Косово онлајн и српската влада: Сојуз на дезинформации

Дезинформациите кои доаѓаат од владата на Србија за Косово станаа редовни и речиси истите наративи се рециклираат. Од јануари годинава се врати наративот за протерување на српските граѓани од Косово. На почетокот на февруари стапи на сила правилникот на Централната банка на Косово, со кој еврото е единствената валута со која може да се вршат готовински трансакции. Ова направи цела машинерија, почнувајќи од шефот на српската влада, Александар Вучиќ, да го потхрани наративот дека целта на косовската влада е да ги влоши условите на српските граѓани во земјата и на крајот да ги протера.

 

 

Овој наратив континуирано беше поддржан од Канцеларијата за Косово и Метохија во српската влада, на чело со Петар Петковиќ. Со месеци наназад, оваа Канцеларија објавува соопштенија во кои инцидентите што се случуваат во општините со српско мнозинство ги опишува како етнички мотивирани.

Овие соопштенија се демантираа континуирано од проверувачи на факти во Косово, и од полицијата на земјата. Но, иако овие канали за дезинформација беа многупати обработени од новинари и проверувачи на факти во Косово и во регионот, друг извор на дезинформации е помалку обработен, иако тој е како „јавна тајна“ меѓу новинарите и јавните личности во Косово. „Косово онлајн“ е медиум кој ги покрива случувањата во Косово, Србија и особено општините со српско мнозинство во Косово. Содржината на „Косово онлајн“ се објавува на речиси три јазици, главно на српски, но некои написи се преведуваат и на албански, а некои на англиски.

Иако се повикува на професионално новинарство, овој медиум, од неговата сопственост, уредничкиот состав па се до содржината на написите, интервјуата и карикатурите, шири дезинформации за Косово, ги поддржува дезинформациските наративи на српската влада и отворено ги покажува своите блиски врски со српската влада.

Сопственоста на „Косово онлајн“

Според Мониторот за сопственоста на медиумите (МОМ) за Косово 2023 година, „Косово онлајн“ е еден од петте медиуми кои што излегоа на пазарот во последните пет години. Во Косовската Агенција за регистрација на бизнисите, бизнисот кој се појавува под „Косово онлајн“, „ВИМ ИНФО“ Д.О.О. е регистрирана на 26.07.2019 година во Звечан.

Бизнисот е во сопственост на Душан Милановиќ, основач и директор. Бизнис со исто име, според МОМ, е регистриран и во Србија. Во деловните регистри во Србија, овој бизнис е во сопственост на „АВАЛА МЕДИА ГРУП ДОО БЕОГРАД“, чиј сопственик е Иван Јакшиќ. Јакшиќ е исто така директор и главен уредник на порталот Косово-Онлајн.

Во периодот од 2014 до 2022 година Јакшиќ работел како советник за комуникација со јавноста (ПР) на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија. Јакшиќ од 2020 до 2022 година беше и специјален советник на министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.

Во меѓувреме, координатор на „Косово онлајн“ за четирите српски општини во Косово е Ивица Симиќ, братот на Игор Симиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа.

Според веб-страницата на „Косово онлајн“, нивната редакција се состои од персонал од 17 лица, од кои дел се распоредени во Тирана, Белград, Скопје, Штрпце и Грачаница. Според веб-страницата, тие во моментов имаат дописници во Грачаница, Штрпце и Белград, дописници во Скопје, Тирана, Виена и Брисел, како и хонорарни соработници низ Косово и регионот.

Иако е регистриран во Косово и работи на албански јазик, „Косово онлајн“ не е членка на Советот на пишани медиуми на Косово (СПМК).

Според претседателот на СПМК, Имер Мушколај, транспарентноста што ја покажува овој медиум – објавувањето на импресумот – покажува дека луѓето што стојат зад овој медиум имаат јасна намера. Според Мушколај, транспарентноста површно ја зголемува довербата на потенцијалните читатели, бидејќи читателите немаат причина да се сомневаат бидејќи не е сомнителна веб-страница или врска.

„Едноставно, тие велат: „Еве кои сме ние, ние сме овие луѓе, верувајте во нас“, но кога ќе влезете и ќе ја погледнете позадината на луѓето што работат таму и начинот на работа, тогаш на површина излегува нешто друго“, вели тој.

Мушколај додава дека локалните српски медиуми во Косово го сметаат „Косово онлајн“ за „државен медиум на Србија“ и се загрижени за моќта што ја има и што може да ја добие во иднина кај локалната српска заедница.

Контроверзните содржини на „Косово онлајн“

Одлуката на „Косово онлајн“ да објавува содржини и на албански и на англиски јазик говори за намерата на луѓето што стојат зад него, вели Мушколај.

„Самата идеја дека тие ги преведуваат содржините на албански јазик имплицира дека целта им била да и се приближат на албанската јавност, бидејќи за српската јавност во Косово има други медиуми, кои нема потреба да го читаат „Косово онлајн“, туку го гледаат на РТС, ПИНК или медиумите кои се во Белград и продолжуваат да имаат влијание“, вели тој. „Преку албанскиот јазик се обидуваат да придобијат поголем терен за да влијаат и на албанските граѓани.

Мушколај им напоменува на медиумите во Косово, да не ги преобјавуваат написите на „Косово онлајн“ без да се анализира и проверува нивната содржина бидејќи, според него, тие се многу проблематични.

„Тие изгледаат сосема во ред [на прв поглед], но кога ќе навлезете малку подлабоко, ја гледате, па дури и ја откривате, целта на тој напис и каква цел сака да постигне“, вели тој.

Уредничките ставови на „Косово онлајн“ се најдиректно прикажани во некои категории на веб-страницата. На пример, во категоријата „Анализи“ и „Контекст“, наведениот медиум се занимава со различни прашања за Косово и Србија, но не само за нив. Има и анализи на регионални настани.

Преку анализата на неколку написи од оваа категорија може да се види пристрасноста и усогласеноста на уредувачката политика со наративите на српската влада. Дополнително, речиси сите аналитички написи имаат за цел да обезбедат „лажен“ баланс, бидејќи покрај српски аналитичари и експерти, интервјуирани се и албански експерти од Косово. Сепак, спротивставувањето на двете страни во написот изгледа наметнато.

На пример, во еден напис од 13 февруари 2024 година, каде што се анализира тригодишнината од владата предводена од Албин Курти, „Косово онлајн“ пишува дека за овие три години животот на српската заедница во Косово станал потежок од кога било досега. Написот се повикува на податоците на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, според кои од 2021 година имало 500 етнички мотивирани инциденти против косовските Срби.

Publikim nga Kosovo Online

Бројки за насилството кон косовските Срби се демантирани и од самиот премиер на Косово, Албин Курти. Курти рече дека тоа е пропаганда од владата на Србија.

Во написот е интервјуиран Предраг Рајиќ, кој во написот се именува само како лице „од Центарот за социјална стабилност“, не спомнувајќи го односот што Рајиќ го има со српската влада. Рајиќ беше пратеник во српскиот парламент како дел од Прогресивната партија на Србија на српскиот претседател Александар Вучиќ, во периодот 2020 – 2022 година, исто така беше специјален советник на поранешниот министер за внатрешни работи, Милош Вучевиќ, а од јуни 2024 година е назначен за советник за внатрешна политика на Вучевиќ откако тој ја презеде функцијата премиер на Србија.

Рајиќ, во написот, повторува дека овие три години биле одбележани со „свирепоста и нагонот на Курти кои се граничат со некои патолошки пориви да ги протера сите Срби од Косово и Метохија, да предизвика војна меѓу Србите и Албанците на Косово и Метохија, и како резултат на тоа да се предизвика војна меѓу Србите и Албанците воопшто на Балканот и конечно војна меѓу Србите и НАТО“.

Според него, Курти покажал отпор на некои критики од Западот поради неговите постапки и „апсолутно е јасно дека имаме работа со фанатик кој се обидува да го претстави она што си го дал себеси како месијанска улога бидејќи сака да ги обедини тие што тој ги смета за албански земји, да влезе во историјата како некој што ја создал „голема Албанија“ и да биде првиот водач на сите Албанци и главниот град на таа голема Албанија да биде Приштина, а не Тирана“.

Ставовите на Рајиќ, кој постојано служи како познавач на прашањата на „Косово онлајн“, се ставови кои постојано ги повторува владата на Србија.

Во меѓувреме, заедно со еден поранешен заменик и владин советник во Србија, за да го избалансира написот, „Косово онлајн“ го интервјуира и претседателот на Косовската бизнис алијанса, Агим Шахини, кој нема никаква стручност, на пример, за прашањето за дијалогот меѓу Косово и Србија.

Покрај половичното презентирање на фактите за последните настани на Косово, овој медиум континуирано го пренесува наративот против Западот и интервенцијата на НАТО на Косово во 1999 година, исто како и владата на Србија, која го нарекува „агресија врз поранешна Југославија“.

Publikim nga Kosovo Online

На 26 мај, во еден аналитички напис по повод одбележувањето на 25-годишнината од битката кај Паштрик, која започна на 26 мај 1999 година за време на бомбардирањето на НАТО, се вели дека оваа битка беше втор обид по Кошаре за копнено освојување на поранешна Југославија. Таму, интервјуираните, поранешни генерали на ЈНА кои командуваа со војската против албанското население на Косово, ја нарекуваат ОВК како „терористичка“ и го користат зборот „шиптари“ без да бидат поправени од уредниците на „Косово онлајн“.

Јазикот што го користат интервјуираните, кои често се дел од владата на Србија или луѓе кои се интервјуирани во својство на експерти, но имаат фундаментално еднострани просрпски ставови, е исполнет со јазик на омраза и расизам кон косовските Албанци.

Редакцијата на „Косово онлајн“, освен што го дозволува овој јазик во неговите содржини, обезбедува платформа и за промовирање оценки кои не се засноваат на факти, како на пример кога постапките на Курти против косовските Срби се нарекуваат геноцид без да се понуди некој факт за тоа. Но, од друга страна, истата го негира геноцидот во Сребреница, кој како таков е прогласен од Меѓународниот суд на правдата, промовирајќи гласови, вклучувајќи го и тој на заменик директорот на „Косово онлајн“, Милош Гариќ, кои се против усвојувањето на резолуцијата на ОН за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Така, уредничкиот став не е забележлив само во изборот на интервјуираните и аргументите што се пренесуваат, туку се појавува и во написите напишани од самите вработени.

На пример, во еден напис од 12 јуни 2024 година, Милош Гариќ, заменик директор на „Косово онлајн“ и уредник на рубриката „Контекст“, го „контекстуализираше“ говорот на премиерот Курти за време на посетата на Турција, каде што се сретна со албанската дијаспора. Курти, меѓу другото, имаше кажано дека покрај зајакнувањето на одбраната на Косово, во училиштата ќе се воведе и предметот Едукација за безбедност.

„Но, исто така правиме и сеопфатна заштита односно тотална заштита, така што ако нашата татковинае загрозена, тогаш секој граѓанин ќе има своја улога и функција во одбраната и безбедноста на земјата. Значи, сеопфатната заштита од една страна и едукацијата за безбедносната во училиштата од друга страна се многу важни за нашата земја и нашата Влада веќе почна со нивно составување и спроведување“ имаше изјавено Курти.

Написот на Гариќ, кој наликува на „полу аналитичка анализа„, каде што нуди и свои мислења и интервјуира неколку други луѓе, во еден параграф ја нарекува Ослободителната војска на Косово (ОВК) „терористи и локални банди“, ја нарекува интервенцијата на НАТО агресија врз Србија итн.

Додека се обидува да контекстуализира зошто воведувањето на предметот за Едукација за безбедноста би било штетно, Гариќ тврди дека децата во Косово растат во средина на антисрпска пропаганда што произлегува од медиумите, владините институции и училишните програми. Покрај тоа, тој се обидува да го врами Косово како земја на религиозни екстремисти.

Еден од интервјуираните вели дека Косово „веќе е милитаризирано општество“ и дека според некои проценки „во домовите на Косово има половина милион долги оружја“. Додека друг соговорник вели дека со воведувањето на овој предмет, Курти сака да ги подготви идните генерации за концептот на „вооружен народ“. Ниту едно од овие тврдења на интервјуираните не се проверени од авторот, ниту пак се дадени факти кои би ги подржале овие аргументи.

Слично на „Косово онлајн“, исто и Информер.рс имаше известено за истата изјава на Курти, давајќи му простор на насловната страница од 12 јуни, со наслов „Курти ги подготвува децата во училиштата за нова војна со Србите на Косово“.

Publikim nga Informer-i

„Косово онлајн“ е вклучени и во негирањето на злосторствата на Србија кои се документирани, а чие негирање е критикувано и од Европска Унија. Слично, како што владата на Србија и провладините српски медиуми го негираат масакрот во Речак на 16 јануари 1999 година, на почетокот на оваа година кога се одбележа 25-годишнината од овој настан, „Косово онлајн“ интервјуираше главно лица кои имаат ставови дека масакрот во Речак е „измислица“ што беше искористена од Западот за да се поттикне интервенцијата на НАТО.

Во февруари 2023 година, Регионалната мрежа за различности во медиумите „РДН,“ го избра „Косово онлајн“ како „трол на месецот“ поради негирањето на масакрот во Речак.

„За време на одбележувањето на масакрот во Рачак во 2023 година, како и досега, учествуваше и Вилијам Вокер. Интернет порталот „Косово онлајн“ ја искористи приликата да го пренесе ставот на нивниот главен уредник, кој отворено го негираше масакрот во Рачак. Во написот, уредникот Милош Гариќ напиша дека ова е „фалсификување на историјата“, тврдејќи дека српските сили се бореле против припадниците на Ослободителната војска на Косово, кои имале намера да го „преземат“ Косово од Србија“, се вели во образложението на РДН, кој секој месец го избира тролот на месецот.

Балканскиот трол на месецот е поединец, група на поединци или медиум кој шири омраза врз основа на пол, етничка припадност, религија или други категории на различност. Балканскиот трол се избира врз основа на инциденти на говор на омраза идентификувани во регионот на Западен Балкан.

„Западната пропаганда“, како што ја нарекуваат „Косово онлајн“ и избраните луѓе кои се интервјуирани од овој медиум, се обработува и во други написи, каде што се зборува и за пропагандата како алатка за интервенција на НАТО на Косово. Дел од оваа пропаганда, според овие написи, било и фабрикувањето на злосторствата извршени од страна на Србија за да се оправда интервенцијата на НАТО, вклучително и масакрот во Речак и вмешаноста на Аркан во убиствата на Албанците. Тие инсистираат на тоа дека за време на војната, Западот ги имаше сите медиуми на своја страна, а Србија немаше капацитет да се соочи со таа пропагандна машиинерија.

Карикатури за дезинформации

Уредничките ставови на „Косово онлајн“ се јасно видливи во категоријата Карикатура, кои редовно се објавуваат. Во карикатурата од 19 април оваа година, кога на Косово сè уште се разговараше за потенцијалното членство на земјата во Советот на Европа, се прикажани двајца Албанци – кои медиумот ги нацртал со бели кечиња, традиционалните капи на Албанците. Двата албански лика го држат знамето на Советот на Европа и радосно скокаат. Но, под нивните нозе се прикажани двајца легнати Срби, кои што се нацртани се традиционалните српски капи, шајкачи. Над главата на едниот Србин се исцртани ѕвезди, кои обично се користат кога некој ќе биде удрен, додека другиот Србин ја држи главата со раце.

Karikatura e Kosovo Online

Карикатурата може да се толкува како дел од српскиот наратив дека и покрај прогонот на косовските Срби, Европската Унија и воопшто меѓународната заедница го наградуваат Косово.

Влијанието на ЕУ и САД на Косово, генерално, се прикажува низ карикатурите. На пример, на 18 февруари минатата година, објавената карикатура покажува едно растение во вазна со знамето на Косово, кое го симболизира Косово, прикажано како застрашувачко месојадно растение. Ракав со американско знаме го наводнува растението, што сугерира дека САД го поддржуваат или негуваат Косово. Агресивниот изглед на растението имплицира дека оваа поддршка поттикнува нешто опасно или заканувачко. Сликата го одразува критичкото гледиште кон американското инволвирање во Косово, сугерирајќи дека американската помош придонесува за едно „по диво“ Косово.

Во друга карикатура објавена на 12 март годинава, е прикажано лице облечено во јакна со знамето на Косово и кече. Рака, која веројатно претставува надворешно влијание, нуди еден пар слушалки со знамињата на Соединетите Држави и на Европската унија на секоја страна. Оваа слика сугерира дека Косово е под влијание или раководено од САД и Европската унија. Слушалките може да симболизираат како овие надворешни сили го обликуваат она што Косово го слуша или следи, одразувајќи ја нивната важна улога во политичките или социјалните прашања на Косово.

Karikatura e Kosovo Online

На 6 март 2024 година, кога Косово секоја година ве текот на три дена се сеќава на убиството на командантот на ОВК, Адем Јашари и неговото семејство од над 50 членови, од страна на српските сили во 1998 година, „Косово онлајн“ објави карикатура која за цел го имаше Адем Јашари. На карикатурата е прикажан куп черепи и коски, кои ја симболизираат смртта и уништувањето, со плоча со ознака „Адем Јашари 1955 – 1998 година“. Адем Јашари многу Албанци во Косово го сметаат за херој поради неговата улога во борбата против српските сили, додека во српскиот наратив тој се смета за „албански терорист“. Употребата на черепи и коски во карикатурата подразбира критика кон Јашари, претставувајќи го како одговорен за смртта и насилството врз косовските Срби, тврдење кое беше искористено и како оправдување за репресијата врз Албанците во деведесеттите години на минатиот век.

(Без) институционален одговор на дезинформациите од српската влада

Мушколај оценува дека содржината на „Косово онлајн“ како медиум е исклучително опасна за безбедноста на Косово.

„Но, ако ја погледнеме содржината на српски јазик, таа е крајно проблематична. Содржината во голема мера, во многу случаи поттикнува говор на омраза кон Албанците, не само со текстови, туку и со карикатури и со мислења. Јасно се гледа дека тоа е медиум финансиран од владата на Србија, за интересите на Република Србија, кој нашол погоден терен во Косово, и мислам дека, како содржина, треба да биде следен и од безбедносните органи“, вели тој.

Дезинформациите од Србија во последните три години беа толку чести, особено оние кои служеа на наративот за „прогон“, „протерување“ и „етничко чистење“ на косовските Срби, што неколку пати и самата косовска полиција ги демантираше. Косовската полиција реагираше особено во случаите кога инцидентите во општините со српско мнозинство беа етнички обоени.

Авторите на написот и се обратија на косовската полиција со конкретни прашања за капацитетите што ги поседува одделот за комуникации да ги демантира дезинформациите што доаѓаат од владата и провладините медиуми на Србија во областа на безбедноста, дали им не нудат обуки за справување со овие дезинформации и како тие одлучуваат кога да ја демантираат една дезинформацијата, бидејќи тоа не го прават редовно. Но, одговорот на полицијата беше генерички:

„Косовската полиција (КП) во однос на јавноста и медиумите е кооперативна и има професионален пристап, при што се овозможува јасна меѓусебна комуникација, врз основа на соодветните овластувања и надлежности. Полицијата соработува и со медиумите, со цел јавноста да биде навремено, коректно и правилно информирана за настаните кои се случуваат во областа на безбедноста во државата и за полициските активности. Косовската полиција во областа на комуникацијата и односите со јавноста/медиумите има доволно капацитети како и соодветни и обучени службеници во областа на комуникацијата, вклучително и за ситуации за управување со дезинформации, при што во одредени случаи за прашања кои спаѓаат во делокругот на полициското работење на КП ги појаснува/негира дезинформациите и погрешното информирање на јавноста“.

Во април годинава, во интервју за емисијата „Кажи ја вистината“ (“Kallxo Përnime”), заменик директорот на косовската полиција за Северно Косово, Ветон Елшани, имаше изјавено дека во целото свое 24 годишно искуство никогаш не наишол на повеќе дезинформации за Северот отколку сега.

Тој рече дека косовската полиција одлучила да ја ослободи Бањска без да ја заврши целосната проверка за нападот на 24 септември 2023 година токму поради дезинформациите што се ширеа дека српските граѓани „останале внатре, немаат вода за пиење“. Според него, КП одлучила да ја отвори Бањска за сообраќај за да можат медиумите да имаат пристап и да ја видат реалноста и како живеат српските граѓани.

Слични прашања за нивниот ангажман за негирање на дезинформациите кои доаѓаат од Србија беа упатени и до владата на Косово, особено за известувањето на медиумите во 2022 година дека ќе назначат специјални службеници во министерството за да демантираат дезинформации. Портпаролот на косовската влада, Перпарим Криезиу, не даде конкретен одговор, но рече дека косовската влада ја зема во предвид актуелната геополитичка ситуација и агресивниот пристап на Србија, па затоа ги засили напорите и ги зајакна структурите кои се борат против дезинформациите.

„Во голем дел од српските медиуми и во разни онлајн мрежи и платформи во Косово кружат многу лажни вести, па затоа потребата за нивно демантирање е голема. Во итни случаи имаше и посебни работни групи во рамки на надлежните министерства кои вршеа задачи на следење и демантирање на таквите вести. Во меѓувреме, продолжуваме да имаме редовна соработка со локалните платформи за проверка на факти, како што е Kallxo.com/BIRN“.

Policia e Kosovës. Foto nga profili në Twitter i kryeministrit të Kosovës Albin Kurti

Според Криезиу, владата на Косово повеќе од една година соработува со комуникациски тимови од британската влада, со поддршка на амбасадата на Велика Британија во Косово.

„Преку оваа соработка се овозможени различни обуки, програми и практики со кои се запознаа комуникациските службеници од различни институции, не само од Владата“, рече Криезиу.

Криезиу во април имаше изјавено дека канцелариите за комуникација со јавноста сè уште немаат капацитет за борба против дезинформациите.

Во меѓувреме, неодамнешните извештаи покажуваат и колку опасни се изворите на
дезинформации како „Косово онлајн“ во поттикнувањето на меѓуетничката омраза и
поделба. Во средината на јуни беше објавен Вториот Индекс на ранливост на
дезинформации во Косово, во рамките на Конференцијата за интегритет на информациите, DISICON 7, организирана од Националниот демократски институт (НДИ) и УСАИД во Косово. Овој индекс мери пет столба – медиумско опкружување, политички пејзаж, перцепција на јавноста, меѓуетнички односи и родово-базирани дезинформации – колку тие се ранливи на дезинформации и злонамерно странско влијание.

Севкупно, ранливоста е 57 од вкупно 100 поени или 16 поени повеќе отколку во 2022 година. Според Индексот, најранливи се меѓуетничките односи кои имаат 69 од 100 поени.

Автори: Гентијана Пачаризи и Уран Хаџа

Оваа статија е развиена во партнерство со регионалната иницијатива Western Balkans Anti-Disinformation Hub, имплементирана од Фондацијата Метаморфозис, со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Содржината на статијата е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на партнерите и на поддржувачите на проектот.

 

hubmk

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција