Кирк Даглас не делел помош во Егејска Македонија во Грчката граѓанска војна

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Повеќе објави на Фејсбук споделуваат фотографија, на која познатиот холивудски актер Кирк Даглас им дели хуманитарна помош на деца во некое село, што го опишуваат како фотографирано во Егејска Македонија во текот на Граѓанската војна во Грција (1946 – 1949). Но, всушност, тоа е фотографирано во 1964 г. и тоа на полуостровот Пелопонез, кој нема поврзаност со Егејска Македонија, освен што се наоѓа во границите на Грција

Повеќе објави на Фејсбук споделуваат фотографија, на која познатиот холивудски актер Кирк Даглас им дели хуманитарна помош на деца во некое село, што го опишуваат како фотографирано во Егејска Македонија во текот на Граѓанската војна во Грција (1946 – 1949). Но, всушност, тоа е фотографирано во 1964 г. и тоа на полуостровот Пелопонез, кој нема поврзаност со Егејска Македонија, освен што се наоѓа во границите на Грција

 

 

Две скоро идентични објави на социјалната мрежа Фејсбук (линкови до нив: тука и тука) прикажуваат фотографија од актерот Кирк Даглас како им дели хуманитарна помош на деца во некое село, што е проследено со следниов опис:

1947ма во Македонија доаѓа

Глумецот Кирк Даглас за да делење кутии со училишнен прибор во рамките на американскиот план за помош и Црвениот Крст на САД. Веднаш по неговото заминување америте продолжуват да ги помагаат Монархофашистите и со напалм бомби да удираат по Партизаните.

Така кај нас се опишува Граѓанската војна во Грција и јасно е дека тука се мисли на Егејска Македонија, иако таа не е директно спомената. Тоа е сторено во некои постари објави со истата фотографија (тука и тука), како и во медиумите: Вечер (тука, тука и тука), Курир, Слободен печат и Окно, но настанот не се случил во Егејска Македонија во 1947 г.

Даглас делел помош во Грција, но во 1964 г. и тоа на полуостровот Пелопонез, кој со Егејска Македонија нема поврзаност, а за настанот сведочат новинските написи од тоа време, потсетувањата на него во современите грчки медиуми и биографијата на актерот.

Според неа, во 1963 г. САД го назначиле за амбасадор на добра волја, а во следната година, тој формирал хуманитарна фондација, со што обично се бават славни и богати луѓе, што во 1947 г. тој сè уште не бил. Тој тогаш бил на почетокот на кариерата и имал снимено само еден филм, а тој тогаш и не изгледал како на фотографијата од Грција.

Најактивен на дипломатски и хуманитарен план тој бил во 1964 г., кога ја посетил Индија, Филипините, поделениот Берлин и Југославија, кајшто се сретнал со Јосип Броз-Тито, а потоа бил и во Грција и Турција. Даглас бил во Грција од 8 до 11 ноември, а како што јавиле медиумите, тој го посетил с. Бузи (од 1976 г., Килини) во префектурата Коринтија на Пелопонез. Таму делел пакети со школски оброци, а повеќе фотографии од тоа објави хроничарот на тој крај, Алекос Косколетос. По смртта на Даглас на 5.2.2020 г., грчките медиуми ѝ се навратија на таа посета: тука, тука и тука, но ни тие не се имуни на грешки.

Неговата фотографија од Грција кај нас се толкува или позитивно (во смисла: „Даглас им помагал на нашите Егејци“) или негативно („Американците прво им делеле помош, а потоа ги бомбардирале со напалм“), па да одговориме и на едното и на другото.

Даглас не делел помош во Егејска Македонија и не во текот на Граѓанската војна, а дури и тоа да го правел, тоа сигурно ќе било на територија контролирана од грчките владини сили, кои ќе му го опишеле месното население како грчко, па не можело да стане збор за негово помагање на Егејска Македонија, барем не онака како што тоа кај нас се сфаќа.

Во Коринтија, пак, има многу погрчени Арванити (Албанци), па зарем Албанците сега треба да мавтаат со таа фотографија, тврдејќи дека Даглас им помагал ним? Се разбира дека не. Тој ѝ помагал на Грција, а во изјавите кои притоа ги дал, тој ја фалел нејзината античка култура и не се бавел со македонското или слични прашања. Сепак, тој разговарал со студентите во Атина, кои биле доста бунтовни и кои му дале една поинаква слика за Грција, но немаме индиции дека тој бил запознат со нашите проблеми со неа.

Што се однесува до напалмот и угнетувањето на нашето малцинство во Грција, тоа е факт за кој имаат сведочено и меѓународни организации како Карнеги, Хјуман рајтс воч и Амнести интернешенел, но, тука има и некои недоразбирања. Точно е дека САД ја помагале Грција во Граѓанската војна, но не заради некаква омраза кон етничките Македонци, туку заради запирање на комунизмот. Тоа била војна меѓу грчки комунисти и грчки антикомунисти, и тоа не само во Егејска Македонија, туку и пошироко низ Грција.

Тоа што етничките Македонци им се придружиле на комунистите за да ги извојуваат своите права, ги направило негативци во очите на Западот, како тие да биле „петта колона“ на Сталин, башка што тие биле гледани и како сепаратисти и иредентисти. Грција успеала да ги убеди САД дека таа била жртва на „славо-комунистичка завера“ на Скопје, Белград, Софија и Москва, а иако СССР не им помогнал на грчките комунисти, стравот од тоа тој да добие излез на Егејот ги натерале САД да постапат онака како што постапиле.

Комунизмот е тоталитарна идеологија, која подразбира сталинистички чистки, насилна колективизација и сл., па САД не сакале тој да победи во последните капиталистички и барем номинално демократски земји на Балканот. Ова подразбирало и помош од САД за Турција, која има лоши односи со Грците, па таа помош тие ја доживуваат подеднакво негативно, како што кај нас се доживува помошта на САД за Грција (примери: тука и тука).

Тоа се долги и сложени теми, но како и да е, Кирк Даглас нема многу врска со тоа, а објавите кои тука ги рецензиравме сметаме дека имаат недостиг на контекст.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција