Еди Рама не ги критикувал САД, изјавата е извадена од контекст

Фото: Принтскрин видео

Се работи за тенденциозно монтирање на снимката од заедничка прес-конференција на американскиот секретар за надворешни работи Блинкен и албанскиот премиер Рама, при што биле отсечени зборовите кои ѝ претходеле на изјавата. Официјалниот транскрипт од настанот покажува дека Рама, всушност раскажувал за политиката на Албанија од времето на комунизмот, а не за нејзината актуелна политика. За тоа сведочи и комплетната снимка од прес-конференцијата

Се работи за тенденциозно монтирање на снимката од заедничка прес-конференција на американскиот секретар за надворешни работи Блинкен и албанскиот премиер Рама, при што биле отсечени зборовите кои ѝ претходеле на изјавата. Официјалниот транскрипт од настанот покажува дека Рама, всушност, раскажувал за политиката на Албанија од времето на комунизмот, а не за нејзината актуелна политика. За тоа сведочи и комплетната снимка од прес-конференцијата

 

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук е прикажан клип проследен со следниов опис:

Овој што ги д**еше Црпе и Ќурка, ги дупи и Американците

Тука се мисли на албанскиот премиер Еди Рама, кој е главен лик во споменатиот клип, а објавата изнесува невистинито тврдење дека тој во клипот си поигрува со своите сојузници од НАТО, Американците. Приказната за тоа е следна.

Во објавата не е наведено, но клипот е снимен на 15.2.2024 г. на заедничка прес-конференција на Рама и секретарот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен, кој тогаш ја посетил Албанија. Притоа, Рама дал изјава на англиски, која во превод гласи:

Три главни ѓаволи: Соединетите Држави, Советскиот Сојуз и Израел, или со други зборови: американскиот империјализам, советскиот социјалимперијализам и еврејскиот ционизам.

Албанија е членка на НАТО, кајшто Американците се најбитни чинители, па изјавата создава впечаток дека Рама бил доста дрзок кон нив и дека во присуство на Блинкен ги критикувал за империјализам. Токму тоа сака да го каже описот на клипот, кој го цитиравме на почетокот, а на тоа се мисли и во еден коментар оставен под објавата:

Има “гз” човекот. Им плеска на сите а си тера своја агенда!

Фактички, авторот на објавата ја довел својата публика во заблуда дека Рама пројавил некаква дрскост и своеглавост и дека започнал да им пркоси на главните чинители во НАТО, Американците. Но тука воопшто не се работи за конфликт меѓу нив и Рама.

Изјавата на Рама е извадена од контекст со тенденциозно монтирање на снимката, т.е. со отсекување на зборовите кои ѝ претходеле на изјавата. На сајтот на Стејт департментот на САД има транскрипт од прес-конференцијата, од кој се гледа дека Рама раскажувал за политиката на Албанија од времето на комунизмот, а не за нејзината актуелна политика.

Конкретен повод за Рама да проговори за тоа било новинарско прашање во врска со Палестина. Комунистичките земји (вклучително и Албанија) ја признале Палестина во 1988 г., кога таа се прогласила за независна држава, иако немала контрола врз територијата врз која претендирала. Во Палестина тогаш не биле актуелни Хамас и нивниот исламизам како сега, туку Палестинската ослободителна организација (позната на англиски како: PLO), која била левичарска и секуларна и која ставала повеќе акцент на националното, а не на верското. На нејзино чело бил Јасер Арафат. Рама за тоа рекол:

И да одговорам директно на вашето прашање: да, Албанија одамна ја има признаено Палестина. Да ви ја објаснам позадината на тоа, Албанија била под комунистичка диктатура, а нашиот диктатор бил еден од најблиските сојузници на Палестинската ослободителна организација, ПЛО, и на Јасер Арафат. И од друга страна, тој наш режим бил жесток противник на три главни ѓаволи: Соединетите држави, Советскиот Сојуз и Израел, или со други зборови: американскиот империјализам, советскиот социјалимперијализам и еврејскиот ционизам.

Фактички, тоа била оригиналната изјава на Рама, која подоцна била измонтирана да заличи дека е насочена против САД. За тоа сведочи и комплетната снимка од таа прес-конференција, а изјавата за која говоревме започнува на 49:50 минути.

Албанскиот комунистички диктатор споменат во изјавата е Рамиз Алија, но режимот, со кој тој раководел во 1988 г., го воспоставил неговиот претходник Енвер Хоџа. Тој ги мразел САД и нивниот сојузник Израел, а иако Хоџа бил комунист, тој се скарал со СССР, кого го обвинувал за „социјалимперијализам“. Хоџа ја мразел и Титова Југославија и речиси сите, а единствена држава со која имал добри односи била Кина, но и тоа завршило лошо. Ете тоа се некои побитни факти, дел од кои беа споменати во изјавата на Рама, а таа воопшто не е насочена против САД.

Кавги во рамките на НАТО понекогаш се случуваат, особено меѓу Грција и Турција, но тоа не е така често. Во 1966 г., Франција решила да се дистанцира од НАТО (но, не и да излезе од пактот), што траело дури до 2009 г., а во 1974 г., такво нешто сторила и Грција, која сметала дека Западот е препопустлив кон Турција за нејзината инвазија врз Кипар. Но случајов со Еди Рама воопшто не е некаква кавга на релација Албанија-НАТО.

Земајќи го предвид сето наведено, оценуваме дека во објавата недостасува контекст.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција