Кинеското влијание во С. Македонија се зголемува, се користат разни пропагандистички механизми

Конференција „Кинеското влијание во Северна Македонија“. Фото: Фисник Џелили/ Порталб.мк

И покрај тоа што Кина е далеку од Северна Македонија, таа е присутна во земјава, нејзиното влијание го има, можеби дури и тивко преку разни економски, дипломатски, културни, медиумски механизми и разни пропаганди. Ова го истакнаа експертите во Тетово на конференцијата „Влијанието на НР Кина во Северна Македонија“, пишува Порталб.мк.

 

Пранвера Касами, директорка на Институтот за лидерство и јавни политики, фокусирајќи се на наодите од истражувањето на јавното мислење во Полошкиот регион за кинеското влијание во РСМ, рече дека е изненадувачки што граѓаните се опуштени кога се зборува за Кина.

„Изненадувачки е што колку и да очекувавме и мислевме дека ориентацијата на Полошкиот регион е речиси сто проценти за западните вредности, ова истражување не го оспорува ова, но гледаме дека  широката јавност е многу опуштена, со еден релаксиран однос и кон другите сили, како што се источните, а особено кон Кина… Ова можеби се должи на економското влијание на Кина и потребата на граѓаните од нашиот регион да видат побрз економски развој“, рече Касами.

Доника Камбери, директорка на Центарот за мир на Универзитетот во Тетово ги презентираше наодите од истражувањето спроведено за кинеското влијание во Полошкиот регион, и истакна дека иако Кина изгледа дека географски е далеку, таа е доста присутна и во Полошкиот регион. Истражувањето покажа дека Кина е важен фактор во Балканот преку инвестициите во економијата.

„Билатералните и мултилатералните односи на Кина со малите земји од Западен Балкан како Северна Македонија главно се водат од интереси и трансакции“, рече Камбери.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, зборувајќи за медиумите и пропагандата со фокус на случајот со Кина во Северна Македонија, истакна дека Кина во регионот е релативно нов актер, не е дека традиционално била присутна како во случајот со Русија, освен во Албанија во 50-тите години. Сепак, тој истакна дека тоа постепено се менува.

„Целта на кинеската пропаганда е различна од руската и турската пропаганда, таа главно се обидува да ги зајакне наративите во регионот за да создаде позитивен впечаток за Кина, за да не се занимаваат со прашања како Тајван или различните малцинства во Кина и други, туку да се занимаваме со културата, со економијата, па на тој начин Кина се обидува да влијае на регионот“, рече Јашари. Меѓу другото, тој истакна дека кинеското влијание и кинеската пропаганда го направија кинескиот систем малку попривлечен за граѓаните на Северна Македонија.

Бардил Јашари на конференцијата „Влијанието на Кина во Северна Македонија“. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Тој рече дека Кина користи меки форми на моќ на влијание (soft power) како што се: стимулација, поддршка, медиумска манипулација, честа употреба на непрофесионални, секундарни и социјални медиуми, координирани и стратешки пораки, дезинформации и употреба на неавтентични сметки низ социјалните мрежи.

„Кина е присутна во медиумите, но не многу во медиумите на албански јазик, туку во медиумите на македонски јазик. Тој рече дека има десетици позитивни написи во печатените медиуми, колумни и интервјуа на кинескиот амбасадор во РСМ“, рече Јашари.

Главната цел на сите овие активности, како што рече Јашари, е да се создаде позитивна слика за Кина. Тој нагласи дека главниот наратив е дека Кина е поволен партнер за Северна Македонија и дека кинескиот систем е подобар.

Ана Кристиновска, претседател на ЕСТИМА истакна дека ретки се ваквите активности каде што дебатата се протега надвор од Скопје.

„Луѓето не се доволно информирани, немаат веродостојни и доволно информации за да можат да имаат ставови за Кина“, рече Кристиновска.

Зборувајќи за економското влијание и врските на РСМ со Кина на полето на инфраструктурата, трговијата, кредитите или инвестициите, таа рече дека дополнително Кина се обидува да ги промовира и своите стратешки цели.

Конференцијата се одржа во рамките на проектот „Западните вредности наспроти присуството на Народна Република Кина во Северна Македонија“ поддржан од Амбасадата на САД во РСМ, а имплементиран од Институтот за лидерство и јавни политики.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција