Манипулација со снимка од инцидент во Киев на 9 Мај

Фото: Принтскрин видео

Полицајци во Киев спречија пензионерка да положи цвеќе на споменик посветен на антифашистичката борба, но не заради некаков наводен неонацизам, кого сега некои им го припишуваат, туку затоа што пензионерката носи со закон забранета симболика

Полицајци во Киев спречија пензионерка да положи цвеќе на споменик посветен на антифашистичката борба, но не заради некаков наводен неонацизам, кого сега некои им го припишуваат, туку затоа што пензионерката носи со закон забранета симболика

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук од 10.5.2024 г. содржи видеоклип со следниот опис:

Гордана се обидува да положи цвеќе за својот татко партизан спречена од полицајци од европскиот ѝ другар Зеленски

Авторот на објавата како да сака да направи сатира од неодамнешната размена на поздрави и честитки меѓу претседателите на Украина и С. Македонија, Володимир Зеленски и Гордана Сиљановска-Давкова, но заедно со тоа го турка и лажниот путински наратив дека „Украинците се неонацисти“. Сатирата е сосема легитимна работа, но манипулирање на публиката со клип, без да ѝ се објасни што точно се случува во него, не е легитимно.

Онака како што е објавен, клипот создава впечаток дека украински полицајци спречуваат пензионерка да положи цвеќе на споменик посветен на антифашистичката борба, и тоа на 9 Мај, кој во бившиот СССР, кајшто спаѓала и Украина, бил празнуван како Ден на победата над фашизмот. На тоа, еден фејсбук-корисник коментира:

Наци нација

Друг, пак, ја споделил таа објава со зборовите:

Нацизмот на Зеленски

Очигледно, многумина паднале на оваа манипулација со клипот, но реалноста е многу поинаква. Полицајците во клипот говорат на украински, а пензионерката на руски, од што познавачите на овие јазици сфаќаат дека не е проблем тоа што таа сака да положи цвеќе, туку тоа што таа носи забранета симболика – советска воена униформа, накитена со советски ордени, како и војничка капа со црвена петокрака со срп и чекан.

Полицајците во клипот учтиво укажуваат дека тој имиџ е забранет со Законот за осуда на комунистичкиот и нацистичкиот тоталитарен режим, донесен во Украина на 9.4.2015 г., но пензионерката се прави како да не знае, иако очигледно се интересира за политика и не може да не разбрала за тој закон. Некои тука ќе запрашаат зарем е демократски нешто да се забрани, но тоа е оправдано за екстремни и тоталитарни идеологии како нацизмот, исламизмот или комунизмот, со кого Украина имала крајно негативно искуство.

Од забраната за комунистичката симболика во Украина се изземени само советските ветерани од антифашистичката борба, но пензионерката, за која тука говориме, не спаѓа во нив. Според штурите податоци од украинските медиуми, таа е родена во 1949 или 1950 г. Нејзиното име е Галина Савченко, а таа се претставува како некогашен поручник на советската армија и член на Сèукраинскиот сојуз на советски офицери (укр., рус.), но за тоа здружение на граѓани не се знае многу, а ни за нејзината наводна воена кариера.

Приказната за тоа зошто Украинците ја забранија комунистичката симболика и зошто сега се случуваат инциденти како овој со Савченко е следна. Украинците страдале под Руската Империја, од која се осамостоиле при нејзиниот распад во 1917 г., под називот Украинска Народна Република (УНР). Нејзините лидери биле национално обоени левичари, но тие биле недоволно левичари во очите на соседна Советска Русија на чело со Ленин. Тој ја нападнал УНР и ја задушил во крв, при што воспоставил марионетски режим, Советска Украина, која во 1922 г. насилно ја вклучил во новоформираниот СССР.

Во СССР, Украинците умирале од глад заради колективизацијата во 1930-тите (т.н. Гладомор) и во сталинските чистки врз интелигенцијата (т.н. Стрелана преродба), а страдале и во сибирските затворенички логори – гулаги и во Чернобилската катастрофа. Во 2014 г., Украина стана мета на агресивната политика на Руската Федерација, која е горд и официјален продолжувач на СССР и која доста пропагира советска носталгија.

Ете затоа Украинците го забранија комунизмот со закон, а на тоа додајте го фактот дека Савченко е одамна позната по своите испади и по својата поддршка за т.н. Донецка Народна Република, што е крајно провокативно во една земја, која толку страдала од комунизмот и која и сега страда од руската агресија, па затоа и доаѓа до вакви инциденти.

Инаку, Савченко многу наликува на она што во бившиот СССР се нарекува „ряженые ветераны“ (што на руски значи лажни, маскарадни ветерани). Тоа се луѓе кои сакаат да се облекуваат во униформи и да се китат со незаслужени ордени, а во недостаток на истите, тие користат јубилејни значки или сл. Така, кај Савченко беше забележан „орден“ со ликот на Сталин, што се испостави дека е некаква значка од Комунистичката партија на Руската Федерација од 2009 г., а не борбено одликување.

Објавата што тука ја рецензираме, ги премолчува сите овие факти, кои би ѝ помогнале на јавноста да добие целосна слика за настанот прикажан во клипот, па заклучуваме дека таа објава страда од недоречености, односно од недостаток на контекст.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција