всушност биле во право во текот на пандемијата кога ширеа купишта невистини и дезинформации за вакцините.

Во објавата прво е наведено дека АстраЗенека ја повлекува вакцината од целиот свет откако признале дека ја згрутчува крвта. Но, причината поради која АстраЗенека ја повлекува вакцината против ковид-19 не е поради тоа што таа ја згрутчува крвта, туку поради тоа што нема доволно голема побарувачка за неа, односно од комерцијални причини. После администрриани повеќе од три милијарди дози, вакцината против ковид на „АстраЗенека“ се повлекува од пазарот. Од компанијата велат дека се неверојатно горди на вакцината, но оваа одлука е комерцијална поради тоа што откако се појавија новите варијанти на ковид-19, побарувачката се пренасочи кон новите апдејтирани вакцини, а не кон нивната.

Вакцината на „АстраЗенека“ спаси милиони животи за време на пандемијата, но предизвика и ретки, понекогаш фатални згрутчувања на крвта. Во трката да се ослободи светот од затворања и ограничувања на движењето, ковид вакцината беше создадена од научниците во рекордно време на Универзитетот Оксфорд. Процес кој вообичаено одзема 10 години, заврши за 10 месеци, пишува Би Би Си.

За вакцината на „АстраЗенека“ против ковид, професорот Адам Флин од Универзитетот Бристол вели:

Вистината е дека направи огромна разлика. Оваа вакцина не подигна од катастрофата што се закануваше во тоа време, заедно со другите вакцини од „Фајзер“. Мислам дека повлекувањето на оваа вакцина едноставно го рефлектира тоа дека не е повеќе од корист.

Репутацијата на оваа вакцина беше погодена кога невообичаено згрутчување на крвта беше детектирано како редок несакан ефект на вакцината. Велика Британија се сврте кон алтернативите.

Во соопштение од „АстраЗенека“ велат:

Според независни проценки, над 6.5 милиони животи беа спасени во првата година од употребата на вакцината. Нашите напори беа препознаени од владите ширум светот и се сметани нашироко како критична компонента за завршување на глобалната пандемија.

Од „АстраЗенека“ додаваат дека развојот на нови вакцини кои подобро се совпаѓаат со мутациите на ковид кои сега се во циркулација, значело дека имало поголема количина на достапни вакцини од „АстраЗенека“ за кои немало побарувачка, па затоа нивната вакцина не се произведува ниту дистрибуира повеќе:

Се чини дека овој вирус беше многу агилен и еволуираше од првичната верзија за која беа создадени вакцините, така што тие вакцини станаа нерелевантни и само реформулираните вакцини се во употреба.

Според некои истражувања, стапката на развој на тромбоза со тромбоцитопенија од вакцината на „Астра Зенека“ против ковид е 2 до 3 случаи на 100 илјади луѓе. Повлекувањето на вакцината е поради тоа што таа не е апдејтирана а ковид вирусот е измутиран така што вакцината нема доволна побарувачка за да биде комерцијална, по што „АстраЗенека“ се решава на овој чекор. А не затоа што вакцината е на некој начин небезбедна.

Во врска со делот од објавата во кој се тврди дека „Фајзер“ средува вонсудски случаи за рак, тоа воопшто не е поврзано со ковид вакцината на „Фајзер“, туку за лек кој е постар и датира од пред да се појави пандемијата. Како што пишува Ројтерс, станува збор за лекот Зантак за кој „Фајзер“ се согласил вонсудски да се спогоди за 10 илјади случаи за ризик од карцином. Лекот Зантак е повлечен од употреба. Сите 10 илјади случаи за кои има спогодба се во САД.

Во 2020 година Американската агенција за храна и лекови го повлече Зантак и неговата генеричка верзија од пазарот, откако во него е детектирана супстанца која предизвикува карцином наречена Н-нитросодиметиламин. Овој лек во Америка многу често се користи и тоа без рецепт од доктор, за желудочни киселини. После тоа илјадници тужби пристигнаа во американските федерални и државни судови против „Фајзер“. Финансиските услови за спогодбата што „Фајзер“ ја има направено за десетте илјади тужби, не е откриена.

Што се однесува до делот од објавата дека поранешен водител на Си Ен Ен признал дека зема ивермектин, тоа е точен дел. Се работи за водителот Крис Куомо кој земал ивермектин за да ги ублажи последиците од долгиот ковид, односно губењето на концентрација (brain fog) што е симптом со кој се бори откако се заразил со ковид-19 во пандемијата. Тој беше против ивермектин во текот на пандемијата, бидејќи во своите настапи изјавуваше дека тие што го земаат овој лек треба да бидат посрамени. Меѓутоа, кога Куомо ги даваше овие коментари, американската Агенција за храна и лекови беше против администрирањето на овој лек, па дури и на тогашната социјална мрежа Твитер (сега Икс), напиша дека „не сте коњи за да земате ивермектин”. Денеска тој Твит е избришан.

Агенцијата за храна и лекови на САД и ден денешен го нема одобрено ивермектин за ковид.

Меѓутоа, во Република Северна Македонија ивермектин не беше забранет, туку матичните лекари добија протокол за лекување со него.

Објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот, затоа што повлекувањето на вакцината против ковид на „АстраЗенека“ нема никаква врска со исклучително реткиот несакан ефект на згрутчување на крвта, туку со тоа што се појавиле понови вакцини и оваа повеќе не е толку барана, поради што производителот реши да ја повлече. Дополнително, објавата е со пропуштен контекст, бидејќи најпознатиот производител на ковид вакцина, „Фајзер“, е ставен во контекст дека „решава случаи на карцином со спогодба”, но тоа не е за ковид вакцини, туку за стар лек кој е повлечен од употреба со години. Поранешниот водител, пак, навистина зема Ивермектин за да ги ублажи последиците од долг ковид, но тоа повторно, не го прави овој лек одобрен во САД за употреба за ковид, додека во С. Македонија тој е одобрен и во пандемијата матичните лекари добија протокол за негово користење.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција