Книга која во Германија не се користи во образовниот процес, злоупотребена за анти-ЕУ пропаганда

Фото: Принтскрин ФБ пост

Сликовницата е наменета за родители кои сакаат да ја дискутираат темата за сексуално образование со нивните деца, но не е дел од задолжителното образование во Германија како учебник. Наспроти тврдењето во објавата, во ниеден случај во книгата не се промовира педофилија, којашто во цела ЕУ е кривично дело и секоја држава со сопствени закони ја регулира својата казнена политика. Сексуалното образование од друга страна, не е поврзано со промоција на педофилијата

Сликовницата е наменета за родители кои сакаат да ја дискутираат темата за сексуално образование со нивните деца, но не е дел од задолжителното образование во Германија како учебник. Наспроти тврдењето во објавата, во ниеден случај во книгата не се промовира педофилија, којашто во цела ЕУ е кривично дело и секоја држава со сопствени закони ја регулира својата казнена политика. Сексуалното образование од друга страна, не е поврзано со промоција на педофилијата

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од наслов каде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјавува дека нема алтернатива за членството во ЕУ, заедно со уште една фотографија на која се тврди дека е претставена „едукација на децата во Германија“. Во објавата пишува:

Како сте ВЕРНИ ЧЕДА НА хидромицко ЛАЈНАР.
Нема Педофилска ЕУ без вакви вредности за вашите најмили дечиња а тоа ќе ви го овозможи сатанската коалиција #сдсШиптаРска и #ДпСнеУдбашка на вас гласачите нивни.

Фотографијата на која се наоѓаат повеќе двојки кои имаат интимни односи не е учебник за децата во Германија од задолжителна образовна програма, пишуваат проверувачите на факти на Франс Прес. Книгата не е дел од образованието во Германија. Книгата е сликовница за деца над 5 години која содржи текстови соодветни за деца и совети за родители и професионалци, вели за Франс прес Марике Крес, директор на издавачката куќа „Мајкл Фишер едишнс“, која ја објавила книгата. Автор на книгата е терапевтот Карстен Мулер со илустрации на Клер Волкер, а книгата е објавена во март 2021 година.

Целта на илустраторката, според изјавата што ја дала, е да „ги покаже различностите во општеството и да ја крене свесноста за тоа дека треба сите да се третираат со толеранција и почит, независно од родот, бојата на кожата или традиционалните улоги“.

Иако книгата е наменета за родители кои сакаат да ја дискутираат темата за сексуално образование со нивните деца, сепак, оваа книга не е дел од задолжителното образование во Германија како учебник, потврдиле за проверувачите на факти на Франс прес.

Во Германија федералниот центар за здравствено образование е задолжен од страна на државата да создаде национални мерки за сексуално образование и планирање на семејството. Програми, закони и директиви постојат на федерално ниво.

Во ниеден случај во книгата не се промовира педофилија, како што тоа се тврди во објавата што ја рецензираме. Педофилијата во цела ЕУ е кривично дело и секоја држава со сопствени закони ја регулира својата казнена политика за ова кривично дело. Сексуалното образование од друга страна, не е поврзано со промоција на педофилијата, иако тоа е чест пропаганден наратив со кој се прави обид да се претстави ЕУ како премногу либерална, толерантна и уништувач на традиционалните вредности и семејството, што секако не е така. Станува збор за политики на почитување на различностите и обезбедување на безбеден живот и кохезија на различни луѓе, промоција на толеранција и почит.

Сексуалното образование во земјите од ЕУ, во случајов во Германија, во објавата се злоупотребува за пропаганда, во смисла на тоа дека се тврди дека на некој начин влезот во ЕУ е поврзан со промоција на  „вакви вредности“.

Сексуално образование има во Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија. Во Албанија ССО е воведено уште од 2012 година во основните и средните училишта. Во Босна и Херцеговина ССО програмата во некои кантони повеќе години се реализира како изборна. Во сите овие држави педофилијата е кривично дело, а сексуалното образование не е промоција на педофилијата.

Не постои ниту приближна иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело. Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата и против детска порнографија, е само еден документ кој ја претставува непоколебливата борба на ЕУ против криминалот со педофилијата.

Сексуалното образование се спроведува во Северна Македонија во моментов, иако земјата не е членка на ЕУ.

Во сеопфатното сексуално образование само една од седумте компоненти кои се изучуваат го вклучува сексуалното и репродуктивното здравје. Сексуалното образование подразбира и учење за семејното насилство, учење за тоа како да се препознае насилството, како да го запознаеме нашето тело, учење за сексуално преносливите болести и друго. Сексуалното образование ги учи тинејџерите да бидат одговорни и поотворени во однос на сопствените сексуални потреби и интереси, како и на каков безбеден и адекватен начин да ги изразат и реализираат. Воедно, пред сé, ги учи младите на поголема одговорност за сопственото сексуално здравје, ги запознава со можностите да имаат адекватен и позитивен однос со себе и со другите.

Еден од митовите за сексуалното образование е дека со неговото воведување се „нормализира и се поттикнува тинејџерскиот секс“, но тоа експертите го демантираат со образложение дека кога за нешто се зборува и не е табуизирано, младите многу помалку го прават.

Во објавата што ја рецензираме се изнесува невистина дека со влезот на С. Македонија во ЕУ на децата ќе им бидат промовирани „вакви вредности“ и тоа преку илустрација со повеќе двојки кои имаат интимен однос. Mеѓутоа, книгата не е никаква официјална книга во Германија од која децата по програма учат, ниту пак, во С. Македонија сексуалното образование промовира педофилија. Објавата цели да создаде евроскептицизам базиран врз предрасуда околу ЛГБТ заедницата. Ова кореспондира со начинот на кој про-Кремљ пропагандата сака да се претстави како заштитничка на традиционалните вредности наспроти ЕУ која ги овозможува правата и слободите на сите граѓани независно од нивната сексуална определба.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција