Мајмунските сипаници не се нова однапред планирана „пландемија“

Фото: Pete LinforthPixabay

Тврдењето во објавата дека станува збор за „пландемија“ односно веќе однапред смислен план, се базира на симулациската вежба која се одржала на Минхенската конференција (МСЦ) во март 2021 година, наречена „Зајакнување на глобалните системи да се спречи и да се одговори на биолошки закани со високи последици“. Она што се симулирало со оваа вежба, а не е истакнато во Фејсбук објавата, е дека почетната епидемија била предизвикана од терористички напад со употреба на патоген, конструиран во лабораторија со несоодветни одредби за биосигурност и слаб надзор

Тврдењето во објавата дека станува збор за „пландемија“ односно веќе однапред смислен план, се базира на симулациската вежба која се одржала на Минхенската конференција (МСЦ) во март 2021 година, наречена „Зајакнување на глобалните системи да се спречи и да се одговори на биолошки закани со високи последици“. Она што се симулирало со оваа вежба, а не е истакнато во Фејсбук објавата, е дека почетната епидемија била предизвикана од терористички напад со употреба на патоген, конструиран во лабораторија со несоодветни одредби за биосигурност и слаб надзор

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека епидемијата на мајмунски сипаници која СЗО ја прогласи за глобална здравствена криза, била однапред планирана „пландемија“ и истата била „пророчки“ најавена уште во 2021 година.

СЗО прогласи глобална здравствена криза, заради епидемијата на мајмунски сипаници.

Ова е втор аларм со прогласувањето на Мајмунските сипаници во последните две години, што ја нагласува потребата за координиран меѓународен одговор.

Треба да кажеме НЕ и на оваа ПЛАНДЕМИЈА, бидејќи таа веќе беше „пророчки“ најавена на една тркалезна маса, која се одржа во март 2021 година.

Во таа прилика се направи вежба, односно симулација за одговор на светска пандемија од Мајмунски сипаници,  која вака беше “пророкувана”:

 „Сценариото за вежбање прикажа смртоносна, глобална пандемија која вклучува необичен вид на вирус на мајмунски сипаници што се појави во измислената нација Бринија и се рашири глобално во текот на 18 месеци. На крајот, сценариото за вежбање откри дека првичната епидемија била предизвикана од терористички напад со употреба на патоген, конструиран во лабораторија со несоодветни одредби за биосигурност и биосигурност и слаб надзор. До крајот на вежбата, измислената пандемија резултираше со повеќе од три милијарди случаи и 270 милиони смртни случаи ширум светот.

Новата Пландемија веројатно ќе донесе нови задолженија да примиме 💉 во нашите тела, стои во објавата.

Пандемија е појава на заразна болест која се јавува на широка географска област и која е со висока распространетост. Пандемијата генерално погодува значителен дел од светската популација, обично во текот на неколку месеци.

Во ситуацијата со мајмунските сипаници не станува збор за пандемија. Светската здравствена организација (СЗО) на 14 август ја прогласи актуелната епидемија на мајмунски сипаници во Африка за глобална здравствена криза. СЗО свикала итен состанок на Комисијата за сипаници поради информацијата дека смртоносниот сој на вирусот стигнал до четири африкански региони кои претходно не биле погодени од него. Овој сој претходно беше ограничен на ДР Конго.

Ваквата информација беше доволна за да почнат да се шират лажни вести и теории на заговор во врска со епидемијата на мајмунски сипаници и неосновано да се тврди дека оваа „пландемија“ била однапред планирана.

Освен што не се работи за пандемија, не станува збор ниту за „пландемија“ – широко распространет термин кој наголемо го користеа антиваксерските движења за коронавирусот, за некаков крајно непрецизен „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија.

Тврдењето во објавата дека станува збор за „пландемија“ односно веќе однапред смислен план, се базира на симулациската вежба која се одржала на Минхенската конференција (МСЦ) во март 2021 година, наречена „Зајакнување на глобалните системи да се спречи и да се одговори на биолошки закани со високи последици“. Симулацијата беше иницирана од Иницијативата за нуклеарна закана (НТИ) како дел на МСЦ, за да го сврти вниманието на недостатоците во глобалната координација на пандемијата.

Симулациските вежби се користат во многу контексти за да се подготват за сложени сценарија/безбедносни ризици и да се тренираат или прегледуваат процедурите. Фактот што сега постои такво сценарио покажува колку е тоа реално, но не докажува каузалност. Иако сценариото е доволно блиску, тоа не соодветствува со реалноста, пишува Дојче веле во својата анализа за лажните вести поврзани со вирусот на мајмунски сипаници.

Измисленото сценарио на вежбата прикажало смртоносна, глобална пандемија која вклучува необичен вид на вирусот на мајмунски сипаници, кој прво се појавува во измислената земја Бринија и потоа з 8 месеци се раширил на глобално ниво .

Она што се симулирало со оваа вежба, а не е истакнато во Фејсбук објавата, е дека почетната епидемија била предизвикана од терористички напад со употреба на патоген, конструиран во лабораторија со несоодветни одредби за биосигурност и слаб надзор. Сценариото на вежбата завршува со повеќе од три милијарди случаи и 270 милиони смртни случаи ширум светот.

Целта на вежбата била да ги утврди празнините во националните биосигурности, исто како и во  меѓународната биосигурност, понатаму подготвеноста за пандемии и истражување на можностите за подобрување на способностите за превенција и одговор за биолошки настани со високи последици. Вакви вежби, за различни аспекти од системот за заштита и спасување, се правеле и ќе се прават и не претставуваат никаква невообичаена практика.

Освен дека станува збор за мајмунски сипаници, ништо друго од симулациската вежба не одговара на сегашните случувања. Впрочем, во вежбата се симулира дека се работи за „необичен вид мајмунски сипаници“, дека е „вирусот е креиран во лабораторија“ и дека станува збор за „терористички напад“. Ниту една од овие клучни карактеристики не се поклопуваат со сегашната реална ситуација.

Инаку, мајмунските сипаници не се ништо ново. Неколку илјади случаи се пријавуваат секоја година, речиси сите во Африка.

Вирусот кој стои зад мајмунските сипаници е близок до оној што предизвикува мали сипаници, но е помалку смртоносен и помалку пренослив, предизвикувајќи симптоми кои вклучуваат треска и осип. Се нарекуваат мајмунски сипаници затоа што биле откриени во колонии на мајмуни користени за истражување во 1958 година.

Според Светската здравствена организација луѓето можат да го пренесат еден на друг овој вирус преку контакт со телесни течности, лезии на кожата или мукозни површини, како што се устата или грлото.

Имајќи го предвид сето погоре, тврдењето во објавата дека по неколкуте случаи на мајмунски сипаници, се подготвува нова пандемија, односно „пландемија“, го оценуваме како неточно.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција