Есен за „Зеленото Скопје“ и мега парковите на Арсовска

Фото: колаж од официјална промотивна слика

Од петте ветени мега паркови Данела Арсовска успеа да комплетно да испорача само еден, оној во населбата Ново Село. Следните два, во општините Чаир и Аеродром, прашање е дали може да сметаат како комплетирани бидејќи им недостасуваат многу од ветените реквизити и се направени на веќе постоечка зелена површина. Изградбата на претпоследниот парк, во Кисела Вода, започна зимоска но сега се преобрази во обрасната џунгла. А, за последниот парк, најавуван во Гази Баба, но префрлен во Карпош, нема ни трага ни глас

 

Од петте ветени мега паркови Данела Арсовска успеа да комплетно да испорача само еден, оној во населбата Ново Село. Следните два, во општините Чаир и Аеродром, прашање е дали може да сметаат како комплетирани, бидејќи им недостасуваат многу од ветените реквизити и се направени на веќе постоечка зелена површина. Изградбата на претпоследниот парк, во Кисела Вода, започна зимоска но сега се преобрази во обрасната џунгла. А, за последниот парк, најавуван во Гази Баба, но префрлен во Карпош, нема ни трага ни глас

Ветување: 5 НОВИ МЕГА ПАРКОВИ ВО СКОПЈЕ — На Скопје му се потребни нови зелени површини – бели дробови кои ќе се справуваат со урбаното загадување. На 5 локации во градот кои веќе се определени, во Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, предвидуваме создавање паркови по примерот на Градскиот парк. Парковите ќе бидат лесно достапни, со дрвја и растенија, урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки.

[Извор: Програма на Данела Арсовска „За модерно Скопје стр. 8 03.10.2021; објава на Фејсбук  – датум: 03.10.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во низа на проекти наречени „Зелено Скопје“ вети дека ќе изгради пет нови т.н. „мега паркови“. До објавување на текстот, ова изборно ветување на Арсовска сè уште не е исполнето.

Според ветеното, зелените површини распространети низ целиот град — во општините Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров — треба да бидат во ликот на Градскиот парк. А, затоа што градскиот парк се протега на 486 илјади квадратни метри површина, нужно се поставуваат прашањата каде ќе се најде толкав простор во петте општини? Ако не се најде соодветниот простор, колкава површината треба да зафаќаат за истите да може да се наречат „мега паркови“?

 

Даме Груев – првиот мега парк од „Зелено Скопје“

Само за паркот во општината Ѓорче Петров, oдносно во населбата Ново Село, има официјални информации дека е реализирана изградбата. 

Фото: мега паркот „Даме Груев“, промотивни слики од официјалниот профил на градоначалничката

Но, од експертите за пошумување прашуваат колку е ефективно овој начин на создавање паркови:

Паркови може ќе никнуваат, но не се внимава што се сади, не се одржува насаденото, се соочуваме со зелен простор кој не е зелен. […] Но, прашањето е, пак ќе кажам, колку од насадените дрвја успешно опстануваат и се развиваат понатаму, истакнува Викторија Брденвска Стипановиќ асистентка на факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ за Само Прашај.

Покрај фактичките проблеми со изборот на садници и одржување на зелената средина, колегите од Призма известија дека има проблем и со пристапот до самиот парк. Зборувајќи за паркингот, од Призма наведуваат:

Просторот за паркирање таму е корисен, со оглед дека паркот се наоѓа среде ниви, со само пет-шест куќи и два-три индустриски објекти во близина, и е на половина километар оддалечен од најблиското населено место, Ново Село.

 

Мини-парковите во Чаир и Ново Лисиче

Парковите во општините Чаир и Ново Лисиче прашање е дали воопшто може да се наречат „нови“ или „мега“ паркови. За почеток, за оној во Чаир од Град Скопје уште на 20 март претходната година најавија дека започнува изградбата. Паркот треба да се простира помеѓу улиците Македонско-косовска бригада, Втора Македонска бригада и Џон Кенеди. Иако таму веќе постоело маало зеленило, ветени беа:

500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и тревник […] 2 нови спортски игралишта, нови 2 детски игралишта, 2 паркови површини за миленици, еден фитнес дел, 26 нови летниковци, нови урбана опрема, пешачки патеки и фонтани.

Фото: Мега таблата на мини паркот. Лична архива

Кога излеговме на терен, можевме да увидиме дека состојбата со мега паркот во Чаир е далеку од предложениот проект или од изгледот на Градскиот парк. Има само два летниковци од планирате 26, ни близу до 500 нови дрва не се насадени, а фали и уште едно игралиште и еден простор за деца. 

Старо-новиот парк во Ново Лисиче, пак, се наоѓа меѓу „Рајскиот парк“ направен од поранешниот градоначалник Коце Трајановски и паркот „Авионче“. Она што Арсовска успеа да изгради е да ја позелени површината од околу 800 меѓу булеварот АСНОМ и седиштето на ФФМ. Дополнително, покрај садниците може да се најдат и неколку летниковци но нема ништо повеќе од тоа. 

Фото: мега паркот во Ново Лисиче. Лична архива

Проблемот, според Призма, е тоа што според „урбанистичката документација покажува дека дел од ова зеленило и некои елементи се наоѓаат на трасата каде што треба да се направи вториот крак од булеварот АСНОМ.“ Во случај да се продолжи проширувањето на булеварот во иднина, тоа ќе значи дека дел изградениот парк ќе биде уништен.

Без разлика, и едниот и другиот парк не само што ни блиску не се до големината на Градскиот парк, туку и отсуствуваат ветените реквизити и направени се на веќе постоечко зеленило. 

 

Еден заборавен и другиот изгубен парк

Последниот парк за којшто имаме информации е оној во Кисела Вода на ново пуштената улица Есенинова, којашто ги спојува Пролет и Кисела Вода. Лани на 12 декември наводно започна е изградбата на паркот, но очигледно дека реализацијата е запрена. Онаму каде што започнале со работа багерите и камионите, сега има високи треви и џбунови. Кога прашавме неколку луѓе од соседството за каде воопшто се наоѓа паркот, тие прво не знае за каков парк станува збор, ниту, пак, дека каде ќе се прави нешто такво. Нема ни траги од било каква опрема за градење, ниту пак било какви летниковци, игралишта или реквизити за вежбање.

Петтиот парк, пак, е права мистерија. Прво, иницијалното беше ветено дека ќе има нов парк во општина Гази Баба. Се јавивме во Општината за информации и оттаму ни кажаа дека не се запознаени со овој проект и доколку паркот е планиран од град Скопје, тие не биле известени за било какви детали поврзани со истиот. До објавувањето на текстот, од Град Скопје немаме никаков одговор локацијата на овој во Гази Баба. 

Од официјалниот профил на Арсовска — но, во објавата за отпочнувањето на градежните работи на паркот во Кисела Вода — како и од изјавата советникот на СДСМ во град Скопје Гордан Шутаров (3:08), очигледно е дека планот се променил. Новиот парк ќе се градел во општина Карпош, меѓу булеварот Илинденска и реката Вардар. Овој парк планирано е да биде најголем од сите пет, со површина од  86 илјади метри квадратни. Ситуацијата на терен не е поразлична. Грмушки, високи треви, шут. Без било какви индиции дека е отпочната некаква работа.

Според горенаведените аргументи за фактичката состојба на „мега“ парковите на градоначалничката Арсовска, може да се заклучи дека ова ветување е неисполнето. Од она што е сработено, само паркот во Ново Село може да се смета за комплетиран, но и тој има свои проблеми. Од останатите четири, или воошто не се започнати градежните работи или далеку се од она што го вети Арсовска. Заради тоа што ќе започне последната година од мандатот градоначалничката, реализацијата на едно од клучните ветувања се става под знак прашалник.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција