Дезинформација е дека македонските новинари не кажале ниту збор за изведбата на „Набуко“ во Софија

Фото: Скриншот од преставата/СО/вебсајт

Македонските медиуми и новинари детално информираа за настапот на МОБ со „Набуко“ во Софија, спротивно на тврдењето во објавата дека не кажале ниту збор

Македонските медиуми и новинари детално информираа за настапот на МОБ со „Набуко“ во Софија, спротивно на тврдењето во објавата дека не кажале ниту збор

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека македонските новинари не спомнале ниту збор за изведбата на операта „Набуко“ од страна на Македонската опера и балет во Софија.

МОБ со “Набуко”во Софиската опера направи вистински спектакл. Срамота за нашите новинари кои не кажаа еден збор за операта, стои во објавата.

Не е точно дека македонските медиуми и новинари не кажале ниту збор за избедбата на МОБ во Софија, а тоа може многу лесно да се провери доколку се отворат агрегаторите за вести како Тајм.мк и Грид.мк.

Ремек-делото од Џузепе Верди, операта „Набуко“, беше најавено и тоа го пренесоа дел од македонските медиуми, дека ќе биде изведена на сцената на Софиската национална опера и балет на 13 септември со почеток во 20.00 часот.

Диригент е Бисера Чадловска, а режисер е Италијанецот Ренато Бонајуто. Сценографијата е дело на Флавио Арбети, костимографијата на Артемио Кабаси, а кореографијата ја потпишува Маја Митревска Богоевска. Тимот е дополнет со асистенти и мајстори, меѓу кои Катерина Стојковска, Јасмина Ѓорѓеска и Јане Бакевски. Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, пишува Рацин.мк.

По изведбата на операта, македонските медиуми, спротивно на она што се тврди во објавата, во голем дел известија за тоа.

Така, на пример, Телма извести дека операта „Набуко“ била проследена со овации од публиката. Телевизијата имаше подготвено прилог со реакции направен токму во Софија.

Восхитен сум од изведбата на Националната опера и балет, културната соработка е нешто што има долга традиција меѓу нашите две земји, дијалог  низ уметноста на кој треба во континуитет да се инсистира. Имате неверојатни солисти, диригентката Чадловска беше прекрасна, одлична изведба. Најважното во уметноста е врската со публиката и тоа можеше да се потврди вечерва, ја пренесе Телма изјавата на првиот човек на Софиската опера Борис Борисов.

Порталот „Независен“ информираше дека на изведбата на операта присуствувала македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, објавувајќи галерија од настапот.

„Аплаузи и овации за македонската „Набуко“ во Софија“, гласи насловот на порталот Умно.мк.

Националната опера и балет имаше исклучително претставување пред софиската публика со изведбата на операта „Набуко“ од Џузепе Верди синоќа на сцената на Националната опера и балет во Софија, Бугарија. Аплаузи на отворена сцена, овации по завршувањето на оперската претстава добија учесниците од ансамблот на нашата Опера. Големо медиумско внимание во бугарските медиуми доби овој настан. Ова е возвратна посета на нашата Опера по гостувањето пролетта на Софиската опера. На изведбата присуствуваа и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и други претставници на политичкиот врв, објави Умно.

Телевизија Канал 5 информираше за „голем успех на македонската продукција на „Набуко“ во Софија“.

Со силни аплаузи синоќа во Софиската национална опера и балет беше поздравена изведбата на оперската претстава “Набуко” од Џузепе Верди во изведба на македонската Национална опера и балет. Синоќешната изведба на едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди се оценува како спектакуларно отворање на сезоната на Софиската опера и балет, со македоснката продукција „Набуко“, пишува Канал 5 во својот извештај.

Од сето ова можеме да заклучиме дека македонските медиуми и новинари информираа за настапот на МОБ со „Набуко“ во Софија, спротивно на тврдењето во објавата дека не кажале ниту збор. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција